Работење

Гордана Кадоиќ: Лидерство во време на криза

26 авг 2020

Времето за промени воедно е и можност за трансформација, воведување нови алатки за работа, автоматизација на процесите или можеби воведување онлајн-продажба

Автор: Гордана Кадоиќ, бизнис-консултант, „Адриа корпорејт едукејшн“, gordana@adria-corporate.com

Во овие несигурни времиња единствено сигурна константа е ПРОМЕНАТА. Да се биде отпорен на промените не е лесно, но постојат техники и начини на размислување со кои може да се насочи фокусот на позитивни нешта.

Трендовите што го обликуваат нашиот современ живот се многу сериозен аспект и нè ставаат под голем притисок, така што нашиот организам со време учи да се носи со нив. И затоа денес постои стрес во толкаво изобилство, како и депресија, анксиозност,
зависности. Па кога на тоа ќе ги додадеме големите промени што го опфатија светот, човек се чувствува беспомошно.

Сега е време да се пуштат стручните лица во нашиот живот за, пред сè, да се освестиме дека не е сè толку страшно како што сме мислеле. Во секој случај имаме избор, па така и сега – да мислиме со својата глава, а не за нешто што други ни го наметнуваат. Да не
дозволиме негативните мисли целосно да нè обземат, бидејќи тогаш не е лесно да се води бизнисот, ниту луѓето.

А што е со вас што сте лидери? Имате ли право да бидете загрижени во некој момент? Секако дека имате право, само што освен за своето работење имате одговорност и за својот тим, па им препорачувам на сите што имаат „тенки“ нерви да создаваат позитивни
навики во време на промени. Немојте да размислувате како да сте жртва на ситуацијата, туку поттикнете позитивни размислувања кај членовите од тимот, сè додека тоа не ви стане навика.

Водењето на тимот ниту во редовни околности не е лесно, а особено не во време на кризи и големи промени. На сите вам што носите одлуки, водите бизнис и се грижите за своите тимови во вонредни околности ви го посветувам овој текст и советите во него:
- Како да донесете одлуки во време на криза или промени?
- Како да комуницирате во кризни времиња?
- Како да го организирате работењето и да се приспособите?

- Како да ги задржите оптимизмот, тимскиот дух и мотивацијата во тимот?
- Како да извлечете максимум од секој член на тимот?

Улогата на лидерите во време на криза е да ја осигури стабилноста, да управува со времето, да носи одлуки, да се бори против оние што не ги сакаат промените, да биде подготвен да „скокне“ во нови предизвици.

Секогаш имајте на ум какво влијание имаат овие промени врз: вработените, купувачите/клиентите, доставувачите, сопствениците или акционерите, јавноста и врз вредноста на компанијата. Главно, промената е изненадна ситуација бидејќи ретко кој ја планира, но не мора нужно да биде закана за организацијата и за работењето. Многу често е дефинирана со краток период за донесување одлуки, поради што лидерите ги става под уште поголем притисок.

Затоа сега повеќе од кога било е потребно да се земе малку време и со својот тим да се дефинира кризниот план кој мора да биде дел од стратешкиот план за работење на секоја компанија. Тоа е збир на процедури кој содржи улоги и одговорности во различни процеси, а содржи:
1. Елементи за заштита и превенција;
2. Акциски план кој ги минимализира загубите и штетите;
3. Активности за стабилизација и постапки за заздравување;
4. Предлози, совети и извештаи за одговорните лица.

Се надевам дека веќе имате акциски план, периодот за стабилизација ќе трае сè додека се спроведат донесените мерки, а периодот на заздравување ќе трае додека работењето не се врати, барем, на ниво на кое било пред да се случат промените. Кога носите одлуки, не бидете импулсивни, прашајте ги и другите за мислење и обидете се да размислите за можностите што се спротивни на вашиот вообичаен начин на размислување.

Честопати се прашуваме дали кризата е можност за некои новости или нè води во пропаст. Би кажала дека тоа зависи од нашата перцепција. Секој треба да си одговори самиот на себе што во моментот е одржливо во вашето работење, каде се најголемите предизвици, дали вашите купувачи ги менуваат навиките, може ли да го дигитализирате работењето и дали треба да го дисперзирате работењето во смисла приходите да доаѓаат од повеќе страни. 

Кога зборуваме за комуникацијата, најважно правило е интерната и екстерната комуникација да бидат усогласени, да сте транспарентни и отворени и сите да ја комуницираат истата порака, а вашата улога како лидер е сите да ја разберат пораката. 

Приспособувањето на промените подразбира и поставување приоритети, а тие се:
- Здравје и сигурност на вашите вработени;
- Заштита на вработените, како и на купувачите и доставувачите;
- Стабилизирање на работењето и финансиско планирање;
- Воведување промени и иновации во работењето;
- Мерки во делот на човечки ресурси.

Времето за промени воедно е и можност за трансформација, воведување нови алатки за работа, автоматизација на процесите или можеби воведување онлајн-продажба. 

Како да управувате за време на промените? Треба ли лидерот да биде тој што ќе води...или тој што дејствува смирено? Треба ли да се има чувство за луѓето или чувство за излез од ситуацијата? Кој во овој момент е подготвен да ги води работењето и луѓето, одговорот
е, тој што е подготвен многу брзо да се приспособи. Улогата на лидерите во време на криза е да ја осигури стабилноста, да управува со
времето, да носи одлуки, да се бори против оние што не ги сакаат промените, да биде подготвен да „скокне“ во нови предизвици и да бара од својот тим нови вештини, бидејќи старите заминуваат во неповрат. Освен приспособувањето на лидерот, во време на промени потребно е да се бара приспособување и од тимот за да не му поставува пречки на лидерот, да се приспособи на начинот на продажба, да преземе акција и превентивно да размислува, да учи и применува нови технологии, како и членовите на тимот повеќе да се поврзуваат и соработуваат. Мотивацијата и засилувањето на тимскиот дух е задача на сите членови на тимот, а не
само на лидерите, па се препорачува да бидат во постојана комуникација. 

И за крај сакам да порачам дека секогаш треба да знаете каква е ситуацијата со вашето работење, да го приспособите на промените во опкружувањето, а ако мислите дека тешко може да го унапредите работењето – побарајте совет од стручно лице.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Глобални синџири: Одржливост во секој поглед

17 јун 2020

Филип Лунески: Креативни решенија на клучни позиции

17 јун 2020

Што може да научиме од кризата со коронавирусот?

17 јун 2020

Е-продажба: Како до квалитетна содржина?

17 јун 2020

Филип Лунески: Препознавање на новата нормалност

17 јун 2020

Антонио Зрилиќ: Сет за преживување на коронавирусот

17 јун 2020
Вчитува уште новости...