Промените во Законот за финансиските друштва претставуваат значаен чекор кон трансформација на финансискиот сектор, упатувајќи на построги обврски за подобро функционирање и засилување на стандардите од операционен и финансиски аспект
Автори: Сара Донакова и Ведран Лаличиќ, адвокати во „Лаличиќ и Бошкоски“
Во ова време на турбуленции и промени во економијата, а со тоа и во правото воопшто, земањето кредит претставува една од најактуелните теми што го зафаќаат општеството. Без разлика дали станува збор за физичко лице на кое му се потребни дополнителни средства или, пак, компанија која сака да го прошири својот делокруг на работење или ѝ се потребни средства со кои ќе го санира неуспешното тековно работење, подигнувањето кредит е исклучително сложен и одговорен чекор за кој е потребна добра анализа.
Дел од населението веќе не го гледаат кредитот како долг, туку како актива и начин на плаќање, па така не постои човек кој, на еден или на друг начин, во животот не користел некој кредитен продукт. Бројот на кредитите што им се доделуваат на македонските граѓани е во постојан пораст, иако е понова појава во нашата економија и претставува нешто што го немало до 2003 година. Особена експанзија добива во последните неколку години, а како главни причини се наведуваат: правопропорционалниот однос на зголемувањето на понудата на кредити, големиот број на новоотворени финансиски друштва, лошата економска состојба и зголемувањето на процентот на невработеност.
Во контекст на суштествената и неизбежна потреба од дополнителни средства, како и брзорастечката појава на финансиски друштва, кои достигнаа број од 33 регистрирани финансиски друштва, ќе ја потенцираме последната измена на Законот за финансиски друштва во насока на заштита на потрошувачите кои се корисници на услугите што ги нудат овие финансиски друштва и зголемувањето на довербата во нив.
Промените во Законот за финансиските друштва претставуваат значаен чекор кон трансформација на финансискиот сектор, упатувајќи на построги обврски за подобро функционирање и засилување на стандардите од операционен и финансиски аспект. Така, измената која го зголемува минималниот износ на основната главнина од 100.000 евра на 500.000 евра има значаен ефект во засилување на капиталната основа и утврдување на солидноста на финансиските друштва. Непосредно, ваквата обврска може да ја ограничи експанзијата на нови финансиски друштва, но истовремено ќе ги зголеми квалитетот и одговорноста на постојните.
Новите построги критериуми би можеле да го забават очекуваното годишно зголемување на бројот на добиени лиценци, што укажува на потенцијално намалување на новите учесници на пазарот.
Покрај зголемувањето на основната главнина, новите прописи им наложуваат на финансиските друштва, во рок од шест месеци по уписот во трговскиот регистар, да ангажираат компетентни кадри, меѓу кои дипломирани правници и економисти. Оваа одредба е насочена кон подобрување на професионалноста и експертизата во управувањето со финансиските операции, осигурувајќи дека друштвата функционираат во согласност со регулаторните стандарди и практики што владеат во соодветната индустрија.
Измените воспоставуваат и строги ограничувања за структурата на надоместоците што финансиските друштва можат да ги наплаќаат. Специфично, законските измени предвидуваат финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки кредит, ако трошоците што не влегуваат во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци, а кои самостојно или во комбинација со кој било друг надоместок надминуваат или можат да надминат 60% од износот на одобрениот кредит.
Надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот, а кои произлегуваат или на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит, со исклучок на трошоците настанати во постапка за извршување и законската казнена камата. За да се заштитат потрошувачите од прекумерни трошоци, како и да се зајакне транспарентноста на кредитните активности, финансиските друштва се должни да го објават тарифникот со надоместоците на својата веб-страница или доколку немаат, да го истакнат на видливо место во своите работни простории.
Финансиските друштва сега се соочуваат со предизвикот да ги исполнат овие повисоки стандарди, особено обврската да ја зголемат основната главнина заклучно со јули 2024 година. За некои помали друштва, зголемувањето на капиталот може да биде остварливо преку реинвестирање на претходните годишни добивки, доколку имаат такви, со исклучок од користењето позајмени средства за зголемување на сопствената главнина. Ова упатува дека друштвата треба да имаат здрава финансиска структура и стратегија за пораст, базирана на одржливи извори на капитал. На друштвата со ограничена одговорност основани од едно лице, им стои на располагање можноста од пристапување на нови содружници со цел зголемување на основната главнина, додека пак за друштвата кои не можат да ги исполнат горенаведените услови, опцијата за спојување со други финансиски друштва им претставува солидна алтернатива.
Подлабокиот увид во последиците од промената на законските одредби покажува дека динамиката на лиценцирањето во овој сектор може да се измени. Новите построги критериуми би можеле да го забават очекуваното годишно зголемување на бројот на добиени лиценци, што укажува на потенцијално намалување на новите учесници на пазарот. Во исто време, постои можност некои од веќе постојните финансиски друштва да не успеат да ги исполнат новите услови до крајниот рок во јули 2024 година, што може да резултира со нивно затворање.
Оваа консолидација во секторот има потенцијал значително да ги подобри мониторингот и регулацијата на финансиските друштва. Со намалениот број активни учесници, регулаторните тела ќе можат ефективно да ги следат и анализираат нивните активности, осигурувајќи дека тие се во согласност со законските стандарди, како и дека промовираат и поддржуваат практики кои се во интерес на потрошувачите.
Дополнително, се очекува измените да резултираат со подобри услови за корисниците на финансиски услуги, зголемувајќи го нивниот степен на заштита и намалувајќи ги ризиците од финансиска нестабилност. Исто така, а во насока на зајакнување на регулаторната рамка за работење на финансиските друштва, измените можат да го достигнат степенот во кој финансиските друштва претставуваат сериозни институции кои нудат алтернатива на банкарското работење, а не само друштва кои нудат краткорочни кредити за населението.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.