Актуелно

Горан Теменугов: Лет во место

23 дек 2020

Иако постојано се вели дека се реализираат инфраструктурни проекти, за десетте месеци од годинава остварени се само 48,64% од планираните капитални инвестиции. Сепак, и покрај лошата реализација, повторно се оди на нивна класична претстава.

Пишува: Горан Теменугов, економски новинар

Декември е месецот кога Собранието треба да го усвои Буџетот за наредната 2021 година. Горе-долу јавноста веќе е запознаена со основните црти на овој најважен економски документ за една држава. Се предвидува бруто-домашниот производ наредната година да порасне за 4,1%, ќе се потрошат четири милијарди и 25 милиони евра, а ќе се соберат само три милијарди и 457 милиони. Ова значи дека дупката ќе биде 568 милиони евра. Дополнително, токму наредната година ќе треба да вратиме 700 милиони евра стари долгови, што значи дека догодина задолжувањето ќе биде една милијарда и 250 милиони евра. Со ова јавниот долг ќе се движи околу 61% од бруто-домашниот производ. И, секако, треба да се знае дека буџетскиот дефицит за наредната година од 568 милиони евра не е рекорден, туку дупката за оваа година е историски најголема и изнесува 919 милиони евра. Значи, за две години, за 2020 и 2021 Владата потрошила и ќе потроши 1.487.000.000 евра, пари кои ги нема, односно не може да ги собере со даноци и други давачки.

Вообичаено, да беа нормални, а не ковид-времиња, ваквите бројки би ме извадиле од памет. Но, поради неколкумесечното затворање на економијата и потребата цели гранки и огромен број граѓани да се помагаат со кеш пари од буџетот на државата, сепак, би рекол, што се мора, ќе се прифати. За наша жал, поради слабоста на македонската економија и континуираното зголемување на долгот во изминатава деценија, ние реално дојдовме до нивото над 60% од БДП.

Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, човек кој иако доаѓа од универзитетската фела, има големо бизнис-портфолио во приватниот сектор, во интервју за МИА истакна дека буџетот за 2021 година може да се опише во пет збора: реален, стратешки, ревитализирачки, развоен и транспарентен. Најавува силен инвестиционен циклус, при што сите буџетски корисници што имаат капитални расходи ќе мора да исполнуваат квартални цели за да им останат парите. Ако не, ќе им бидат земени и насочени кај оние што подобро ги трошат. Замислата е фина, замислата е добра.

За капитални инвестиции се планираат околу 370 милиони евра. Ова е на ниво на буџетот од 2019, и во суштина целиот буџет за наредната година е сличен како тој пред две години. 2020 едноставно е изгубена. Прашање кое реално се поставува е дали воопшто ќе се потрошат парите за капитални расходи. Иако преку една година Владата се фалеше дека гради инфраструктурни проекти, за десетте месеци од годинава реализирани се само 48,64% од планираните капитални инвестиции. Секако, овој процент е во споредба со последниот ребаланс изгласан на почетокот од ноември. Во однос на иницијалниот буџет за 2020, реализацијата би била само 39%.

Сепак, она што ме плаши е дека и покрај вакви лоша реализација, повторно се оди на класичната претстава за капитални инвестиции. Но, она што го работат сите други, особено оние земји што сакаат да го фатат приклучокот во економијата е инвестирањето во екологијата. Во промената на индустријата и приспособување на циркуларната економија која веќе е тренд. Наместо заклучок, во замачканиот графикон кој е објавен во ПДФ-фајлот од Буџетот за 2021 на веб-страницата на Финансии, за животна средина ќе се дадат цели 0,5%, или грубо околу 20 милиони евра.  

За многумина токму инвестирањето во екологијата, требаше да биде факторот кој во иднина ќе ја раздвижи економијата. Кај нас, таа ќе чека подобри времиња и посвеж и постратешки приод на некоја идна власт.

* Текстот е објавен во InStore, бр. 82

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Руски гигант отвори маркет во Србија

03 фев 2021

„Барила“ го купи „Катели“ за 107 милиони евра

03 фев 2021

Швајцарците почнаа да прават чоколадо во Србија

03 фев 2021

Горан Теменугов: Надежта последна умира

03 фев 2021

„Лидл“ се регистрираше во Македонија

03 фев 2021

Дел од Балканот повторно се затвора

03 фев 2021
Вчитува уште новости...