Како да се справиме со имитации и со фалсификати, при увоз во Македонија?
Автор: Снежана Марковска, правник во одделот за трговски марки и застапник за индустриска сопственост на агенцијата за интелекуална сопственост „Берин"
Додека во историјата на човечката цивилизација богатството се пресметувало преку поседување физички, материјални средства, денешната економија гледа низ призмата на нематеријалните права како значаен удел во приходите на една компанија, вреднувајќи го знаењето и интелектуалното творештво како потенцијал за значителен придонес кон зголемувањето на заработувачката. „Новата економија", што го открива скриениот капитал на компаниите, го зема својот замав кон крајот на 20 век, кога зајакнува свеста за вредноста на индустриската сопственост.
Трговската марка е оној дел од индустриската сопственост посветен на изгледот на производот и претставува знак за разликување на стоките и на услугите на еден субјект од другите субјекти што нудат на пазарот идентични или слични стоки и услуги. Желбата за сè поголемо поистоветување со конкурентот, наместо суштинско разликување од него, ја урива функцијата на трговската марка и доведува до целосна конфузија на пазарот, најмногу рефлектирајќи се врз просечниот потрошувач, кој е измамен при изборот што сам го направил, во врска со потеклото и со квалитетот на производот.
Исклучивото право на користење и на располагање со посебен знак, кој има дистинктивен карактер, односно е подобен за разликување во споредба со истовидни или слични стоки или услуги, (како што се: букви, зборови, на кој било јазик и со кое било писмо, бројки, цртежи, слики, комбинации на бои, тродимензионални изгледи, форми на производите или нивните пакувања, како и нивните комбинации), учесниците на пазарот можат да го стекнат со регистрација на знаците со право на трговска марка или преку употреба. Така стекнатото право, на носителот на трговската марка му овоможува исклучиво користење и располагање и право да им забрани на трети лица неовластено користење во точно определени случаи, предвидени во правните акти што се однесуваат на заштита на правата од областа на индустриската сопственост.
Токму тогаш, кога долготрајниот вложен труд ќе даде препознатлив квалитет и ќе го постави производителот на заслуженото место во трката за конкурентност, заедно со успехот, може да се случи и удар, од тие што од алчност, потреба или уште повеќе немилосрдна или криминална намера ќе се обидат нелегално да го ископираат и да издејствуваат „free ride" на негова сметка.
Кога носителите на правата на трговските марки првпат се соочуваат со фалсификуван производ на пазарот во Република Македонија или, пак, производ што ја имитира трговската марка, најнапред реагираат со барање таа стока да се отстрани од пазарот, односно да се спречи нејзиниот понатамошен промет. Но, често, моменталното залечување на повредата не значи и целосно решавање на проблемот, кој порано или подоцна може повторно да се појави. За таа цел, при соочување со вакви ситуации, носителите на правата е потребно да го откријат изворот на повредата, односно да се открие дали причинителот е во Македонија или надвор од границите. Како што често се случува, фалсификувани производи се произведуваат во странство, од каде по нарачка на домашни субјекти ги поминуваат гранците со соседните држави и се наменети токму за нашиот пазар.
Постапки за заштита на правото на трговската марка
Можноста за справување со повредата на трговската марка при увоз, извоз и при транзит, е предвидена во Законот за индустриска сопственост, но постапката за реализација е опфатена во специјалниот Закон за царинските мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост. Имено, во согласност со овој закон, царинските органи преземаат дејства кога постојат оправдани причини дека стоката која е декларирана за пуштање во слободен промет, извоз или повторен извоз, откриена при контрола на стока која се внесува или се изнесува од царинското подрачје на Република Македонија итн., е фалсификувана или повредува право на трговска марка.
Што е со паралелниот увоз?
Најчестите прашања што ги имаат домашните субјекти кои се и воедно ексклузивни дистрибутери на оригинална стока означена со конкретна трговска марка, се однесуваат на можноста за спречување увоз на таква стока од страна на други субјекти. Меѓутоа, горенаведениот закон е прецизен во определбата дека паралелен увоз е дозволен. Царински мерки не може да се преземат доколку за предметната стока, носителот на правото дал согласност за означување со неговата регистрирана трговска марка, односно стока која по својата природа е оригинална, без да се навлегува од кој субјект е декларирана за потребите на царинските постапки. |
Преземањето мерки за заштита на правата на трговските марки пред Царинската управа може да биде по службена должност или по барање на носителот на правото на трговската марка. Во случај кога царинските органи при вршењето на службената должност ќе забележат фалсификувана или стока со која се повредува правото од интелектуална сопственост или имаат оправдани причини за сомневање во тоа, го одложуваат пуштањето на стоката или ја задржуваат. За преземената мерка, царинскиот орган веднаш го известува носителот на правото, кој доколку не поднесе барање за преземање царински дејства, царинскиот орган го одобрува пуштањето на стоката во промет, односно престанува нејзиното задржување.
Носителот на право на трговска марка може да иницира постапка пред Царинската управа за преземање на царински дејства. Покрај формалностите кои треба да ги исполнува таквото барање, задолжитено мора да биде поткрепено и со податоци кои се потребни за лесно препознавање на оригиналната стока од царинските органи и карактеристики на фалсификуваната стока за полесно нејзино откривање.
Со преземање на процедуралните чекори и со постапувањето на оваа институција по барањата на носителите на правата, завршува првиот дел од постапката за активирање царински мерки за заштита на право на трговска марка Тоа претставува превенција од увоз на фалсификувани производи, односно производи што повредуваат право на трговска марка. Ова истовремено би значело и превенција од повреди на пазарот, секако врз основа на сомневање дека постои опасност таква стока да влезе во Македонија. Ова особено важи за стока од балканските држави, како најблиски пазари на домашниот, со најголема размена на производи, а воедно и со најширока заемна медиумска покриеност, што би значело и рекламни кампањи за производите веќе врежани во меморијата на потрошувачите.
Вистинката улога на Царинската управа во борбата против фалсификатите е, всушност, постапката кога царинските службеници ќе забележат стока за која се сомневаат дека повредува право од интелектуална сопственост, односно ќе откријат таква пратка. Најчести случаи на откривање се секако стоките кои се обележани со добро познати трговски марки, кои се најлесни за препознавање од царинските службеници.
Во ваков случај, стоката се задржува под царински надзор и се известуваат и носителот на правото и лицето што ја поседува стоката. Доколку се утврди дека запленетата стока е фалсификат, односно повредува право на трговска марка, таа не смее да се внесе во царинското подрачје на Република Македонија, да се пушти во слободен промет, да се изнесе од царинското подрачје, да се извезе, да се стави во одложувачка постапка или да се внесе во слободна зона или слободен склад.
Државата вложува многу напори за да се справи со оваа проблематика, будно ги следи трендовите на соседните држави, особено европските законодавства. Целта е развивање на сè подобри механизами за заштита на правата. Досегашната постапка пред Царинската управа се покажа прилично корисна, но многупати се конфронтираше со начелото за економичност и за ефикасност. Во насока на зајакнување на инструментите во борбата против овој вид криминал неодамна е донесен и нов закон за царински мерки во кој се внесени промени, кои во секој случај најавуваат позитивни резултати. А како ќе се покаже тоа во практика, останува да искусиме…
Агенцијата за интелектуална сопственост „Берин", покрај другите услуги за заштита на права од интелектуална сопственост, за домашните и за странските носители ги реализира и предвидените постапки од Законот за царинските мерки за спроведување заштита на правата од интелектуална сопственост. |
Се вчитува следна вест...