Во македонската применлива регулатива постојат низа прописи согласно кои компаниите имаат обврска да преземаат активности и сносат општествена одговорност, меѓу кои е и Законот за управување со пакување и отпад од пакување
Автор: Ивана Илиеска, адвокат во „Лаличиќ и Бошкоски“
Еден од критериумите според кои современите компании стекнуваат статус на „општествено одговорни субјекти“ е преку негување етичко однесување, донесување одлуки и преземање активности со кои се остварува нивното непосредно влијание врз животната средина.
Меѓутоа, да се биде општествено одговорен, подразбира и висок степен на приспособливост и брзо усогласување на сопственото работење со широкиот спектар на законски обврски, што неретко создава конфузија кај компаниите при нивно имплементирање.
Имено, во македонската применлива регулатива постојат низа прописи согласно кои компаниите имаат обврска да преземаат активности и сносат општествена одговорност, меѓу кои е и Законот за управување со пакување и отпад од пакување.
Непочитувањето на обврските што произлегуваат од Законот може да резултира со високи парични казни и други несакани последици врз работењето. Според тоа, давањето приоритет на напорите за усогласување со оваа регулатива само ќе ве донесе чекор поблиску кон целосна правна усогласеност и чекор подалеку од несаканите правни последици. Во продолжение презентираме само мал дел од обврските кои се вистински предизвик во работењето на компаниите:
Појдовен чекор кој компаниите треба да го преземат е правилно да го селектираат отпадот кој го пуштаат на пазарот, да го категоризираат по видови, како и задолжително да го класифицираат отпадот кој се создава од пакување.
Различните видови отпад наложуваат специфични постапки за ракување и отстранување, па оттука правилното селектирање, складирање и транспортирање на отпадот има клучна улога при избегнување прекршочни санкции и сносење прекршочна одговорност.
Ова истовремено значи и дека имате должност да извршите процена на животниот циклус на пакувањето на начин со кој ќе се подобрат еколошките перформанси на пакувањето, ќе се исклучи/елиминира или барем ќе се намали присуството на штетни метали во пакувањето, како и дизајнирање на пакувањето на начин кој ќе придонесе кон намалување на вкупниот отпад од пакување.
Доколку сте производител или краен корисник кој пушта на пазарот спакувани стоки, обврзани сте да се регистрирате пред надлежните органи. За ова постои законски рок од 15 дена сметано од денот на почетокот на вршење на вашата дејност како производител кој пушта на пазар или увезува како краен корисник производи во Северна Македонија, со чија употреба се создава отпад кој припаѓа на некој од посебните текови на отпад утврдени со закон.
Доколку спаѓате во категоријата „мали производители“, треба да внимавате и да имате предвид дека постојат специфични обврски кои ја засегаат токму вашата компанија.
Освен видот, истовремено имате обврска да ги утврдите и количините на отпад од пакување кои ги создавате или ги пуштате на пазарот на годишно ниво, како на пр., исто или помало количество од 800 кг стакло, 100 кг пластика, 10 кг пластични кеси, 100 кг дрво итн. На овој начин можете лесно да утврдите дали ги исполнувате условите предвидени во оваа законска категорија.
Па, доколку ги исполнувате вака поставените критериуми, задолжително треба да ви биде издадено решение за мал производител, во кое се наведува количество на спакувани стоки кои имате намера да ги пуштите на пазарот во Република Северна Македонија во тековната година.
Непочитувањето на обврските што произлегуваат од Законот за управување со пакување и отпад од пакување може да резултира со високи парични казни и други несакани последици врз работењето.
Доколку станува збор за субјект - производител кој е регистриран во странство, а притоа на пазарот во Северна Македонија се пуштаат стоки преку користење на услугите на е-трговија, неопходно е да назначите овластен застапник кој ќе ги извршува законските обврски за пакувањето кое се пушта на пазарот.
Како создавач на отпад од пакување, должни сте да водите евиденција за видот и количината на пакувања во текот на календарската година, но и во пократки временски интервали.
Ваквата обврска да водите континуирана и ажурна евиденција за вкупното пакување кое сте го пуштиле на пазарот во Република Северна Македонија мора да ја приспособите на законски утврдените временски интервали. Дополнително, имате обврска да изготвувате извештаи за видот и количината на отпад кој бил пуштен на македонскиот пазар. Ваквите извештаи освен што се задолжителни, истовремено треба да внимавате секогаш да бидат изготвени со доследно почитување на предвидените законски рокови.
***
На самиот крај, битно е да напоменеме дека главните придобивки со кои компаниите ќе се соочат доколку се придржуваат кон ваквите законски обврски се: посигурно, побезбедно и поквалитетно водење на сопствениот бизнис и работење, подигнување на нивото на општествена одговорност и општествено одговорно однесување на повисоко скалило, а сѐ тоа низ призмата на целосна правна усогласеност со постојната регулатива.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.