Сегашниот систем не е одржлив и повеќе не функционира ниту за луѓето ниту за природата.
Приреди: „Еко-свест“, ekosvest.com.mk
Најголемите предизвици со кои се соочува човештвото денес се алармантното загадување на животната средина и притисокот врз ограничените ресурси преку растечките економски активности. Нашите природни ресурси се ограничени, а резервите постојано се намалуваат. Зголемената глобална побарувачка го зголемува и притисокот врз животната средина.
Сегашниот концепт на линеарна економија „создај, употреби, отстрани“ претставува екстрактивен модел, кој се базира на интензивно искористување на природните ресурси со истовремено создавање високи емисии и отпад, како и негативни влијанија врз животната средина, а со тоа и врз здравјето на луѓето. Со овој економски модел производите, на крајот од животниот циклус, се отстрануваат како отпад или емисии. Со депонирање на отпадот, материјалите што се содржани во него ја губат вредноста и се јавува потреба од нови ресурси за производство на нови производи, вклучувајќи повторно енергија и работна сила.
Употребата на природните ресурси за обезбедување производи и услуги, односно зголемената побарувачка за производи и услуги, се предвидува дека и понатаму ќе продолжи да расте. Оттаму, намалувањето на стапката на потрошувачка, како и воспоставувањето систем за управување со отпад станува приоритет.
Во прашање е концепт што бара намалување на употребата на материјали и енергија каде што е можно, дизајн на производите што ќе овозможи употреба на нивните делови и материјали и по отфрлањето на производите, како и создавање услови за нивно рециклирање.
Сегашниот систем не е одржлив и повеќе не функционира ниту за луѓето ниту за природата. Одржливиот развој овозможува задоволување на потребите на сегашните генерации, но без притоа да се загрози можноста и за идните генерации.
Циркуларната економија е алтернатива на традиционалната линеарна економија, чиј концепт се базира на поефикасна и одржлива употреба на ресурсите со цел максимално да се искористи нивната вредност преку обновување, реупотреба, регенерирање или рециклирање. Таа истовремено значи и обезбедување пристојни работни места, подобар квалитет на живот, подобра животна средина, одговорни компании, одговорно општество, инклузивен и одржлив пораст. Трите принципи на циркуларната економија се „редуцирај, реупотреби и рециклирај“. Во прашање е концепт што бара намалување на употребата на материјали и енергија каде што е можно, дизајн на производите што ќе овозможи употреба на нивните делови и материјали и по отфрлањето на производите, како и создавање услови за нивно рециклирање. Овој регенеративен систем ја минимизира експлоатацијата на ресурси преку нивна замена со отпад.
Кога имаме ваков модел, материјалите/производите се дизајнираат и произведуваат за да можат понатаму да бидат повторно употребени, преработени или рециклирани. Нивната вредност максимално се искористува, животниот циклус на производот се продолжува, ресурсите повторно се употребуваат, а истовремено се елиминираат и отпадот и емисиите. Овој концепт нуди големи можности за пораст на приватниот сектор преку забрзани иновации и технологии. Новите материјали и технологии ќе ја намалат зависноста од природните ресурси.
Компаниите што ја применуваат циркуларната економија повеќе се фокусирани на создавање приходи од услуги отколку од производи. За да се овозможи циркуларната економија, од особено значење е екодизајнот. Дизајнирањето производи во циркуларната економија треба да обезбеди нивна повторна употреба и рециклирање, со истовремено задржување на квалитетот и создавање дополнителна вредност, користење енергија од обновливи извори во производствениот процес, елиминирање на употребата на опасни материи, преработка на органски материјали. Во циркуларната економија тоа што еднаш за производителот било отпад, на другиот му станува суровина.
Промоцијата на одржливи модели на потрошувачка и производство во циркуларната економија од нетоксични материјали, ефикасното искористување на ресурсите и преодот кон решенија со помал удел на емисија на штетни состојки, отпорни на климатските промени, се дел од економската трансформација за развој на зелената економија.
Во продолжение е даден пример, кој е преземен од „Прирачникот за зелена економија и зелено претприемништво“, издаден од „Еко-свест“ во 2020 година во рамките на проектот „Зелена економија за развој на регионот“ (автори: Соња Вуковиќ, Гордана Ќориќ и Драгана Лисјак). „Синиот град“ (BlueCity) е претприемнички центар/хаб, лоциран во напуштениот комплекс тропски базени „Тропикана“ во Ротердам. На површина од 12.000 квадратни метри е направен полигон за иновации во областа рециклирање и повторна употреба. Опфаќа повеќе од 25 претприемачи од најразлични профили, кои ги поврзува желбата за создавање, истражување, подготвеноста за соработка и љубовта кон циркуларната економија. Проектот е инициран во соработка со градот Ротердам, со група претприемачи и со „Импакт хаб“. Инспирирани од принципите на сината економија (Гунтер Паули, автор на книгата „Сина економија“), која подразбира заштитата на морската средина, станарите на овој простор за соработка ги делат визијата, инфраструктурата, лабораториската и информатичката опрема, учат едни од други и со заеднички настапи ги привлекуваат инвеститорите. Неделно ги посетуваат стотици потенцијални деловни партнери. Исто така, ги делат и суровините. Отпадот што кафе-ресторанот „Алоха“ го добива при варење на кафето, на „Ротер жвам“ му користи како подлога за производство на печурки. Јаглеродниот диоксид што се ослободува во тој процес, фирмата „Спираух“ го користи за производство на алга, позната под името спирулина. Од мицелиумот во лабораторијата на „Синиот град“ се произведува материјал за пакување, а печурките завршуваат во понудата на кафе-ресторанот „Алоха“.
Промоцијата на одржливи модели на потрошувачка и производство во циркуларната економија од нетоксични материјали, ефикасното искористување на ресурсите и преодот кон решенија со помал удел на емисија на штетни состојки, отпорни на климатските промени, се дел од економската трансформација за развој на зелената економија.
Зелената економија ѝ одговара на животната средина и ги намалува емисиите на гасови, кои пак го предизвикуваат ефектот на стаклена градина. Позелената економија со себе носи нов пораст и нови можности за вработување. Екодизајнот, екоиновациите, превенцијата за создавање отпад и промоцијата на повторно користење на суровините може да придонесат за почиста заштеда.
Проектот „Зелена економија за развој на регионот“ има цел да ги зголеми активностите и влијанието на организациите врз граѓанското општество во регионот за заштитата на животната средина преку вмрежување, јакнење на капацитетите и промовирање на зелената економија. Проектот е финансиран од ЕУ, а го реализира „Еко-свест“ во партнерство со организации од Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија и од Хрватска.
„Еко-свест“ – центар за истражување и информирање за животната средина
телефон: 02 32 17 247
е-пошта: info@ekosvest.com.mk
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.