Во моментов се наоѓаме во време на глобална неизвесност, соочени со предизвиците на две големи кризи од кои секоја бара итно дејствување. Како општество, не можеме да си дозволиме да се справиме со едната на штета на другата
Автор: Вали Марсзалек, извршна директорка на мрежата „Глобал компакт“ – Хрватска, vali.marszalek@globalcompactcroatia.hr
Во првата половина од 2020 година доживеавме големи социјални, еколошки и економски пресврти. Од девастирачките пожари во Австралија, кои опфатија повеќе од 18 милиони хектари земја и убија околу милијарда животни; преку роевите скакулци во Источна Африка, за кои ФАО проценува дека ќе придонесат за недостиг на храна кај 25 милиони луѓе; па сè до глобалната корона-криза, која меѓу другото ја покажа и ранливоста на глобалното општество, вклучувајќи ги недостатоците на здравствената инфраструктура и економската нееднаквост.
Во моментов се наоѓаме во време на глобална неизвесност, соочени со предизвиците на две големи кризи од кои секоја бара итно дејствување. Како општество, не можеме да си дозволиме да се справиме со едната на штета на другата. Првата е пандемијата на Ковид-19, која здравствено и економски го погоди човештвото, влијаејќи врз основните човечки права и егзистенцијалните прашања. Тоа е дополнителна закана за продлабочување на нееднаквоста во општеството и забавување на напредокот на Целите за одржлив развој на ООН. Втората сеприсутна глобална криза е климатската, со веќе утврденото неповратно штетно влијание врз луѓето и врз сите природни системи од кои зависиме.
Ефектите од климатските промени – од екстремните временски појави и променетите временски услови, до зголемувањето на морското ниво – влијаат врз сите земји, ги нарушуваат националните економии и влијаат врз животот на луѓето и здравјето на планетата.
Не можеме да си дозволиме „да земеме“ пауза од решавање на климатските предизвици поради итноста на моменталната здравствено-економска криза, особено кога крајот не се ни наѕира, а знаеме дека заздравувањето ќе трае долго. Паузата од активното дејствување би имала дополнителни негативни ефекти врз светската економија. Затоа, и двете кризи треба да се адресираат сега и веднаш, бидејќи човечкото здравје зависи од планетарното – храброто и одлучното климатско партнерство е попотребно од кога било досега.
Кризата со Ковид-19 ја нагласи потребата за повторно промислување на одржливата иднина. Со години бизнис-секторот се поттикнува да води грижа за социјалните и влијанијата врз животната средина. Сега се соочуваме со уште попредизвикувачка реалност, која бара иновативност, особено во контекст на постигнувањето на глобалните цели. Со досегашното темпо нема да успееме.
И покрај постигнатиот напредок во многу области, не сме на добар пат да ги постигнеме приоритетните цели до 2030 година. Тоа особено се однесува на климатските цели, кои се поврзани со зајакнувањето на приспособливоста кон климатските опасности и природните катастрофи; интеграција на мерките за ублажување на последиците од климатските промени во националните политики, стратегии и планови; и промоција на механизми за зајакнување на капацитетите за ефективно планирање и управување со климатските промени. Едноставно, светот нема да го постигне очекуваниот напредок со сегашното темпо – потребни се итни и поодлучни кооперативни активности меѓу бизнис-секторот и владите доколку сакаме да ја доживееме таа толку посакувана „подобра иднина за нашите деца“.
Не можеме да си дозволиме „да земеме“ пауза од решавање на климатските предизвици поради итноста на моменталната здравствено-економска криза, особено кога крајот не се ни наѕира, а знаеме дека заздравувањето ќе трае долго.
Ефектите од климатските промени – од екстремните временски појави и променетите временски услови, до зголемувањето на морското ниво – влијаат врз сите земји, ги нарушуваат националните економии и влијаат врз животот на луѓето и здравјето на планетата. Глобалното затоплување продолжува да руши рекорди и секоја година бележиме најсилни бури, најтопли години, најдолги суши итн. Арктичкиот мраз се топи со застрашувачка брзина и алармантно се зголемува просечното морско ниво. Ако итно не се активираме, глобалните климатски промени ќе ги загрозат животите и благосостојбата на милијарди луѓе низ целиот свет.
Поради големината, опсегот и темпото на актуелната пандемија, постои голем ризик дека одговорот на кризата со Ковид-19 ќе го апсорбира поголемиот дел од политичкиот капитал и од финансиските средства, односно ќе го оттргне фокусот од климатските планови и стратегии. Поради тоа, „Глобал компакт“ ги повикува владите и креаторите на политики на партнерство и поддршка за амбициозно климатско дејствување за да се спречат најлошите климатски сценарија и да се избегне неповратната штета кон општеството, економијата и природата. Мора итно да дејствуваме!
За бизнис-секторот тоа подразбира неколку специфични цели, кон кои секоја компанија треба да се стреми (без разлика на големината и секторот). Користење енергија од обновливи извори, одржлива и одговорна набавка на производи и услуги, намалување и елиминација на емисиите на стакленички гасови, осигурување дека бизнис-операциите не навлегуваат во екосистемите и во заедниците; одговорно инвестирање, кое не го попречува напредокот за исполнување на климатските цели...
Светот нема да го постигне очекуваниот напредок со сегашното темпо – потребни се итни и поодлучни кооперативни активности меѓу бизнис-секторот и владите доколку сакаме да ја доживееме таа толку посакувана „подобра иднина за нашите деца“.
Овие напори може да ги дадат посакуваните резултати само ако се темелат врз дијалог и вклучување на сите сектори. Меѓународната организација на трудот проценува дека преземањето мерки за решавање на климатските промени во енергетскиот сектор до 2030 година ќе создаде 24 милиони нови работни места доколку се воспостават вистинските политики. Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија проценува дека бројот на вработените во овој сегмент може да достигне до 42 милиони на глобално ниво до 2050 година или четирипати повеќе од денес, како резултат на зголемениот фокус на инвестициите во обновливи извори на енергија.
За да ги поддржи компаниите да воспостават амбициозни корпоративни цели и да ги интегрираат целите за одржлив развој во бизнис-стратегиите, „Глобал компакт“ на Обединетите нации ја почнува шестмесечната акцелераторска програма „SDG Ambition“. Програмата ќе им овозможи на компаниите да одат чекор понатаму од досегашниот напредок и да постават нови бизнис-цели, вклучувајќи ги и тие што се однесуваат на влијанието врз средината и климатските промени, за да станат поотпорни, поконкурентни и да обезбедат долгорочен пораст.
Програмата беше најавена на Светскиот економски форум во Давос во јануари 2020 година, со што беше усвоена новата Рамка за дејствување на „Глобал компакт“ и беа дефинирани десет мерки за одржливост, кои потоа беа презентирани на Самитот на лидерите во јуни годинава. Десетте мерки за одржливост и конкретните упатства за избор, поставување бизнис-цели и следење на напредокот, се дефинираат според веќе утврдените упатства и според областите во кои бизнис-секторот може да има најголемо влијание. Нивната примена е приспособлива во зависност од секторот, дозволувајќи им на компаниите да дефинираат цели во области што се најрелевантни за нивниот индустриски контекст.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.