Работење

Ирена Јакимова: Деловна и приватна комуникација со себе

20 Dec 2017
Се ближи крајот на уште една календарска година и веќе почнуваме да ги одредуваме целите и да ги правиме плановите за тоа што сакаме да го постигнеме и да го достигнеме во новата година.

Автор: Ирена Јакимова, irena.jakimova@inspirit.mk

Доаѓа 2018 година. Правиме анализи, планови, резиме на сето тоа што се случувало... Редиме желби и цели. Некои ги запишуваме, некои ги чуваме во себе. И додека тоа го правиме, додека сумираме какви биле нашите успеси и постигнувања, до каде сме стигнале, што ново сме научиле, што сме се обиделе поинаку и слично, една тема од областа на комуникацијата си го бара своето место.

Дали сме се запрашале и искрено сме одговориле на следново:

  • Кој е нашиот најголем деловен партнер?
  • Кој е нашиот најдобар пријател?
  • Кој е нашиот најверен животен сопатник?

Имаме можност да размислуваме и да набројуваме, но ако успееме бргу да се сетиме дека тоа сме ние самите, се отвора нов пат до еден голем личен успех. Тоа нè води кон следното прашање: Како комуницираме со себе?

 

Дали сме го забележале внатрешниот глас, кој постојано и неуморно работи? Каков е тој глас? Каков му е тонот, брзината, висината? Дали е строг, отсечен и груб или мек, топол и охрабрувачки? Дали нè сече како остар нож или турпија или, пак, е како топла мека наметка, блага рака спуштена на рамото, која истовремено ни нуди чаша ароматично вино или шолја топол чај? 

Дали сме го забележале внатрешниот глас, кој постојано и неуморно работи? Каков е тој глас? Каков му е тонот, брзината, висината? Дали е строг, отсечен и груб или мек, топол и охрабрувачки?

Додека ги читате овие редови, ги замислувате и ги чувствувате тие две различни состојби,  добивате различни мотивации. Така е и со вашиот глас, тој со кој се обраќате себеси.

Сите имаме некој внатрешен глас, можеби и повеќе. Со него ги анализираме надворешните настани и случувања, а со него комуницираме и со себеси. Си зборуваме, прераскажуваме, коментираме, носиме заклучоци... Тој глас е еден вид навигатор за нашите одлуки, за емоциите, чувствата, па и за нашето однесување. Честопати, тој глас ни кажува што следно (треба) да направиме. Што да мислиме, како да се чувствуваме. Зборовите што си ги кажуваме влијаат на тоа какви чувства си предизвикуваме, а чувствата  влијаат на нашата целосна состојба. А, од неа, погодете што? Од состојбата зависат нашите постапки, а од нив, пак, нашиот успех. Дури и тоа што го подразбираме како успех.

 

Сме помислиле ли некогаш како си влијаеме себеси со тоа што си го зборуваме? Дали со тоа што си го зборуваме себеси, си даваме охрабрување, почит или постојана критика? Сме ги забележале ли зборовите со кои се обраќаме себеси? Понекогаш, тоа што ќе си го кажеме во лутина, не би го кажал ниту најголемиот непријател ниту, пак, најголемиот непристојник.

Ако ни станува јасно дека начинот на кој комуницираме со себеси влијае на нашите постапки, чувства и на состојбата во која се наоѓаме, а сето тоа влијае на резултатите, насоката и на успехот во животот, тогаш како би било да размислиме, да почувствуваме и да решиме да почнеме да го менуваме тоа на подобро?

Како вежба за усовршување, може да си поставиме предизвик да се преиспитаме во некои ситуации што ни се важни и клучни во животот. Да осознаеме како комуницираме во тие ситуации со себеси, па да почнеме да вежбаме и нови пристапи. 

Како можеме да го направиме тоа?

Најпрвин, важно е да станеме свесни за начинот на кој се обраќаме и комуницираме со себеси. Свесно да го слушаме, набљудуваме и да го почувствуваме тој наш дел. Секој го има тој внатрешен глас, а една од неговите појави е во вид на внатрешен критичар. Тој е „вработен" 24/7 да зборува, мери, споредува и да критикува, најчесто нас самите, за да нè спречи да направиме нешто поинакво од нашите уверувања и да нè чува на „сигурно". Честопати, тој глас постојано ги критикува другите луѓе, а тоа нè врти во истиот маѓепсан круг, бидејќи нашиот несвесен дел може да го подразбира тоа и како критика на нас самите.

Особено важно е да оцениме како на нас влијае секој различен вид комуникација со себеси. Како се чувствувам, какви се моите состојба, став и постапки ако си речам: Баш си смотана! или Глупава гуско! во споредба со Ха, ова секому може да му се случи. Како најдобро да го средам тоа? Како да внимавам следниот пат? Што можам да направам за да бидам повнимателна? Пробајте го тоа.

 

Понатаму, ако забележиме дека имаме некое мислење за нешто или за себеси што постојано си го повторуваме, а тоа нè обесхрабрува и нè прави послаби или, пак, нè спречува да преземеме нешто, би можеле да си ги поставиме следниве неколку прашања:

  1. Дали тоа е вистина?
  2. Од каде го знам тоа?
  3. Што би кажала или помислила личност која веќе има успех на тоа поле ако сега е на моето место?
  4. Кога тоа не би било вистина, што би сторил(а), презел(а), избрал(а) сега?

Може да пронајдеме и некоја личност што некогаш ни давала поддршка или која ја почитуваме (не мора лично да ја познаваме), па да ѝ го „позајмиме" внатрешниот глас, за да ни дава пофалби, насоки и поддршка. Обидете се да се пофалите себеси секогаш кога нешто ќе завршите, добро ќе постапите, ќе донесете добра или храбра одлука, ќе се чувствувате убаво... Обидете се да си кажете: Браво за тоа, одлично го направи! Навистина стануваш мајстор.

Обидете се да си кажете: Браво за тоа, одлично го направи! Навистина стануваш мајстор. 

Како вежба за усовршување, може да си поставиме предизвик да се преиспитаме во некои ситуации што ни се важни и клучни во животот. Да осознаеме како комуницираме во тие ситуации со себеси, па да почнеме да вежбаме и нови пристапи. Нови, поинакви реченици и тон, кои охрабруваат, смируваат, уверуваат и даваат нова сила. Нè влечат напред нас самите, нè влечат кон подобар резултат на ситуацијата.

Еве некои ситуации како примери:

  • Како си се обраќаме себеси пред да почнеме продажба или преговори?
  • Што и како си зборуваме наутро кога одиме на работа?
  • Пред настап или презентација?
  • Пред да донесеме некоја одлука?
  • Како си се обраќаме секое утро? А како секоја вечер?
  • Како ги опишуваме светот и животот, генерално? Дали веруваме дека секогаш некој друг е виновен и нешто ни прави? Или си велиме: Јас можам следниот пат да постапам поинаку за да имам поинаква ситуација, друг резултат и други чувства.

Додека го пишувате списокот желби и цели за 2018 година, размислете за начинот на кој комуницирате со себеси – Што можам да сторам за да го сменам тоа во насока на моја поголема поддршка и охрабрување, наместо да бидам својот најгласен критичар?



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...