Скриената порака на Corona, бренд во сопственост на пивскиот гигант „АБ Инбев“, се открива со помош на сончевите зраци во специфичен дел од денот.
Како дел од огласувачките активности за кампањата „100% природно“, брендот Corona постави уникатен билборд во британскиот град Брајтон.
На видеото се гледа еден навидум обичен жолт билборд со етикета на Corona, поставен на дрвена рамка, чија лева страна по должина е прекриена со зеленило. Сепак, овој билборд крие една „тајна“ порака, која се открива со помош на сончевите зраци во специфичен дел од денот.
Имено, за време на „златниот час“ во Брајтон, односно во периодот на зајдисонцето меѓу 18:30 и 18:45 часот, сончевите зраци паѓаат под одреден агол врз зеленилото. Сенката се рефлектира на билбордот и создава силуета на шише пиво со испишана порака: Made From the Natural World (направено од светот на природата). За време на „златниот час“, појавувањето на скриената порака беше придружувано со акустична музика во живо, поддржана со засилувачи на соларна енергија.
Corona верува дека најдобрите работи се направени од светот на природата. Од природните состојки што ги користиме за да го свариме нашето пиво, до мисијата да им помогнеме на повеќе луѓе повторно да се поврзат со природата... Сега ја прошируваме оваа идеја и во нашето рекламирање, вели Ирини Комодикис, маркетинг-директорка на Corona за Европа.
Таа додава дека дизајнот на билбордот значи дека брендот се откажал од контролата и дозволил да завладее моќта на сонцето, а Брајтон не е случајно избран. Имено, овој град од неодамна е крунисан за најеколошки и со најголема свест за одржливост во Обединетото Кралство.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.