Продажба

Емир Ганибеговиќ: Зошто забораваме дека ние го одбираме патот?

28 Feb 2024

Зошто многу лесно стекнуваме лоши навики, а тешко стекнуваме добри? Зошто тешко излегуваме од маѓепсаниот круг на опседнатост со нешто што знаеме дека не е добро?

Автор: Емир Ганибеговиќ, emirgany@gmail.com

Драги мои,

Навиките се процеси што дејствуваат врз батеријата што го напојува нашиот живот. Добрите навики ни помагаат во постигнувањето на целите. Лошите нè ограничуваат. Во секој случај, навиките силно влијаат врз нашето вообичаено однесување. Имаме цели – големи и мали, работи што сакаме да ги постигнеме во одредена временска рамка. Некои сакаат да заработат милион пред да наполнат 50 години. Некои сакаат да ослабат 10 килограми пред почетокот на летото. Некои сакаат да ја напишат дипломската работа во следните два месеца...

Кога настојуваме да достигнеме некој нематеријален или неодреден концепт во животот (успех, богатство, здравје, среќа), првиот чекор е да создадеме конкретна цел. Во животот си поставуваме пред себе различни цели и за да ги постигнеме, потребно е многу работа и позитивни работни процеси за со текот на времето да ни станат рутина, односно навики.

Разликата меѓу навиките и целите е многу важна – секоја од нив бара различни облици на дејствување. На пример:

  • Сакаме да научиме нов јазик. Ако одлучиме дека сакаме да го зборуваме за 12 месеци (цел), тогаш мора да се обврземе дека ќе учиме по 30 минути секој ден (навика).
  • Сакаме да прочитаме повеќе книги. Ако сакаме да прочитаме 50 до крајот на годината (цел), тогаш може да одлучиме секогаш да носиме книга со себе (навика).
  • Сакаме повеќе време да поминуваме со семејството. Планираме со семејството неделно да поминуваме 7 часа повеќе (цел), затоа одбираме да вечераме дома секоја ноќ (навика)

Предизвици со целите

Кога сакаме да промениме одредени аспекти од нашиот живот, често првиот логичен чекор е да поставиме цел. Иако денес многумина бараат опции за самопомош, тој пристап сепак има одредени проблематични аспекти. Целите имаат крајна точка. На пример, сум ја остварил целта за продажба овој месец, не морам тоа да го направам повторно и следниот месец.

Кога еднаш ќе се создадат, навиките дејствуваат автоматски. Тие буквално ги преземаат тешките задачи и ги поедноставуваат.

Зошто многу луѓе се враќаат во земјата во која се родени по постигнување одредена финансиска цел? Многу луѓе трчаат маратони, а потоа престануваат да вежбаат. Одредени луѓе ќе спечалат голема сума пари, а потоа паѓаат во долгови. Некои ја постигнуваат „летната“ цел да ослабнат пред одмор, а потоа надоместуваат со прејадување.

Целите се потпираат на факти врз кои ја немаме секогаш контролата. Неизбежен е фактот дека постигнувањето на целите не е можно секогаш, без оглед на напорот. Поради повреда, може да се откажеме од вежбање, неочекуваниот трошок може да ја загрози финансиската цел, семејната трагедија може да ѝ застане на патот на креативната деловна активност... Кога ќе поставиме некоја цел, се обидуваме да го трансформираме тоа што сме го замислиле во алгоритам на извршување. Секако, како и во секоја комплексна материја, и тука има многу „цаки“. Силата на волјата не е само вештина. Таа е како мускул кој се изморува кога работи напорно.

Да имаме цел пред нас подразбира насочување на сите активности преку постојана сила на волјата. Во периоди кога другите делови од животот ја исцрпуваат силата на волјата, може лесно да заборавиме на целта. На пример, целта да заштедиме пари бара самодисциплина при секое купување, додека навиката да тргнуваме настрана по 20 евра секоја недела бара помал напор. Навиките, а не целите, ги прават поедноставни тешките работи.

Целите можат да нè направат самозадоволни или невнимателни. Истражувањата покажуваат дека може да го збуниме мозокот со поставување цели за голем (и тежок) успех. Тој ефект може да биде поизразен кога ќе ги известиме другите за сопствените цели. Банален пример за тоа е: Од Нова година повеќе не пушам. Кога тоа ќе го разгласите наоколу, а потоа истите луѓе ќе ве видат со цигара в рака... почнуваат прашањата. Затоа, никогаш никому не кажувајте дека ќе престанете со пушење и ќе го немате тој проблем (зборувам од сопствено искуство). Освен тоа, нереалните цели можат да доведат до опасно или неетичко однесување. Затоа – поставете си предизвикувачки цели, но поважно е да изградите навики што водат до исполнување на квалитетните цели.

Навиките ги обликуваат нашите животи повеќе отколку што сфаќаме – толку се силни што предизвикуваат мозокот да ги подражава, исклучувајќи сè друго, па дури и здравиот разум.

Добрата страна на навиките

Кога еднаш ќе се создадат, навиките дејствуваат автоматски. Тие буквално ги преземаат тешките задачи и ги поедноставуваат.

Ја истражував темата „вкоренување на позитивни промени“ во самостоен систем на навики, бидејќи сум свесен дека позитивните навики можат да доведат до неверојатни резултати во која било област од животот.

Намерата на добро обликуваниот збир на навики е да постигнеме повисоки цели преку позитивни чекори на промена во однесувањето. Навиките може да значат дека сме помудри од нашите цели. На пример, писателот има цел да напише роман. Решил да пишува по 200 збора на ден и тоа би требало да трае 250 дена. Пишувањето по 200 збора не е многу – тоа може да се постигне дури и во најзафатените и најстресни денови. Меѓутоа, во одредени денови тој мал чекор може да доведе до пишување 1.000 или повеќе зборови бидејќи целта и рокот се мотивирачки и лесно може да се постигнат во еден просечен ден. Како резултат на тоа, книгата може да биде завршена за пократок рок, односно за четири месеци. Меѓутоа, ако првичната цел била да се напише книга за четири месеци – тоа би било застрашувачки.

Лошите навики лесно се вкоренуваат. Чарлс Дјухиг напишал: Навиките се силни и многу комплексни. Може да бидат надвор од наша контрола, но можат и намерно да се создадат. Честопати се појавуваат без наша дозвола, но може да се преобликуваат на свесен начин. Навиките ги обликуваат нашите животи повеќе отколку што сфаќаме – толку се силни што предизвикуваат мозокот да ги подражава, исклучувајќи сè друго, па дури и здравиот разум.

Примерите се безбројни: пушење, мрзливост, крадење... Според медицинската статистика, кога развиваме одредена навика, нашиот мозок се менува за полесно да заврши процедурата на новото однесување. По приближно 66 дена практика, можноста навиката да (о)стане наше трајно однесување е многу извесна.

Навиките се животот. Нашиот живот е структуриран околу нив, а голем дел едвај и ги забележуваме. Според истражувањето на Дјухиг, навиките сочинуваат 40 отсто од нашето однесување, а нивното значење се содржи во следниот концепт: Целиот живот, кој има одредена форма, е само маса навики – практични, емотивни и интелектуални, системски организирани за квалитетен и среќен живот или за постојана загриженост (песимизам). Тој програмиран систем на навики нè носи кон нашата судбина, каква и да е, добра или лоша...

Се согласуваме ли со Дјухиг? Секако! Помислете само на сите вечни песимисти околу нас... ништо не им чини, секогаш се болни... Кога навиката ќе се вкорени, таа долгорочно позитивно или негативно го одредува нашиот живот.

Со пренасочување на фокусот од постигнување одредени цели кон создавање долгорочни позитивни навики, можеме континуирано да го подобруваме нашиот (приватен и професионален) живот.

Навиките може да бидат поврзани. Стивен Кови го парафразира Ганди кога објаснува: Посеј мисла, жнеј акција; посеј акција, жнеј навика; посеј навика, жнеј карактер; посеј карактер, жнеј судбина! Со други зборови, изградбата на единствени (позитивни) навики може да има големо влијание врз нашиот живот. Според Дјухиг, тоа се клучните навики. Тоа се позитивни промени во однесувањето што предизвикуваат да промениме пошироки области од животот. На пример, тие што почнале секојдневно да вежбаат вообичаено продолжуваат да се хранат подобро и да пијат помалку газирани сокови и алкохол. Градењето позитивни навики не мора да се случи преку ноќ. Тие можат да се градат чекор по чекор. Совет за тие што сакаат да изградат нова позитивна навика е да почнат со мали промени.

Психологот Би Џеј Фог од „Стенфорд“ советува дека треба да градиме позитивни „ситни“ навики, а откако ќе ги изградиме, степенот на нивната сложеност може да се зголемува. На пример, ако сакаме повеќе да читаме, може да почнеме со 10 страници дневно. Откако тоа ќе стане дел од нашата рутина, постојано ќе го зголемуваме бројот на страници.

Со пренасочување на фокусот од постигнување одредени цели кон создавање долгорочни позитивни навики, можеме континуирано да го подобруваме нашиот (приватен и професионален) живот. Тоа може да се види од документираните навики на голем број успешни луѓе:

  • Ворен Бафет чита во текот на поголемиот дел од денот за да го надгради знаењето што му е потребно за инвестициите.
  • Стивен Кинг пишува по 1.000 збора дневно, 365 дена во годината. Таа своја навика ја опишува како некој вид креативен сон.
  • Голем број спортисти прават белешки по секој тренинг за да утврдат во кои аспекти можат да се подобрат.
  • Што мислите, какви се работните навики на Роналдо, Модриќ или Мбапе, кога и тие дневно имаат по 24 часа исто како нас?

Позитивните навики што се повторуваат низ годините не се случајни. Со доследност, придобивките од овие акции се соединуваат и водат до извонредни достигнувања! Додека целите се потпираат на моментална мотивација, навиките се автоматски и долгорочни! Тие буквално го пренасочуваат нашиот мозок. Затоа, кога се стремиме да постигнеме нешто во животот, подобро е да инвестираме време во создавање позитивни навики наместо да се концентрираме (само) на одредена цел. Без оглед на сите проблеми (егзистенцијални, политички, фашистички) што се карактеристични за нашата средина и околина, никој не нè спречува да се самоанализираме и да се насочиме кон промена на навиките.

И не е важно дали живееме во најбогатата или најсиромашната земја во светот – принципот е ист. Успехот и сè кон што се стремиме повеќе е во нас отколку околу нас! Затоа, конечно да сфатиме...

Останете со здравје!

Срдечно ваш,

Емир

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...