Работење

Мирта Фрајсман Чобанов: Како да бидете и да останете во зоната

28 Jun 2018
Зоната е состојба на целосен фокус и концентрација, кога во прв план е посветеноста на работата или на задачата, а свеста за себе, околината и за другите – останува во втор план. 
 
Автор: м-р Мирта Фрајсман Чобановделовен тренер, „Партус академија“
 
Наједноставно, зоната може да се опише како состојба во која се чувствуваме најдобро и остваруваме најдобри резултати. Секој од нас барем еднаш во животот бил во неа. Тоа е состојба кога губиме осет за времето и забораваме на гладот бидејќи сме задлабочени во тоа што го работиме. Зоната е состојба на целосен фокус и концентрација, кога во прв план е посветеноста на работата или на задачата, а свеста за себе, околината и за другите – останува во втор план. Чувството може да биде слично на медитација, а честопати вклучува и позитивни емоции, како наплив на ентузијазам или спонтана радост. Иако кај различни луѓе и во различни ситуации зоната е различна, сепак, почесто влегуваме во неа кога сме посветени на креативни активности.
 
Повеќето ја доживуваме зоната како состојба што спонтано нè преплавува и е надвор од нашата контрола. Но, тоа не мора да биде така. Можеме и сами свесно да ја создадеме кога ни е потребна.
 
Кога сме во зоната, 
донесуваме подобри одлуки, 
покреативни сме, 
поспособни за решавање на проблемите 
и за креирање иновативни решенија.
 
Еден од важните предуслови за влез во зоната е пронаоѓање идеален баланс меѓу вештините и способностите, од една страна, и предизвиците, од друга. Ако задачата е преедноставна, лесно ќе почувствуваме здодевност. Ако, пак, е претешка, може да почувствуваме фрустрираност или тегобност.
 
За да научиме да ја спознаеме и да управуваме со зоната, односно со состојбата „поток" (flow), како што ја нарекува унгарскиот психолог Михај Чиксентмихај, за почеток е потребно да се дефинираат нејзините елементи. Иако многу од нив може да бидат присутни истовремено, за да ја достигнеме таа состојба, не е важна присутноста на сите елементи, од кои најважните се:
 
  1. Силна концентрација и целосен фокус на активноста и задачата;
  2. Прецизно поставени, умерено тешки цели;
  3. Активност што сама по себе е награда;
  4. Недостиг од свесност за себе и за светот што нè опкружува;
  5. Целосен фокус на сегашноста и искривено поимање на протокот на времето
  6. Моментална повратна информација;
  7. .Извонреден баланс меѓу нивото на знаење, вештините и предизвиците;
  8. Чувство на лична контрола над ситуацијата и целите;
  9. Недостиг од свест за физичките потреби.
 
Како што напредуваат нашите вештини, со текот на времето се зголемува и способноста за поднесување стрес. Со други зборови, колку повеќе имаме знаење и искуство, во состојба сме да извршуваме покомплексни и попредизвикувачки задачи, притоа не изложувајќи се на фрустрација и тегобност. Менаџерите и лидерите треба да бидат свесни за тоа кога им доделуваат задачи на луѓето што водат, односно дека е потребно континуирано приспособување на задачите, во зависност од знаењата и способностите на секоја личност во тимот.
Освен тегобноста и фрустрацијата, тоа што најмногу може да нè оддалечи од зоната е мултитаскингот.
 
Всушност, мултитаскинг не постои – може слободно да го прогласиме за мит. Особено ако ги користиме истите делови од мозокот за одредена задача. На пример, додека слушањето класична музика не пречи при решавањето математички задачи, разговорот на мобилен со истовремено пишување текст е нешто што ќе резултира со пад на продуктивноста и ефикасноста.
 
Како да ги водите луѓето и да организирате работа во зоната
 
Ако сте менаџер и лидер, може да направите многу за да им овозможите на луѓето во тимот работа во зоната, со што ќе се зголемат продуктивноста и ефикасноста на компанијата.
 
  • Направете ги визијата и мисијата привлечни. Секој сака да се чувствува дека со својата работа придонесува за некоја повисока цел. Потрудете се секому да му ја објасните улогата во остварувањето на визијата и мисијата на компанијата, а посочете ги и конкретниот напредок и придонес.
  • Разбудете ги силата, вештините и квалитетите на луѓето што ги водите. За почеток, идентификувајте ги личните компетенции на секој во тимот. Доделувајте предизвикувачки, но не и претешки задачи, кои членовите успешно ќе можат да ги завршат самостојно или со помош на ментор, без ваша преголема интервенција.
  • Фокусирајте се и на краткорочните и на долгорочните цели. За да ги постигнете посакуваните краткорочни задачи, не потпирајте се само на еден ист вработен кој брзо и успешно ги решава задачите. Развивајте ги вештините и способностите на секој член од тимот, со што ќе обезбедите долгорочна продуктивност и ефикасност.
  • Создавајте различност. Различноста стимулира ангажман, но и можност за согледување на пошироката слика. Ако вработените работат различна работа, полесно ќе ја разберат поврзаноста меѓу задачата и нивната улога во остварувањето на визијата, мисијата и стратегијата на компанијата.
  • Создајте култура што поттикнува работа во зоната. Јасно поставете ги очекувањата и роковите, но обезбедете им на вработените и можност за непречено завршување на работните задачи. За да обезбедите континуитет на концентрацијата, понекогаш тоа значи и да причекате на одговорот на е-пошта.
  • Поттикнувајте развој на довербата и на автономијата. Премногу микроменаџмент оневозможува достигнување на зоната. Секому доделете му задача во согласност со позицијата и способностите, но препуштете му ја и довербата во нејзиното успешно завршување.
  • Јасно одредете ги одговорностите. Не постои нешто што повеќе фрустрира и демотивира од тоа да не се знае кој за што е одговорен. Јасно доделената одговорност ги намалува непотребните и непродуктивните состаноци, а ги зголемува мотивацијата и продуктивноста.
  • Брзи и ефикасни состаноци. Секој состанок треба да има однапред утврдена цел, да почне навреме и да трае колку што е предвидено. На состанокот треба да бидат повикани само клучните луѓе што се битни за донесување на одлуките или за извршувањето на задачите.
  • Прецизни приоритети и континуиран фокус. Не дозволувајте постојана промена на приоритетите или работа на повеќе проекти во исто време. Тоа ќе оневозможи одржување на квалитетно внимание и фокус.
  • Обезбедете можност за учење и напредок. Едукацијата, менторството и можноста за учење генерално ги подигнуваат нивото на способноста, зрелоста и вештините на вработените. Долгорочно, тоа значи и можност за доделување покомплексни задачи.
Работата во зоната е поефикасна, побрза, попродуктивна, ги подигнува мотивацијата и задоволството, а обезбедува и долгорочен успех на компанијата и на поединецот. Кога сме во зоната, донесуваме подобри одлуки, покреативни сме, поспособни за решавање на проблемите и за креирање иновативни решенија. Затоа, секое вложено време во создавање работа во зоната е добро вложено време.
 
Како сами да се ставите во зоната?
1.Работете ја работата што ја сакате или засакајте ја работата што ја работите. Доколку е можно, одберете работа што ја сакате или барем засакајте некои нејзини аспекти. Што и да одберете, настојувајте да работите со полн ангажман, ентузијазам и страст.
2.Пронајдете ја смислата во тоа што го работите. Најпрвин, завршете ги најважните задачи, а не наједноставните. Посветете им се на задачите со кои сакате да обезбедите долгорочно позитивно влијание врз работата и кариерата. Дури и кога работите задачи што се рутински, обидете се да им дадете смисла. Можете сами со себе да се натпреварувате за да ги завршите побрзо, подобро, или на нов иновативен начин.
3.Предизвикувачки задачи, но не и претешки. Ако задачата е претешка, поголемиот дел од времето ќе го поминете во барање начин како воопшто да ја извршите, што може да ве фрустрира или обесхрабри. Ако задачата е претешка, расцепкајте ја на помали и поедноставни делови.
4.Отстранете ги сите ментални и физички дистракции. На пример, можете да ја проверувате е-поштата само неколкупати на ден. Размислете на вратата од канцеларијата да го ставите знакот „Не вознемирувај"...
5.Вежбајте концентрација и фокус. За почеток обидете се да работите со целосно внимание во интервали од 10 минути, па постепено зголемувајте ги додека не дојдете барем до 30 минути. Без можност за задржување на вниманието и фокусот – зоната не постои.
 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...