Работење

Пречка за слободен бизнис или ефективна наплата на данок?

02 May 2024

Кога едно лице основа фирма или се одлучило да прифати позиција на управител, тоа знае дека за обврските кон трети лица одговара фирмата. Меѓутоа, во нашето даночно законодавство постои исклучок познат под институтот даночен гарант

Пишуваат: Мартин Бошкоски и Ивана Илиеска, адвокати во „Лаличиќ и Бошкоски“   

Кога едно лице основа фирма или се одлучило да прифати позиција на управител, тоа знае дека за обврските кон трети лица одговара фирмата. Секако, постојат исклучоци кога со злоупотреби на фирмата постои и одговорност на основачите, меѓутоа, генерално е прифатено начелото дека за своите обврски одговара трговското друштво.

Ваквата поставеност во Законот за трговските друштва, всушност, претставува мотив и причина да се почне и води бизнис и е позитивна за развојот на стопанството. Всушност, ова ниво на одговорност не е поразлично од сите западни земји во кои постои ограничена одговорност на содружниците, односно управителите, односно одговорноста е товар на друштвото.

Даночен гарант како исклучок на ограничена одговорност за претприемништвото

Меѓутоа, во нашето даночно законодавство постои исклучок познат под институтот даночен гарант.

Со измената на Законот за даночната постапка од 2013 година, која влегува во сила на почеток од 2014 година, беше воведен членот 35-а со кој се предвидува дека за даночен долг на фирмата како даночен должник, наплатата со сиот свој имот ја гарантира лицето кое со своите одлуки влијаело врз стопанските активности на даночниот должник, од кои произлегол даночниот долг.

Законот во продолжение го дефинира и она лице кое со своите одлуки влијаело врз стопанските активности на даночниот должник наведувајќи дека, меѓу другото, тоа се:

- содружници кои имаат удел во фирмата која е должник, сразмерно на процентот на уделот;

- лица кои ја застапуваат фирмата која е должник за данок, во висина која одговара на товарот кој произлегува од даденото овластување за застапување.

Со други зборови, содружниците (основачите) и управителот/ите на едно трговско друштво одговараат за неплатените даноци на фирмата со сиот свој личен имот.

Така, овие лица ќе одговараат за неплатениот данок кон државата иако тој данок не бил платен од страна на фирмата која е нивна сопственост или ја управувале, а од друга страна, кон други приватни лица, тие немаат материјална одговорност за обврските на трговското друштво.

Со ова, државата со ваков lex specialis се ставила во поповолна положба кога се работи за долгот кон неа по основ данок и со тоа воведува уште еден пострашен механизам за наплата од личниот имот на физички лица содружници или управители.

Како се одлучува кое лице е назначено како даночен гарант?

Во судската практика многу често е побивано решението на Управата за јавни приходи со аргументот дека се работи за управител или сопственик на друштво со ограничена одговорност кое според називот упатува дека одговорноста на сопственикот или управителот е ограничена, а за обврските одговара друштвото.

Сепак, Законот за даночната постапка дава можност за ослободување на оваа обврска, само доколку по исклучок за пристигнатиот, а неплатен долг на даночниот обврзник кој е должник, настанат по основ на самооданочување или утврден од страна на Управата за јавни приходи, содружниците или одговорните лица не се гаранти за неплатениот данок. Доколку докажат дека биле оневозможени за плаќање на пристигнатиот данок поради претходно нерешено правно прашање за кое е надлежен државен орган или суд.

Согласно ова, доколку се води судска постапка за да се утврди дали постои или не даночен долг со кој е задолжен основниот даночен должник – трговското лице, Управата не смее да донесе решение со кое ќе ги задолжи содружниците или управителите да го сносат таквиот долг со сиот свој личен имот.

Со измената на Законот за даночната постапка која влегува во сила на почетокот од 2014 година, беше воведен членот 35-а со кој се предвидува дека наплатата за даночниот долг на фирмата, со сиот свој имот ја гарантира лицето кое со своите одлуки влијаело врз стопанските активности на даночниот должник, од кои произлегол даночниот долг.

Уставен суд во заштита на државата наместо на претприемачите

Исто така, треба да се напомене дека во однос на правната логика на институтот даночен гарант одлучувал и Уставниот суд, кој не ја прифатил иницијатива поднесена против членот со образложение дека:

Од анализата на содржината на оспорениот член 35-а од Законот за даночната постапка, јасно и недвосмислено произлегува дека: со него се уредуваат прашањата кои се однесуваат на случаите кога даночниот долг на даночниот обврзник е утврден со решение на Управата за јавни приходи за неплатен даночен долг или покрената е постапка за присилна наплата, за неплатениот долг на даночниот обврзник гарантира лицето кое со своите одлуки влијаело на стопански активности на даночниот обврзник од каде и произлегол даночниот долг. Понатаму, од одредбата произлегува кои лица со своите одлуки влијаеле на активностите на даночниот должник поради што настанала обврската на даночниот должник и до која висина лицето гарантира за долгот. Воедно, со оспорената одредба се уредени и случаите кога како гаранти за настанат долг на даночниот обврзник по основ на самооданочување не можат да се јават лицата кои ќе докажат дека биле оневозможени да го платат пристигнатиот данок поради претходно нерешени правни прашања за кои решава државен орган или суд. Исто така, од оспорената одредба произлегува дека Управата за јавни приходи со решение во постапка за утврдување на даночна гаранција го определува лицето кое гарантира за даночниот долг поради тоа што со своите одлуки влијаело врз стопанските активности на даночниот должник од каде и произлегол долгот. Ова од причини што со оспорениот член и поднаслов како што е наведено, законодавецот јасно и недвосмислено го уредил прашањето во кои случаи и до која висина наместо на даночниот должник, Управата за јавни приходи со решение ќе задолжи некој од лицата кои се појавуваат како гаранти, а кои можат да го платат долгот.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на оспорениот член, поднасловот и целината на Законот за даночната постапка, наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани, поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Се поставува и прашањето дали државата треба да се откаже од ваквиот интерес со цел да го ослободи стопанството кое на таков начин ќе генерира повеќе даночни приходи во корист на државата?

Заклучок

Врз основа на ова, останува единствено на законодавецот да ја поправи грешката на Законот, која всушност го залажува секој оној што решил да основа трговско друштво или да преземе одговорност на управител мислејќи дека за обврските на фирмата си одговара фирмата.

Доколку би биле запознаени со правниот институт даночен гарант, многу претприемачи можеби би се откажале од намерата да почнат бизнис не затоа што потенцијално не би сакале да ги исплатат своите даночни обврски, туку само затоа што недостига соодветна судска пракса за заштита на нивните права во даночна постапка и оттука лесно да завршат како гаранти со својот личен имот.

Суштината на терминот „друштво со ограничена одговорност“ се коси со институтот даночен гарант, но е факт дека претставува доста ефективен метод за наплата на даночните побарувања во интерес на државата. Затоа, се поставува и прашањето дали државата можеби треба да се откаже од ваквиот интерес со цел да го ослободи стопанството кое на таков начин ќе генерира повеќе даночни приходи во корист на државата?

 

„Лаличиќ и Бошкоски“ е реномирано адвокатско друштво, посветено на обезбедување правни услуги од сите области на правото. Нашиот посветен тим од адвокати е специјализиран за работење во областа на граѓанското, кривичното, деловното право, како и правото на интелектуална сопственост. Задоволството на клиентите е наш приоритет, обезбедувајќи персонализирани, ефикасни и сигурни законски решенија. Високиот степен на посветеност, правна експертиза и креативното размислување се основните постулати на нашето работење. Нашето друштво е гордо на својот модерен работен пристап кој на клиентот му нуди сеопфатна услуга за потребната правна помош.

 

Адреса: ул. Македонија бр. 26/1-5, 1000 Скопје

 

Телефон: 02/ 60-90-218

 

Е-адреса: contact@lblaw.com.mk

 

Веб-страница www.lblaw.com.mk



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...