Работење

Циркуларна економија: Добри примери од Европа

26 мај 2021

Зелената економија повеќе не е апстрактна тема за која се зборува и анализира. Во последните 10-ина години постојат повеќе примери за зелени бизниси од Европа што функционираат по принципите на циркуларната економија и се финансиски стабилни.

Приреди: „Еко-свест“ekosvest.com.mk

Екоцентар „Златна греда“

Идејниот основач и управник на „Куќа во природа – Златна греда“ е здружението „Зелен Осијек“, кое ја основало првата хрватска екотуристичка агенција. „Куќа во природа“ е внимателно осмислен концепт кој нуди практични искуства на соживотот меѓу човекот и природата, претставува место за учење, но и за забава. Функционира низ практични примери на одржлив развој, како што се: обновливи извори на енергија, селектирање на отпадот, општествено претприемништво и одговорно работење. Програми за тим-билдинг, адреналински парк, возење со кануа, прошетка по патеки, училиште во природа, сместување и ресторан... се само некои од услугите што се нудат. Покрај тоа, екоцентарот „Златна греда“, како општествено претпријатие, е и пример на учество во одлучувањето – членовите на здружението имаат можност за заедничко креирање на програмата и низ партиципациско управување ја делат одговорноста за развојот.

„Green Investment Bank“

Добар пример за создавање зелена инвестициска банка, во случајов од страна на британската влада, која на банката ѝ постави високи цели за намалување на емисиите на CO2. Освен државните средства, со паметни инвестиции се привлекуваат и приватни инвеститори. Од основањето во 2012 година до 2015 година банката успеа да придобие повеќе од 70 коинвеститори, при што на секоја вложена фунта државни пари вложени се 3 фунти од приватни извори. Минималното враќање е 3,5% годишно на вкупната инвестиција, пред оданочувањето. Вложените пари се вратени по 2-3 години. Нефинансиските резултати покажуваат дека, на пример, во периодот од 2014 до 2015 година, емисијата на CO2 е намалена за 4,2 милиони тони, што би било еднакво на учинокот што би се постигнал кога од улиците на Велика Британија годишно би се отстраниле 1,9 милион автомобили. Истовремено, вложувањата во обновливите извори на енергија создадоа 16,3 TWh енергија, која е доволна за задоволување на потребите за електрична енергија на 3,9 милиони домаќинства годишно.

„Зелена енергетска задруга“ (ЗЕЗ)

Задругата од Хрватска иницира проект на колективно инвестирање со кој е планирано да се постави интегрирана фотонапонска централа на покривот на Претприемничкиот центар во Крижевци за да се задоволат потребите на корисниците на електрична енергија. ЗЕЗ, како купувач и сопственик на опремата на ФН-електрана и како претставник на задругарите и граѓаните-инвеститори, ќе ја отстапи соларната опрема на закуп на центарот, кој е сопственик на зградата. Намерата е со проектот да се привлечат малите инвеститори, кои парите би ги орочиле во облик на штедење. Сите инвеститори ќе склучат договор за заем со задругата, со кој ќе остваруваат одредени камати на позајмените средства.

„Рециклиран имот“

„Рециклиран имот“ е  инициран во 2000 година од група пријатели и познајници од Загреб (од 18 до 20 години), тукушто запишани на факултет, кои сакаа да го облагородат животот и да ѝ покажат на околината дека може да се живее и поразлично, во соживот со природата. Наоѓаат имот во Вукомериќ, во близина на Велика Горица, 30-ина км јужно од Загреб, во ридест крај, неразвиен, малку зафрлен и заборавен, без индустрија и загадување, идеален за остварување на нивната визија.

Со оглед на тоа што имаа мало теоретско знаење за биоградинарството, пермакултурата, еколошката градба и обновливите извори на енергија, практичното знаење и искуство го стекнуваат преку сопствените обиди и грешки. Немајќи финансиски средства, почнуваат со изградбата на првите објекти на имотот од рециклирани материјали, стари автомобилски гуми, боци, тули, греди и сѐ друго што во тој момент било достапно, бесплатно или многу евтино. Со време, на имотот ќе изградат и неколку куќи од природни материјали (слама, глина, дрво и камен), ќе отворат пермакултурна градина во која се произведува храна за имотот и каде што се чуваат семињата од старите сорти.

Две години подоцна групата ја основа организацијата „Зелена мрежа на активистичките групи“ (ЗМАГ) за да промовира, заговара и практично да применува одржливи решенија и модели преку пермакултурниот дизајн; да промовира еколошки знаења и зелени технологии и да ги поврзува со социјалните и економските подрачја на општествениот живот. Паралелно, влијаат едукативно врз врсниците и децата од локалните основни училишта организирајќи едукативни програми.

Денес на имотот и во соседното село постојано живеат четири семејства, членови на здружението, а долгорочна цел им е да создадат самоодржлива оаза во која ќе можат да живеат и да работат што поголем број членови. На имотот користат обновливи извори на енергија: сонце, ветер, биодизел, и се надеваат дека еден ден единствениот трошок ќе им биде интернетот.

ЗМАГ има развиено богати едукативни програми што се спроведуваат низ цела Хрватска и во регионот, проследени со бесплатна електронска литература од нивните издавачки дејности. Основаа и Пермакултурна академија, како и Академија за природно градежништво, во кои учесниците поминуваат низ повеќемесечна теоретска и практична обука со одредена завршна работа, по која добиваат верификуван сертификат. Врз основа на образовните програми, во ЗМАГ постојано се вработени 8 члена, кои самите си креираат работа, самофинансирајќи се низ работилници или по пат на проекти.

Во септември 2014 година е основана „Задруга за добра економија“, а освен ЗМАГ, коосновачи се и задругар(к)ите од славонското село Даљ и од градот Кутина. Работата на задругата се темели на три главни дејности: храна – фонд за солидарност како директна помош на малите еколошки произведувачи; изградба – процес на сертифицирање и создавање регулаторна рамка за балирана слама; енергија – центар за едноставни технологии кој истражува и генерира употребливи решенија и модели за широка примена во општеството. Задругата им помага на членовите во набавката на потребните машини и опрема за преработување и пакување на храната и им наоѓа пазар.

Rent-a-scooter (изнајми скутер)

„Скути“ (Scooty) е стартап-компанија која во 2016 година ја иницираа двајца пријатели во Брисел. Нивната претприемничка идеја била да им понуди на жителите во динамичниот Брисел еколошки прифатлив начин на превоз. Во сообраќај ги пуштиле електричните скутери што можат да се изнајмат или да се земат на претплата, а за тоа се потребни само мобилен телефон, апликација и кредитна картичка.

Ваква можност може да се види и во Барселона. Тамошната претприемничка идеја ја иницираа група млади Французи, кои ја развија мобилната апликација и се одлучија за изнајмување електрични скутери со ретро-изглед. Ги нарекоа Yugo и го преплавија градот со скутери, кои речиси бесшумно и со нула емисија на СО2 ги превезуваат и ги развеселуваат граѓаните и посетителите на овој шпански град.

Зградата и куполата на германскиот парламент

Посетителите на зградата на германскиот парламент – Рајхстагот во Берлин влегуваат во стаклена купола што овозможува поглед од 360° на градската визура на Берлин. Конструкцијата на куполата со врвот на зградата на парламентот ја симболизира решеноста на новата Германија, која граѓаните ги става над владата и парламентот. Енергетскиот систем се заснова на мешавина од соларна и геотермална енергија, комбинирана топлина и енергија од генератори на биогориво и од иновативна вентилација. Специјалната изолација на зградата, поставувањето сончеви штитници и конструкцијата на спирални рампи во облик на двоен хеликс, значително ја ограничуваат загубата на топлина. Повеќе од 80% од потребната електрична енергија се генерираат однатре. Геотермалната инсталација ја лади зградата преку лето и ја дава потребната топлина преку зима. На тој начин годишните емисии на СО2 се намалуваат од 7.000 на помалку од 1.000 тони.

Текстот е дел од „Примери на добра практика во зелената економија и зеленото претприемништво“, издаден од „Еко-свест“ во 2020 година во рамките на проектот „Зелена економија за развој на регионот“ (автори: Соња Вуковиќ, Гордана Ќориќ и Драгана Лисјак), финансиран од Европската Унија. Проектот има цел да ги зголеми активностите и влијанието на организациите врз граѓанското општество во регионот за заштитата на животната средина преку вмрежување, јакнење на капацитетите и промовирање на зелената економија.

„Еко-свест“ – центар за истражување и информирање за животната средина

телефон: 02 32 17 247

е-пошта: info@ekosvest.com.mk



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...