Работење

Бавни инвестициски процедури за брзи стартапи

11 Mar 2025

Стартапите кај нас имаат огромен потенцијал, но за да го остварат, потребна е итна модернизација на правната рамка и стандардизација на процесите за инвестирање.

    Пишува: Дејан Алексов, адвокат во „Алексов и Мемиши“, dejan@almelaw.com

Добивањето инвестиција за стартап-компании во нашата земја претставува сложен и долготраен процес. Овој процес опфаќа неколку фази: презентации пред потенцијални инвеститори, долги преговори, подготвување правни договори, како и реализација на финансиските трансакции. Секој од овие чекори бара детална подготовка и посветеност бидејќи грешките во која било фаза може да го одложат или комплетно да го компромитираат процесот.

Постојат многу наши успешни приказни што успеале да го поминат овој пат, при што ќе напоменам само неколку продукти: Hey Reach, Coach Microlearning, Airport Briefing, Earth Care, Paket и многу други.

Инвестициите најчесто ги реализираат приватни бизнис-ангели во комбинација со фондови на ризичен капитал. Некои од домашните и странски инвеститори што инвестирале во македонски стартап-компании се: 700 Accelerator, Seavus Accelerator, CEED – Business Angels Club, X-Factor Accelerator, Ukim Business Accelerator, Zephyr Angels, Keiretsu Forum, South Central Ventures, Techstars, Day One Capital, Vitosha Ventures, Fill Rouge Capital и др.

Со поедноставување на процедурите и унапредување на правната инфраструктура, локалниот стартап-екосистем може да прерасне во движечка сила за економскиот развој на земјата.

Предизвици со правната рамка

Иако успехот на овие стартапи инспирира, сепак, процесот останува значителен предизвик. Долгите постапки и недостигот на стандардизирана документација го отежнуваат пристапот до капитал, кој е клучен за нивниот развој. Истовремено, стартапите се соочуваат и со потребата да останат фокусирани на развојот на своите производи, а не на комплексни административни процедури.

Еден од предизвиците е застарената правна рамка во овој дел. Законот за трговските друштва, кој е донесен пред повеќе од 20 години, не ги предвидува спецификите на стартап-екосистемот. Оваа правна инфраструктура е несоодветна за современите концепти, како што се SAFE-договори (Simple Agreement for Future Equity), pre-money и post-money вреднување, shares vesting итн.

Нестандардизираната документација создава непотребни компликации и правни ризици, а и дополнително го одолжува процесот. Доколку дојде до спор, недостигот на судска практика поврзана со стартапи дополнително го комплицира процесот, оставајќи ги страните без јасна насока.

Клучни документи во инвестицискиот процес

Од клучно значење во процесот на стартап-инвестиции се неколку документи:

  • Term Sheet е иницијален документ што ги дефинира основните услови на инвестициската зделка, како што се вредноста на компанијата, висината на инвестицијата и правата на инвеститорот. Овој документ, иако не е правно обврзувачки, служи како темел за понатамошни договори.
  • Cap Table, или структурата на сопственоста, е документ што ги прикажува сите содружници, нивните удели и распределбата на капиталот. Според Законот за трговски друштва, овој документ е познат како „книга на удели“ и е задолжителен за секоја компанија.
  • Договорот за инвестирање, пак, е правно обврзувачки документ во кој детално се регулираат правата и обврските на страните, како и условите за затворање на трансакцијата.

Овие документи често се соочуваат со предизвици во локалниот контекст бидејќи бараат интеграција на современи правни концепти во рамките на застарените закони. Како резултат на тоа, подготовката на документацијата е комплицирана и одзема значително време.

Со унифицирани, јасни и концизни договори, стартапите и инвеститорите можат да избегнат непотребни преговори и ревизии.

Потреба од стандардизација за забрзување на постапката

Еден од најефективните начини за олеснување на инвестициските процеси е стандардизацијата на документацијата. Со унифицирани, јасни и концизни договори, стартапите и инвеститорите можат да избегнат непотребни преговори и ревизии. Брзината на извршување на договорите, почнувајќи од нивното потпишување, преку уплата на средствата, до регистрација на инвестицијата, е клучна за успехот на зделките.

Дополнително, воспоставувањето унифицирани правни процедури ќе го намали и ризикот од грешки и ќе овозможи побрза реализација на инвестициите. Ова е од витално значење за стартапите, кои често работат со ограничени ресурси и мораат брзо да се приспособуваат на пазарните промени. Унифицираните процеси, исто така, ќе им овозможат на инвеститорите поголема сигурност и ќе ги поттикнат да вложуваат повеќе во локалниот екосистем.

Пример за брза процедура

Егзекуцијата на инвестициските договори во светската практика е значително забрзана преку примена на унифицирани документи и дигитални алатки. На пример, Y Combinator, водечки стартап-акцелератор, го има воведено SAFE како стандардизиран договор, кој им овозможува на стартапите и инвеститорите брзо да се договорат за условите без долги преговори. Овој вид договор е исклучително популарен поради неговата јасност и едноставност.

Дополнително, платформи како DocuSign и HelloSign се користат за дигитално потпишување договори, што драстично го намалува времето потребно за административни процедури, без потреба од физичко присуство.

Електронската реализација на банкарските трансакции го завршува целиот процес во брзо време.

Заклучок

Стартапите кај нас имаат огромен потенцијал, но за да го остварат, потребна е итна модернизација на правната рамка и стандардизација на процесите за инвестирање. Со поедноставување на процедурите и унапредување на правната инфраструктура, локалниот стартап-екосистем може да прерасне во движечка сила за економскиот развој на земјата. Успешното спроведување на овие реформи ќе им овозможи на стартапите и инвеститорите да соработуваат поефикасно, создавајќи нови можности за иновации и пораст.

 

За адвокатската канцеларија

„Алексов и Мемиши“ обезбедува правна експертиза за бизниси, иновациски и технолошки проекти во сите фази на развој. Канцеларијата работи со компании од различни големини, почнувајќи од стартапи и инвеститори (бизнис-ангели и фондови на ризичен капитал) до добро етаблирани друштва. Клиентите работат во области како: развој на софтвер и иновации, дигитализација, образование, маркетинг и дизајн, транспорт и логистика итн. Услугите вклучуваат основање и регистрација на компании, инвестициски процедури и правни ревизии, издавање правни мислења, изработка на договори, работни односи и сите други правни аспекти што му се потребни на еден бизнис.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...