Работење

Лазар Ѓуров: Нејзиното височество асертивноста!

21 Apr 2016
Комуникацијата и лидерството
 
 
Во нашата култура тоа е нешто за што малку се зборува, а уште помалку се практикува. Сè е некако заоблено и маскирано, како во целофан. Да не се истакнуваме, да не изгледаме алчни, да не изгледаме груби, па што ќе кажат соседите, роднините, вработените...
 
Автор: доцент д-р Лазар Ѓуров, универзитетски професор, обучувач и консултант
 
Асертивноста е најдиректно поврзана со лидерството. Без неа нема лидерство, влијание и акција.
 
Што е асертивност?
 
Директност, јасност и конкретност во изразувањето. Без маски, без пасивност, но и без агресивност. Директно кажување, без шминка, но и без навреди и омаловажувања. Некако, на средина – директно, но не и агресивно, со почит, но не и со повлекување и со потиснување... Токму на златната средина.
 
Се прашувате дали е можно тоа? Одговорот е „да". Но, како?
 

За да го дадам одговорот, најпрвин мора да ви кажам дека иако се добива впечаток оти асертивноста е начин на комуницирање и на обраќање кон другите, тоа не е целосно точно. Комуникацијата и начинот на обраќање се само еден аспект од асертивноста – тие се резултат и ефект, но не и основа на асертивноста.

Најважниот аспект на кој се базира асертивноста, а со тоа и асертивната комуникација, е свесноста за улогите во кои се наоѓаме во одреден контекст на комуникација (работа, пријатели, соседи, станари) и правата и обврските за секоја од улогите.
 
На пример, јас и ти работиме во маркет. Јас сум во улогата шеф на маркет, а ти си во улога на работник. И двајцата имаме точно дефинирани права и обврски. Во продолжение прочитајте дел од нив.
 
Кои се моите права?
  • Да ти издавам задачи;
  • Да ја контролирам твојата работа (квантитативно и квалитативно);
  • Да ти давам насоки за подобрување;
  • Да предлагам награди и казни за твоето работење;
  • Да ти одобрувам слободни денови и годишен одмор.
 
Кои се моите обврски?
  • Да  ги почитувам сите правила на фирмата и да бидам пример;
  • Да ти издавам јасни задачи и насоки;
  • Да контролирам дали задачите се квалитативно и
  • квантитативно завршени;
  • Да обезбедам постигнување на целите
  • Да се држам до ветеното;
  • Да го почитувам интегритетот и личноста на секој вработен;•Да се борам за вработените да го добијат заслуженото, според сработеното;
  • Да ги штитам нивните права пред менаџментот;
  • Да ги информирам за сите аспекти што се однесуваат на вработените и нивното работење.

Кои се твоите права?

 

  • Да биде почитувана твоја личност и твојот интегритет;
  • Да добиеш јасни и прецизни задачи;
  • Да ги добиеш сите информации што се потребни за успешно работење;
  • Да го добиеш заслуженото за сработеното, во согласност правилата во фирмата;
  • Да ги добиваш отсуствата, во согласност со правилата во фирмата и со законските прописи.

Кои се твоите обврски?

 

 

  • Да ги примаш и извршуваш целосно задачите што ти ги давам;
  • Да ги прифаќаш и применуваш насоките за подобрување;
  • Навремено, во согласност со процедурите во организацијата, да побараш слободни денови и годишни одмори.

 

Ние двајцата сме во различни улоги. Јас и ти своеволно сме се согласиле и сме потпишале да ги играме овие улоги, а со тоа сме ги прифатиле своите и туѓите права и обврски. Асертивноста потекнува од свесноста за овој аспект од поставеноста на релациите, во контекст на комуникацијата.
 
И сега, ако ти направиш грешка, на пример, не ја наредиш гондолата како што јас сум кажал, те повикувам и без голем вовед и заобиколување, но ни без омаловажување и викање, ти велам: Трајче, гледам дека си се обидел да ја наместиш годнолата. Но, таа не е наместена на потребното ниво, така како што кажав. Ова и ова не е добро наместено. Реков вака, а ова е вака.
Ама, јас..., веднаш ме прекинуваш. 
Без да се вознемирам, те прекинувам и ти велам: Почекај да завршам. Дослушај ме, па ќе имаш можност да објасниш (можам и да те потсетам дека јас сум во улогата на твој претпоставен и сега ти давам насоки за квалитетот на твојата работа).
Ова го правам со јасен и со смирен тон, гледајќи те право в очи, но не со агресивен израз. Со смиреноста покажувам дека сум во улога на шеф.
                     
Иако изгледа дека ова е само начин на зборување и на глумење авторитет, зад целата приказна постои многу подлабок аспект. Тоа е прашањето: Дали си го достигнал потребното ниво на свест за да ги сфатиш твојата улога, права и обврски?
 
Не случајно го искористив терминот ниво на свест. Според мене, да се биде лидер и да се биде асертивен, не значи само да се поседуваат способности за комуникација и за мотивирање на луѓето. Да се биде лидер и да се биде асертивен, значи да се има ниво на свест! Да се сфати сопственото место во системот, да се сфати дека нема ништо лично во релацијата во која јас, како твој шеф, ти давам забелешки на работењето.
 
Кога сите ќе го достигнат нивото на свест што е соодветно со нивото на нивната улога, тие ќе сфатат каде се, кои се и што треба да прават. Ништо лично, сè во име на повисоката цел, а тоа е – организиран и функционален маркет, кој ќе ги опслужи нашите муштерии.
 
Јас сум асертивен затоа што ѝ служам на целта. Ти треба да ги прифатиш корекциите, бидејќи си потпишал да бидеш работник во маркетот, а со тоа си се обврзал да ѝ служиш на повисоката цел. Со одработувањето на твојот дел, креираш профит, од кој добиваме плата ти, јас, сопственикот. Дополнително, ако останат пари да се развива компанијата, и ти и јас ќе имаме сигурна работа, а и муштериите ќе добијат одлична услуга и одлични продукти.
 
Кога ќе ја сфатиме сопствената улога и ќе почнеме да ја живееме, ќе почнеме и да се обраќаме асертивно. Тоа значи дека кога ќе се случи пропуст, нема да се повлекуваме со образложението: Кој ќе се расправа сега. По четири до пет повлекувања, ова со гаранција ќе резултира со агресивност и со нервоза. 
 
Важно е јасно и гласно, директно в очи, да му се каже на вработениот што е згрешено и што треба да се поправи. Да, во асертивноста, комуникациските вештини се особено важни. Многу е важно е да знаеш правилно да издадеш задача, правилно да дадеш фидбек, да знаеш правилно да го контролираш темпото и динамиката на разговорот, да не дозволиш вработениот да те дефокусира... Сето тоа е важно, но ако ја испуштиме поентата на свесноста за улогите, никогаш нема да успееме да го достигнеме нивото.
 
Зошто постојат луѓе кои уште кога ќе ги видиш, веднаш сфаќаш дека се лидери на организацијата што ја водат? Бидејќи тие се тоа, со целото свое битие. Тие целосно се влезени во својата улога!
 
Тие знаат дека мора да издаваат задачи, да контролираат, да даваат насоки за коригирање, да охрабруваат, да мотивираат, да даваат поддршка, да казнуваат и да наградуваат, да се борат за своите луѓе, да се борат за компанијата, да ги развиваат луѓето, да создаваат тимови, да се грижат за успехот на компанијата, а на тој начин и за своето семејство, како и за семејствата на сите вработени.
 
Тоа е суштината на асертивноста – свест за сопствената улога и нејзино целосно живеење.
 
Ако сте директори, менаџери, лидери… бидете тоа! Вашата обврска е да дадете јасни задачи, да контролирате и да давате насоки, да наградувате, да пофалувате, да казнувате, да унапредувате, да избркате некого од работа... Т.е. да водите и да се грижите за целиот систем. Да бидете пример за посветена работа, за грижа за компанијата и за луѓето... за вработените и за клиентите! Да создавате и да негувате... Едноставно, бидете лидери! Бидете асертивни лидери – јасно, директно, разбирливо, без повлекување и без навредување!
 
Но, не заборавајте! Имате право да му дадете отказ на вработениот, но немате право да ги прекршите неговите основни човекови права: правото на почит на личноста, дигнитетот и угледот.
 
Не навредувајте, не зборувајте за личноста, туку за нејзините постапки, бидејќи постапките се менуваат, а личноста мора да остане заштитена. Не викајте и не навредувајте, кажете го тоа што имате да го кажете. Ако има промена, пофалете, ако не, преземете мерки.
 
На крај, смирено поздравете се со вработениот: Благодарам за сè, ти си имаш свои квалитети како човек, но ти не можеш да одговориш на барањата на нашата компанија.
 

Асертивно!

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...