Работење

Зборот на законот: Алатка за безбедност или нарушување на приватноста

11 јан 2022

Одредбите од новиот Закон за заштита на личните податоци се применуваат и на обработката на личните податоци преку вршење видеонадзор. Во најголем дел од случаите токму овој закон ја дава правната основа за поставување и користење систем за видеонадзор

Автор: Елена Стојановска, консултант за заштита на лични податоци

Процесот на вршење видеонадзор вклучува идентификација на подрачја под ризик, како и идентификација на бројот на камери потребни за да се надгледуваат тие подрачја. Добро дизајниран и селективно користен систем за вршење видеонадзор е моќна алатка за следење на безбедноста, лошо дизајниран систем, пак, може да предизвика лажно чувство на безбедност, но и да им ја наруши приватноста на лицата што биле снимени.

Одредбите од новиот Закон за заштита на личните податоци се применуваат и на обработката на личните податоци преку вршење видеонадзор. Во најголем дел од случаите токму овој закон ја дава правната основа за поставување и користење систем за видеонадзор. Во случаите кога видеонадзорот е поставен согласно друг закон (на пример, Закон за игрите на среќа и забавните игри – видеонадзор во казина, Закон за безбедност во сообраќајот – видеонадзор на патиштата), видеонадзорот се поставува согласно тој закон, а притоа се земаат предвид и одредбите од Законот за заштита на личните податоци.

Кога е дозволено да се врши видеонадзор?

Согласно Законот за заштита на личните податоци, видеонадзорот може да се постави за јасно дефинирани цели.

Оправдани цели

Неоправдани цели

Заштита на сопственоста

Вршење видеонадзор во гардероби

 

Обезбедување контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории

 

Вршење видеонадзор во соблекувални

 

Заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата

Вршење видеонадзор во санитарни јазли

 

Заштита на животот или здравјето на луѓето

 

*За вршење видеонадзор во станбените објекти задолжително е потребна писмена изјава за согласност од најмалку 70% од вкупниот број на сопственици, станари, односно закупци на становите.

 

Пред да се постави видеонадзорот и пред да се набави скапа и комплексна опрема, потребно е да се направи анализа на целите за кои се поставува.

Контролорот може да врши видеонадзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен. Снимките се чуваат до исполнување на целите заради кои се направени, а најдолго до 30 дена.

Контролорот кој врши видеонадзор задолжително истакнува ИЗВЕСТУВАЊЕ за тоа дека се врши видеонадзор, име/назив на контролорот кој го врши видеонадзорот, начин на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките.

Како да се дизајнира добар систем за вршење видеонадзор?

Направете анализа на целите за кои се поставува видеонадзорот

Пред да се постави видеонадзорот и пред да се набави скапа и комплексна опрема, потребно е да се направи анализа на целите за кои се поставува. Оваа анализа ќе покаже дали поставувањето видеонадзор има оправданост, но и на кој начин би било најдобро да биде системот поставен (колку камери се потребни, на кои локации ќе бидат поставени, кои агли на снимање ќе ги имаат, со која резолуција ќе снимаат и слично). 

Од моментот на поставување на системот за видеонадзор, на секои две години треба да се изготвува Извештај за периодична оцена на постигнатите резултати од системот за вршење видеонадзор. Извештајот треба да покаже дали има понатамошна потреба од користење на системот, дали се исти целите за вршење видеонадзор, како и можни технички решенија за замена на системот за вршење видеонадзор.

Донесете правила за начинот на вршење на видеонадзорот

Клучен дел од системот за заштита на личните податоци се правилата согласно кои е поставен и се врши видеонадзорот. Согласно претходно направената анализа, треба да се донесе правилник во кој ќе бидат образложени правната основа и целите на вршење на видеонадзорот, описот на системот, видеооколина (формат на снимање, како се анализираат, чуваат и користат снимките), начинот на управување со системот и безбедност на системот, кои се овластени лица за пристап, контрола и користење на снимките, во кој рок се чуваат снимките, на кој начин субјектите може да ги остварат своите права.

Составен дел од правилникот се и технички спецификации (број на камери, резолуција, вид на камери, работни станици од кои се пристапува до системот), како и планот за поставеност на видеокамерите.

Како да се обезбеди транспарентност на користењето на видеонадзорот?

Изјава за приватност при вршење видеонадзор

  • Зашто собираме податоци за вас? (цели)
  • Какви податоци собираме? (слика, видео, тон)
  • Кој е одговорен за системот за видеонадзор? (податоци за контролорот)
  • Која е правната основа? (ЗЗЛП)
  • Кој може да ги види моите лични податоци? (податоци за овластени лица)
  • Како да ги контролирате вашите лични податоци? (начин на остварување на правото)
  • Можам ли да пристапам до моите лични податоци? (начин на остварување на правото)
  • Можам ли да ги менувам моите лични податоци? (начин на остварување на правото)
  • Можам ли да избришам моите лични податоци? (начин на остварување на правото)
  • Имам ли право на приговор? (начин на остварување на правото)
  • Дали моите лични податоци се споделуваат со други лица? (обработувач, 3та страна)
  • Што во случај на проблем?
  • Кога ќе започне обработката на моите лични податоци?
  • Како ги штитиме вашите лични податоци? (технички и организациски мерки)
  • Колку долго ги чуваме вашите лични податоци? (рокови)

Доколку компанијата ѝ го довери системот за видеонадзор на агенција за обезбедување имот и лица, тогаш, меѓу нив, освен Договор за услугата, задолжително треба да има Договор за обработка на личните податоци.

Што треба да знаете доколку ангажирате агенција за обезбедување која врши видеонадзор за вас?

Голем број компании одлучуваат системот за видеонадзор да ѝ го доверат на агенција за обезбедување имот и лица која во нивно име ќе го врши видеонадзорот. Во оваа ситуација, компанијата кај која се врши видеонадзорот е контролор, додека агенцијата за обезбедување е обработувач на личните податоци на субјектите (лицата) што се предмет на видеонадзорот.

Односот меѓу контролорот и обработувачот, освен со Договорот за услугата, задолжително треба да биде уреден со засебен Договор за обработка на личните податоци.

Договорот за обработка треба да ги содржи предметот на договорот, времетраењето, природата и целта на обработка на лични податоци, категориите на лични податоци што ќе се обработуваат, категориите на субјекти на лични податоци, правата и обврските на контролорот и на обработувачот, техничките и организациски мерки кои двете страни ќе ги применуваат, обезбедувањето на остварување на правата на субјектите и начините на постапување во случаи на инциденти.

На овој начин, контролорот и обработувачот ќе покажат дека заемно поставуваат и почитуваат правила за заштита на приватноста при вршењето на видеонадзорот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...