Актуелно

Горан Теменугов: Отворен ум или немаме излез

09 сеп 2021

„Мини шенген“, „Опен Балкан“ или „Отворен Балкан“ е иницијатива која во овие летни, многу топли денови дополнително го вжешти економско-политичкиот воздух во Македонија. Иако паралелно со оваа тема во јавноста се тркалаа уште неколку значајни прашања, како висината на јавниот долг, кој забрзано оди кон плафонот од 65% од БДП и може да го пробие, ребалансот на буџетот, спорниот Закон со кој директно ѝ се дава на американско-турската компанија „Бехтел – Енка“ да гради автопатишта низ Македонија, сепак „Отворен Балкан“ е она што можеби ќе ја дефинира економската иднина на државава. За оние што пропуштиле, три работи се договорени во Скопје.

 

Тоа се:

  • заедничка реакција на природни и други катастрофи;
  • дозвола на граѓаните да работат во нашите држави;
  • помош за стоките да се движат без непотребно одложување.

Ќе се задржиме на третата точка. Вака сувопарно пренесено таа не значи ништо. Но, на прес-конференцијата, при претставувањето на овие меморандуми, беше кажано дека до 1 јануари  2023 меѓу Македонија, Албанија и Србија нема да има граници. Односно, граѓаните и, пред сè, стоките ќе се движат слободно. Ова значи дека стока што ќе треба да заврши во Нови Сад, Србија или во Елбасан, Албанија, а влегла на македонско-грчката граница, ќе биде царинета и контролирана само кај нас, а не и на другите гранични премини.

Српскиот претседател Александар Вучиќ го најави датумот кога треба да почне да функционира ваквиот режим на соработка. Значи, останува помалку од една и пол година за да се усогласи дигиталното поврзување за проверка на сите документи и да се поврзат софтверите за ДДВ.

На прв поглед ова изгледа лесно и дека ќе се среди едноставно, секако, откако има политичка волја кај трите држави. Но, ако малку се живее во реалноста, може да се очекува дека ова ќе биде страшно тешка работа. Ќе бара енормен ангажман и водство од професионална администрација која ќе работи посветено и стручно на решавање на проблемите, кои ќе бидат големи. Почнувајќи од тоа што во сите три земји се зборува на три различни јазици. Па тука се различните и веројатно целосно некомпатибилни софтвери за кои не верувам дека можат лесно да се вмрежат. Потоа, веројатно имаме сосема различни стандарди на работа, различни нивоа на отвореност на овие софтвери, но и достапноста на податоците што можат според закон да се делат.

За да успее „Отворен Балкан“, ќе треба сериозно да се менуваат закони. А за да се менуваат, треба општ консензус дека оваа идеја е добра во секоја од трите земји.

За да успее сево ова, ќе треба сериозно да се менуваат закони. А за да се менуваат, треба општ консензус во секоја од трите земји дека оваа идеја е добра. Поради политичката клима, најверојатно една ваква сложена операција најлесно ќе се спроведе во Србија. Потешко ќе биде во Албанија, но и таму веројатно ќе се протурка. Но, во Македонија веќе ќе биде интересно да се следи развојот на настаните. Веќе се навестува каде ќе бидат проблемите. Дел од експертската јавност вели дека за да успее оваа идеја, во неа мора да бидат вклучени и Црна Гора, Босна и Херцеговина и секако Косово. А официјална Приштина експресно ја отфрли оваа идеја и ја оцени како опасна за регионот и за евроинтеграциите.

А владата на Косово има сериозна поддршка од опозициските партии на Албанците во Македонија. Тоа значи дека нашата опозиција, која се труди да ја продлабочи соработката со владата на Албин Курти, може да го опструира целиот процес. Едноставно, официјална Приштина ќе се обиде да ја спречи Србија да биде регионален играч и да останат само евроинтегративните процеси, каде што еден од клучните услови е признавање на Косово. Од друга страна, пак, македонската опозиција од редовите на Албанците ќе смета на поддршка прво на локалните избори од Курти, па потоа, во зависност од резултатите, можеби и на предвремени парламентарни избори. Опозицијата од редовите на Албанците сака да го прелее ефектот „Самоопределување“ и во Македонија, односно да го убеди албанското гласачко тело дека е време за промени како и на Косово. Во вакви услови, прашање е дали идејата за регионално поврзување на трите земји ќе се реализира толку лесно. Но, да почекаме и да видиме.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...