Работење

Мирта Фрајсман Чобанов: Нов код на лидерство

13 Aug 2018

Ако треба да одбереме клучна особина што го карактеризира лидерот што би сакале да го следиме, под претпоставка дека ги има сите лидерски вештини, тогаш тоа би била човечноста.

Автор: м-р Мирта Фрајсман Чобановделовен тренер, „Партус академија“

Постојат многу дефиниции за лидерството и уште повеќе за успешното лидерство. Од дефиницијата на Хари Труман, 33. претседател на САД, кој лидерството го дефинира како способност за уверување на луѓето за постигнување цели кои самите не би посакале да ги постигнат, до дефиницијата дека лидер е секоја личност што со зборовите и делата ги инспирира другите да бидат подобри, да прават добрини и да живеат подобро. Во статијава ќе се фокусираме на втората дефиниција и на описот на моделот нов код на лидерство (New Code Leadership) како иновативен начин на раководење.

Новиот код на лидерство е модел на управување кој се базира на управување со себеси и развој на исклучителноста на ментално ниво, а потоа и на исклучителноста во комуникацијата и во изведбата.

Исклучителноста на ментално ниво подразбира управување со личните емоции, енергијата, состојбите и со однесувањата, успешно планирање и поставување цели, одржување постојано високо ниво на мотивација, самодоверба, самосвест, фокус, концентрација, ментална цврстина, креативност и иновативност. Исклучителноста во комуникацијата се однесува на успешната (не)вербална комуникација, преговарањето, вештината за влијание, презентирање, вештини на водење и мотивирање на другите. Исклучителноста во изведбата подразбира континуирана продуктивност, проактивност, висок ангажман, дејствување во согласност со сопствениот интегритет и постигнување врвни резултати.

Успешниот лидер постојано ги развива сите наведени нивоа на исклучителност, со што обезбедува врвни резултати, континуиран раст и напредок. Ако лидерот ја негува само исклучителноста на ментално ниво, а не е добар во комуникацијата или презентацијата на сопствените идеи, неговите знаења и доблести нема да го предизвикаат посакуваното влијание. Од друга страна, ако тој е исклучителен во комуникацијата, но нестабилен во управувањето со себеси, ќе остава впечаток дека е нестабилен и несигурен.

Успешното лидерство се темели на 
развој на личната и на професионалната исклучителност, 
но и на изградбата на култура на доверба и грижа за другите луѓе.
 

Ако сакаме да бидеме успешни во раководењето, треба да се посветиме на развој на сите наведени карактеристики. Ако имаме проблем со лидерството, во согласност со моделот, може едноставно да го детектираме просторот за пораст и за напредок. Сепак, ако треба да одбереме клучна особина што го карактеризира лидерот што би сакале да го следиме, под претпоставка дека ги има сите лидерски вештини, тогаш тоа би била човечноста. Успешното лидерство се темели на развој на личната и на професионалната исклучителност, но и на изградбата на култура на доверба и грижа за другите луѓе. Довербата е многу тешко да се воспостави и да се изгради, а е многу едноставно да се уништи.

Затоа, ако сакате да создадете опкружување во кое луѓето ќе ве следат затоа што сакаат, а не зашто мораат, во продолжение се дадени неколку идеи како да го постигнете тоа.

  1. Првенствено, бидете човек. Постои ли воопшто некој што за лидер сака да има личност што личи на робот и е ориентирана исклучиво на постигнувањето резултати? Долги години се сметаше дека лидерот не смее да покажува ранливост и дека треба да биде недопирлив. Сепак, тешко е вистински да се поврземе со лидер што се однесува на тој начин. Дехуманизацијата на работните места е погрешна, а ефектите ги почувствуваа многу компании. Да се биде добар лидер значи да се изгради култура во која е во ред да се погреши, додека се учиме од грешките и растеме заедно.
  2. Поврзете се со луѓето. Негувајте отворена, директна и искрена комуникација кон луѓето што ги водите. Со тоа ја зголемувате веројатноста дека истото тоа ќе го добиете назад. Поголемиот дел од нас длабоко чувствуваат дали другата личност навистина се грижи за нас или само манипулира. Кога навистина ќе покажете грижа за луѓето, и тие ќе покажат иницијатива и грижа за вашиот успех и за успехот на компанијата.
  3. Освестете се за сопствените сили и слабости. Колку што сте посвесни за своите способности, сили, но и простор за напредок, толку полесно ќе можете да ја насочите енергијата кон сопственото унапредување. Настојувајте целосно да бидете искрени кон себе и храбро барајте повратна информација. Бидете подготвени и да ја примите. Освен тоа, настојувајте да им дадете и што поискрена повратна информација на другите.
  4. Не користете ги процедурите и правилата како сопствена заштита. Сокривањето зад правилата и процедурите за да се избегне преземањето на целосната одговорност е кукавички пристап и како таков го препознаваат и луѓето. Ако поголемиот дел од времето го користите проверувајќи дали луѓето ја работат својата работа во согласност со стриктните правила и процедури, веројатно нешто не е во ред. Тоа е знак на недоверба и лоша организациска клима. Успешните лидери не бараат начин како да се заштитат и сокријат зад правилата, туку како да се поврзат со луѓето и да им помогнат да бидат подобри.
  5. Не набљудувајте ги ситуациите и луѓето со црно-бели очила. Наједноставно е луѓето да се окарактеризираат како добри или лоши, способни или неспособни. Меѓутоа, луѓето најчесто функционираат во „сивата“ зона, а водењето различни луѓе во слични ситуации може да се разликува, исто како и водењето една иста личност во различни ситуации. Украдете малку време и набљудувајте ја посебно секоја ситуација и поединечно секоја личност. Покажете искрен интерес за напредокот на секој поединец.
  6. Бидете храбри и силни, но понекогаш побарајте и помош. Дури и најголемите лидери признаваат дека понекогаш им е потребна помош. Одвреме-навреме побарајте помош од луѓето што ги водите, дајте им го чувството на важност и изградете меѓусебна доверба. Прикривањето на сопствените слабости честопати се рефлектира преку штетни однесувања, како самоодбрана и агресивност, кои речиси секогаш негативно влијаат врз комуникацијата и врз односите. Добрите лидери разговараат, слушаат, грешат и постојано учат.
  7. Вработете луѓе што се поинакви (и подобри) од вас. Ако сте опкружени со луѓе што се слични со вас и/или полоши, тоа дополнително ќе ги истакне вашите „дамки“ и ќе оневозможи развој на тимот и на компанијата. Вработете луѓе што во одредени области знаат повеќе од вас или што имаат доблести кои вам ви недостигаат. Сопствената сигурност градете ја преку континуирано учење и напредок.
  8. Поставете ги луѓето пред правилата и процесите. Поголемиот дел од правилата се поставени за да ги заштитат и да им помогнат на луѓето за подобро извршување на задачите. Правилата не треба да ги оневозможуваат луѓето во успешното извршување на работата. Кога тие ќе станат камен за спрепнување, внимателно послушајте што имаат да кажат луѓето и размислете.
  9. Не барајте го најлошото во луѓето, туку најдоброто. Ако тргнете од претпоставката дека луѓето ќе ја искористат вашата флексибилност и добрина, во најмала рака тоа претставува недоверба. Ако априори ги третирате луѓето како крадци и не им верувате, тоа може да ви се удри од глава како самоисполнувачко пророштво. Секако, не треба да одите ни во спротивната крајност и да бидете наивни. Важно е да ја пронајдете златната средина и да им верувате на луѓето, сè додека не се докаже спротивното.

Како што споменавме и на почетокот, постојат многу дефиниции за лидерството и уште повеќе за успешното лидерство. Во текстов ја разработивме дефиницијата за успешно лидерство втемелена врз развојот на исклучителноста на лично и на професионално ниво, но и врз изградбата на култура на доверба и грижа за луѓето.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...