Работење

Ванчо Дамјановски: Хонорар или плата, прашање е сега

16 Feb 2015

Како законските измени поврзани со задолжителното социјално осигурување (ќе) се рефлектираат врз трошоците

Автор: Ванчо Дамјановски, извршен директор и застапник за индустриска сопственост, „Берин"

Кон крајот на јули 2014, Собранието на Република Македонија ги усвои предложените закони за измена на 5 закони од 3 области: социјално осигурување (2), здравствено осигурување (1) и работни односи (2), со цел воведување задолжително социјално осигурување за лица што склучиле договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, кој во нето-износ е повисок од износот на минимална плата утврдена со закон.

Примената на законите беше одложена за почетокот на 2015 г., при што се доби впечаток дека, во меѓувреме, никој сериозно не се зафати со анализа и согледување на ефектите што овие измени ќе ги имаат врз деловните субјекти. Покрај неколкуте иницијативи од страна на засегнатите еснафи, кои апелираа за дополнително регулирање, прецизирање и утврдување на практиката за имплементација на измените, очигледно слабата координација на корисниците и органите направија примената на овие измени да биде нејасна. Конечно, ова резултираше со сериозна дебата помеѓу засегнатите страни за поведување заедничка иницијатива, со која ќе се преиспита уставноста на овие измени, а за исходот допрва ќе треба да се почека.

Во меѓувреме (додека се затвараше овој број на списанието), најавени се измени во однос на определени решенија што ја става под прашање издржаноста на решенијата воопшто.

Без разлика на исходот на новиот предлог извесно е дека хонорарите исплатени на невработените лица ќе се третираат како плата од работен однос па соодветно цениме дека е потребно да се разјаснат основните разлики во однос на досегашната практика која субјектите ја имаа во однос на пресметката и исплатата на надоместоците и другите обврски при склучување на договорите што се опфатени со овие законски измени.

Пред сè, разликата е во дополнителните обврски за пресметка и уплата на задолжителни придонеси за пензиско и здравствено осигурување на сите надоместоци, кои во текот на еден месец се поголеми од износот на минималната плата која во овој момент изнесува 9.590 денари. Притоа, за износите над овој износ, кои правните лица ги исплаќаат врз основа на споменатите договори, а кои се однесуваат на месечен ангажман на авторите/изведувачите, правните лица, преку системот за интегрирана наплата на придонеси, се задолжени да ги пресметаат и уплатат соодветните придонеси. Во случаите кога хонорарот не го надминува граничниот износ, правните лица не се обврзани да ги пресметуваат и плаќаат придонесите во име на лицата со кои ги склучуваат. Единствено во ваквите случаи, останува досегашната практика за пресметка и уплата на персонален данок. Но, доколку лицата во текот на еден месец остварат приходи врз основа на повеќе договори, чиј вкупен износ го надминува прагот на минимална плата, тогаш обврската за пријавување на договорите и соодветна уплата ќе биде на физичкото лице, примател на надоместоците.

Трошоците за вработено лице пониски од трошоците за лице што прима хонорар за ист нето-износ

Како се рефлектираат новите обврски за задолжителни придонеси на хонорарите, како илустрација може да посочи споредбата со трошоците што ги има работодавецот при исплата на плата со идентичен износ:

  • Нето-хонорар: 12.000
  • Бруто (хонорар + данок и придонеси)=17.849
  • Нето плата:12.000
  • Бруто (плата + данок и придонеси)=17.151

Што се однесува до висината на трошоците што се поврзани со новите обврски, тие се во согласност со стапките што се плаќаат за лицата во редовен работен однос. Во согласност со важечките стапки, тие изнесуваат 18% за пензиско и 7,3% за здравствено осигурување. Секако, вреди да се напомене дека кај авторските договори, ослободувањата што се аплицираат при пресметката на основицата за пресметка на персоналниот данок соодветно се аплицираат и при пресметката на основицата за пресметка на придонесите, што соодветно се рефлектира врз намалување и на придонесите за овие договори.

Воопшто, новите измени налагаат различен пристап кон времените ангажмани и начинот на калкулирање на буџетите, поврзани со реализација на овој вид договори, што дополнително ќе има ефекти, кои допрва ќе треба да се утврдуваат. Измените, дефинитивно, се полезни за невработените лица што имаат редовни примања врз основа на споменатите договори, а кои досега не остваруваа права на здравствено осигурување и регулиран пензиски стаж. Но, се отвора прашањето во однос на оправданоста на трошоците што субјектите ги имаат при исплата на лица и автори што веќе ги уживаат овие права врз основа на активните договори за вработување, со што на работниците дополнително им се обезбедуваат многу пошироки права и социјална сигурност.

Конечно, колку што се зголемува ризикот за промена на цената на трудот и авторскиот ангажман, воедно станува пожешка и дилемата како да се регулира односот со лицата што се потребни за извршување на повремени работи и услуги.

Се чини дека работодавците и корисниците на авторски дела се на потег!



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...