Актуелно

Горан Теменугов: Предизвици

23 апр 2021

Горан Теменугов, новинар

Неверојатно. Лидерите на СДСМ, Зоран Заев, и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, седнаа лице в лице, сами, без лидери од други партии и конечно нешто се договорија. Познато ѝ е на јавноста дека договорот значи одложување на теренскиот дел од пописот за септември, измени на Изборниот закон за поместување на локалните избори за десетина дена, значи кон крајот на октомври, и воведување читачи на отпечатоци при гласањето. Ова беа барања на опозицијата. За возврат, опозицијата вети дека ќе го одблокира работењето на Собранието и, пред сè, носењето на законите кои се дел од петтиот сет мерки за помош на граѓаните и стопанството.

Ваквиот расплет е единственото разумно решение, иако во Македонија одамна разумот не е нешто со кое се гордееме и може да се пофалиме.

Значи, нешто, конечно тргна како што би требало. Нема да навлегувам дали е добро двајца лидери надвор од Собранието да решаваат за работи кои се во надлежност на законодавниот дом, но ете, за општо добро ќе кажеме дека ќе се голтне и ова. Само работите да се поместат од мртва точка и да се направи барем ваков срамежлив обид да се надминат хаосот и големата политичка криза.

Но, прашање е дали лидерите на партиите ќе извлечат поука од досегашните случувања и во иднина ќе почнат нормално да комуницираат, бидејќи работите во економијата бараат малку посериозен пристап. На ковид-кризата како да не ѝ се гледа крајот, меѓу другото, и затоа што Македонија ем малку, скоро ич не вакцинира граѓани, оти власта се покажа баеги неспособна да набави вакцини, ем затоа што државава е меѓу земјите со најголема смртност на милион жители. Ова го забележа и Светската банка во својот последен извештај објавен последниот ден од март. Забележаа и дека Владата се опуштила во задолжувањето и во буџетската помош и субвенционирањето на граѓаните и фирмите и дека полека треба да се намали тоа. Повикаа и на структурни реформи кои би требало да се забрзаат како што ќе се доближуваме до ЕУ, односно ако воопшто го добиеме долгоочекуваниот датум за преговори, бидејќи Бугарија сигурно нема така лесно да се откаже.

Најголемите партии ќе мора да седнат на маса и конечно да се договорат кои економски политики ќе опстојуваат без разлика која партија или коалиција е на власт.

Во меѓувреме ќе мора Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, Зијадин Села и Африм Гаши да се договорат кои економски политики ќе опстојуваат без разлика која партија или коалиција е на власт. Ќе мора да се отворат неколку горливи прашања, а тоа е каков даночен модел ќе имаме во иднина и тој да не се менува барем десетина години. Ќе треба да се реши дали ќе се напушти рамниот данок, кој веќе не ги дава посакуваните резултати и ја зголеми нееднаквоста, и ќе се воведе прогресивно оданочување. Ќе мора да се седне и да се договорат реформите во образованието, кои сега ги почна министерката Мила Царовска и кои би требало во иднина на пазарот на труд да исфрлат обучен кадар кој ќе биде употреблив за стопанството. Овој кадар би требало да ја зголеми продуктивноста, која ќе зависи и од тоа дали ќе се преструктурира индустријата и ќе почне да произведува производи со поголема додадена вредност. Ќе мора да се стави на маса како до реално, а не административно зголемување на минималната плата и како да се подобри продуктивноста која во Македонија не само што е ниска, туку и поради ковид-кризата опаѓа. Ќе треба да се зборува и како во иднина ќе се сервисира јавниот долг, но и ќе се обезбеди пораст на економијата кој ќе биде поголем од каматите со кои се задолжуваме дома и во странство. Ако лидерите не седнат да разговараат за овие прашања, тогаш сите нивни средби ќе бидат како и досега, само чисто политикантство и борба за гола власт, без трошка желба да се подобрат вистински работите.  

*(Текстов го пишувам кога работите сè уште не се расчистени, но веројатно кога ќе биде објавено ова, сè ќе биде позитивно решено, односно пописот ќе биде одложен, а Законот за државјанство одблокиран, а со тоа и Собранието).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...