Александра Дилевска, извршен директор за С. Македонија и Хрватска и оперативен директор за Јадранскиот Регион, „Публицис груп“
Што и да сакаме да напишеме во овој период или година, неминовно нè води во дискусија каде што еден од најважните фактори е пандемијата. Дали е бизнис, семејство, школување, одмори, работа, забава... Па и овој краток осврт за InStore не може да ја заобиколи таа тема.
Кога ќе споредам како беше минатата година во ова време, мислам дека оптимизмот расте. Пофлексибилни сме. Се приспособивме. Можеби не е дефинитивен крај на пандемијата, но поискусни сме, побрзи сме, подигитални сме - и поотпорни сме.
Сите се обидуваме да предвидиме што ќе донесе иднината која сега така брзо се приближува. Кои трендови ќе останат, кои ќе пројдат како хит на моментот, што ќе се развива понатаму, колку голем дел од нашите животи ќе преземе технологијата. Дали лесно ќе се откажеме од приватноста и нашите податоци за да добиеме поголема сигурност, информации или поголема кастомизација кон нашите потреби на платформите за купување, патување, информирање, дружење, кои се голем дел од нашиот живот? Дали е ок да знаат што, кога и каде сме купиле последен пат, каде и со кого сме биле, каде ни е паркиран автомобилот, што нè интересира - и да знаат за нас и нашето однесување повеќе отколку што самите знаеме, само за да добиеме „поперсонализирано“ искуство при купувањето.
Брендовите ќе треба да се потрудат, да бидат иновативни и креативни и да понудат забава и интересно искуство за купувачите во виртуелниот свет.
Кои промени ќе се случат на продажните места ако плаќаме со препознавање на глас или лик, и како тоа ќе влијае врз новиот customer journey? Дали продавачите во маркетите ќе бидат заменети со роботи или паметни уреди за наплата? Или сепак ништо не може да ја замени човечката интеракција. Дали навистина ќе сакаме да имаме шопинг-искуство со само еден клик – или луѓето сепак ќе сакаат малку забава во купувањето. За мене сè уште важи терминот retail therapy и сакам купувањето да биде забавно. Она што експертите ни укажуваат дека во онлајн-просторот за купување ќе биде тешко продажните синџири и брендови да направат диверзификација: дигиталниот продажен простор е достапен и за малите и за големите, има нови правила и бариери за влез. Брендовите ќе треба да се потрудат, да бидат иновативни и креативни и да понудат забава и интересно искуство за купувачите во виртуелниот свет.
Колку и да се возбудуваме од можностите што ги нуди вештачката интелигенција, алгоритмите што ги приспособуваат платформите токму кон нас, и колку и да звучат кул виртуелните светови или Metauniverse, и продавници кои се виртуелна слика на реалните – понекогаш се и застрашувачки. Но, сигурна сум дека човештвото ќе знае да се справи со овие предизвици. Во меѓувреме да внимаваме на знаците на патот кои се баш сега пред нас и повремено да фрламе поглед на хоризонтот – верувам дека ќе биде возбудливо и брзо патување.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.