Работење

Циркуларна економија: Принципи на зелената економија и насоки за развој

22 Apr 2021

Големиот број принципи на зелената економија зборуваат за потребата од еден глобален и сеопфатен пристап.

Приреди: „Еко-свест“ekosvest.com.mk

Во рамките на „Earth Summit“ во 2015 година, конференција на ОН што се одржува од 1972 година со цел да се развие план за одржлив развој на глобално ниво, усвоени се 15 принципи на зелената економија. Големиот број принципи зборуваат за потребата од еден глобален и сеопфатен пристап; согледување на сите клучни аспекти на одржливиот развој и испраќање јасна порака за значењето на рамномерниот и праведен развој.

  1. Рамномерна распределба на богатството – светското богатство треба порамномерно да се респредели меѓу земјите за да се намали нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните. Потребно е да се обезбеди општествена и економска правда за сите. Природните ресурси треба да се користат на начин што дивиот свет (wildlife) ќе добие доволно простор за живеење.
  2. Економска еднаквост и праведност – потребно е значително да се намали јазот меѓу богатите и сиромашните земји. Притоа, богатите земји треба да им пренесат дел од знаењето, финансиските средства и од технологијата на сиромашните. На таков начин сите ќе бидат во можност да се грижат и да придонесуваат за одржливоста на здравата животна средина.
  3. Зачувување на природните ресурси – со природните ресурси и со екосистемот треба да се управува на начин што нивната вредност ќе се зголемува за идните генерации.
  4. Внимателен пристап кон животната средина – науката треба да служи за зголемување на општествените и економските ефекти. Нејзината улога е да ги предвиди можните ризици, да укаже на нив и да пронаоѓа позитивни решенија и пристапи, со цел зачувување на животната средина.
  5. Право на развој – за да се постигнат целите за одржлив развој, потребно е да се посвети еднакво внимание на општествените, економските и на еколошките цели и пристапи.
  6. Наплата на трошоците – јавните политики треба да ги поттикнуваат општествените и економските цели и вредности. Пазарните цени на некои производи или услуги треба да ги одразуваат влијанијата на јавните политики на луѓето и на животната средина. Загадувачите треба да ја платат цената на загадувањето, а даночниот систем треба остро да ги казнува, со што ќе се овозможи чистите производи да бидат попристапни, а валканите и лошите – поскапи.
  7. Меѓународна соработка – еколошките стандарди на една земја не смеат да го загрозуваат развојниот потенцијал на која било друга земја. Треба да се поттикнуваат принципите и соработката на „фер тргување“ и треба да се обезбедат услови трговијата да го поттикнува одржливото користење на ресурсите, да ја штити животната средина и да придонесува во унапредување на стандардите за вработување и создавање квалитетни работни места.
  8. Меѓународна одговорност – треба да постои правна заштита за оштетените во случај на кршење на правото и интересите на други земји.
  9. Информирање и учествување – сите граѓани треба да имаат право на информации што се однесуваат на нивната животна средина. Исто така, треба да имаат можност да учествуваат во одлучувањето за прашања што се однесуваат на животната средина.
  10. Одржлива потрошувачка и производство – треба да се обезбеди одржливо производство и потрошувачка со одржливо користење на ресурсите, што значи намалување на неодржливата производствена практика, поттикнување повторна употреба, обновување и рециклирање на материјали, со цел да се намали користењето на ограничените природни ресурси.
  11. Стратешката соработка и интегрираното планирање – ќе доведат до одржлива и зелена економија, а ќе придонесат и за намалување на сиромаштијата. Развојот на интегриран пристап на планирање и управување подразбира вклучување на сите клучни актери на развојот (граѓанското општество, бизнис-секторот, владините институции) и води до една сеопфатна социо-економска и еколошка одржливост.
  12. Праведна транзиција – со оглед на тоа што преоѓањето кон зелена економија создава трошоци, побогатите земји треба да го поднесат поголемиот дел од финансискиот товар и да им понудат техничка поддршка на земјите во развој. Притоа, на граѓаните од земјите во развој важно е да им се овозможи пристап до нови знаења, вештини и работи.
  13. Редефинирање на богатството – БДП не е соодветен начин за мерење на општественото богатство и одржливоста на животната средина. Многу економско-претприемачки активности што придонесуваат за порастот на БДП истовремено штетно влијаат врз луѓето и врз животната средина (на пример, искористувањето на фосилните горива и различни финансиски шпекулации). Кога се одредува нивото на општественото богатство, важно е да се води грижа за здравата животна средина, квалитетот на животот и за доброто на човештвото.
  14. Рамноправност на родовите – со развојот на зелената економија и родовата еднаквост мора да дојде до целосен израз. Жените треба да имаат важна улога во сите процеси на управување и развој, треба да им се овозможи да развиваат знаења и вештини, да имаат пристап до добри работни места и да бидат соодветно наградени за работата.
  15. Заштитата на биодиверзитетот и спречување на загадувањето на животната средина – заштитата и обновата на биодиверзитетот и природните живеалишта е клучна за понатамошен развој на човештвото. Потребно е да се изгради систем што ќе обезбеди трајна заштита на екосистемите.

Некои од можните решенија и насоки за развој на економијата се следниве:

  • Модернизација на сивата инфраструктура (патишта, метроа, железници, згради и сл.), која подразбира современ и паметен урбан дизајн и проектирање во согласност со принципите на одржливиот развој. На пример, колективен транспорт и создавање мрежа на сигурни и комфорни велосипедски патеки.
  • Создавање мултифункционална зелена инфраструктура во градовите и во нивното непосредно опкружување. На пример, зелени зони – дрвореди и паркови, кои директно влијаат врз чистотата на воздухот и врз здравјето на граѓаните.
  • Паметни градови – употреба на паметните технологии и услуги, кои се засноваат на современи и иновативни комуникациски технологии во областа на рециклирањето, следењето на користењето на ресурсите, производството на енергија од обновливи извори, одржлив превоз и др.
  • Воведување нови и унапредување на постојните политики за заштита на животната средина и природните ресурси, како што се: Директивата за екодизајн, Директивата за енергетско означување на екопроизводите или Упатствата за зелените јавни набавки. 
  • Вклучување на општеството – преминот кон одржливи градови изискува промена во однесувањето, па градовите спроведуваат бројни акции за подигнување на еколошката свест и поддржуваат граѓански акции и иницијативи, како што се: заедничко користење автомобили, урбано градинарство или акции на заедничка потрошувачка.
  • Поддржување и поттикнување на иницијативите за намалување на отпадот преку „repair and reuse“ (поправи и реупотреби), акции и претприемнички иницијативи.
  • Поттикнување на производителите, особено на големите производствени компании да ги применуваат принципите на зеленото производство, да имаат транспарентни и доследни набавки, да користат екодизајн и преку промотивни активности да влијаат врз формирањето на зелените навики кај потрошувачите.

Текстот е дел од „Прирачникот за зелена економија и зелено претприемништво“, издаден од „Еко-свест“ во 2020 година во рамките на проектот „Зелена економија за развој на регионот“ (автори: Соња Вуковиќ, Гордана Ќориќ и Драгана Лисјак), финансиран од Европската Унија. Проектот има цел да ги зголеми активностите и влијанието на организациите врз граѓанското општество во регионот за заштитата на животната средина преку вмрежување, јакнење на капацитетите и промовирање на зелената економија.

„Еко-свест“ – центар за истражување и информирање за животната средина

телефон: 02 32 17 247

е-пошта: info@ekosvest.com.mk



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...