Продажба

Емир Ганибеговиќ: Вистински и проверени рецепти за успех

28 Sep 2023

Почнете да се насочувате кон вистинските и проверени рецепти за успех. Неколку од нив (еден мал дел) напишав во овие неколку редови и лично ги искусив. Верувајте дека се ефикасни – од донесување вистински одлуки до работа на себе... И што сега?!

Автор: Емир Ганибеговиќemirgany@gmail.com

Драги мои,

Од големите корпорации за кои работев научив дека сè што е важно треба да се поедностави... На пример, од „Проктер & Гембл“ научив како обичниот смртник може да „изеде слон“. Одговорот е – секој ден „парче по парче“. Продажбата и техниката во оваа компанија беа сведени на четири букви: DPSM (Distribution, Pricing, Shelving and Merchandising).

Сепак, скратениците можат да ни го поедностават животот, но секојдневно мора да донесуваме одлуки и да го насочиме кормилото во вистинскиот правец. Како да ги донесеме вистинските одлуки, особено оние важните?

Правила, правила...

Работа, размислување, подготовка... и промена. Тоа се четирите фази на секоја важна и правилна одлука. Не смеете често да доаѓате во ситуации (а, тоа на сите ни се случува) во одреден момент гледајќи на својот живот да кажете: да сакав повеќе, да имав повеќе, да сум се родил на друго место... Егзистенцијалниот циклус ни помага да донесуваме одлуки со кои го менуваме животот – кога и со кого да стапиме во брак, каде да работиме, каде да живееме... Тогаш чувствуваме што значи да се донесат важни одлуки и доколку биле погрешни, со текот на времето да се „плати цената“ за нив. Затоа, правилата што се важни за донесувањето на која било, особено стратешка, одлука ќе ги претставиме по ред, едно по едно.

  1. Работа. Тоа е зоната во која го поминуваме поголемиот дел од животот. Работа се сите наши активности: пишување е-пошта, читање книги, одење на состаноци, слушање предавања, готвење, танцување, трчање, разговори со пријателите, други видови комуникација итн. Каква и да е активноста и колку и да е пријатна или здодевна, таа се нарекува работа.
  2. Размислување. Доаѓаме до зоната во која анализираме дали или како работите би можеле да бидат поинакви? Што би било ако, на пример, решиме да се преселиме во (денес многу популарната) Германија?
  3. Подготовка. Ова е третата фаза – уште не сме се преселиле во Германија. Каде ќе живееме таму? На интернет ги пребаруваме агентите за изнајмување недвижности во Минхен и во Берлин (уф, ама е скапо), им се јавуваме на пријатели, дознаваме како се движат цените, проверуваме кои документи треба да ги имаме... Можеби дури и ќе ја посетиме посакуваната локација на нашиот иден гастарбајтерски живот. И на крајот од оваа фаза се селиме во зоната на конкретно дејствување и влегуваме во финалната фаза – промена.
  4. Промена/акција. Ги оставаме работата и животот во родната земја, го изнајмуваме/продаваме станот и се селиме. Оваа фаза се нарекува и стратешка деловна/животна промена. Откако ќе се преселиме и ќе ги почнеме важните животни (стратешки) промени, тоа ќе стане наш нормален начин на живот. Повторно сме во фаза на нов (ре)старт за нова одлука...

Оваа постапка не е многу комплицирана кога ја гледаме „на хартија“. Сепак, ќе признаеме дека сите сме биле во фаза на донесување важни животни/деловни одлуки не знаејќи дека постои утврден систем од правила кој (не)свесно сме го применувале.

Додека кружиме околу циклусот, разговараме сами со себе и со најблиските од приватниот и професионалниот живот, од кои некои може да нè спречат да преминеме на следната фаза и да нè натераат да се вратиме на почетокот од циклусот. Понекогаш тие мисли/разговори можат да бидат просперитетни и да ни помогнат да не губиме време и да скршнеме од вистинскиот пат. Но, понекогаш, за жал во поголемиот број случаи, нè спречуваат од радикални пресврти (одлуки) и можности што драматично би ни го подобриле животот.

Трикот е во препознавањето на наведените правила и во способноста за донесување квалитетни одлуки за тоа дали ќе ги слушаме (стравовите) или ќе ги игнорираме, ќе бидеме храбри и ќе тргнеме понатаму. Во тие моменти треба (вешто) да ги избегнеме многубројните „советници“, кои експертски добро знаат дали ќе успееме. За тоа постои едноставен рецепт: не прифаќајте (и не барајте совет) од тие што зад себе немаат животен успех, постигнат со сопствена работа и вложување.

План + реализација + мотивација + константна едукација = Успех.

Повеќекратно „убиство“ на стравот

Сите чекори што ги правиме, особено стратешките, многу е важно да не бидат брзоплети. Да се поштедиме од подоцнежното жалење затоа што сме побрзале и непромислено сме влегле во процеси што долгорочно можат многу да нè чинат... Не смееме премногу лесно да тргнеме да ја преминеме реката Рубикон, без да размислиме за големината на војската од другата страна! Најдобриот совет што сум го добил во овие ситуации е да се помине повеќе време во фазата на подготовка. Но, да не заборавиме – ако сакаме да се подобруваме, мора повеќе пати во животот да го преминеме Рубикон, а фазата на подготовка не смее вечно да трае!

Сите имаме избор како да управуваме со нашите животи. На пример, кога ќе го вклучам телевизорот, гледам исклучиво документарци, понекогаш спорт или кулинарски канали. Не дозволувам политичките „вжештени“ глави да ми го нарушат мирот.

Од политика, исклучиво ме интересира како да го унапредиме системот на образование и да го искористиме потенцијалот на современото знаење. Моето лично (продажно и животно) знаење, стекнато во светските корпорации, сакам бесплатно да им го пренесам на младите генерации, со единствена цел – да им порачам да останат овде. Пронајдов начин како да го реализирам тоа, иако не беше лесно, бидејќи кога го презентирав про боно концептот за современа едукација за продажба, наидов на сомнежи кај неедуцираните глави. Но, ако во продажбата и во животот за секоја стратешка одлука правилно се следат четирите чекори (работа, размислување, подготовка и промена) – успехот е неизбежен. Не постои не можам, туку само сакам или не сакам. Во одреден момент од нашиот живот, доколку сакаме да напредуваме, мора да ги надминеме сопствените стравови.

Притоа, да не заборавиме – во резултатите според кои се мериме, дали сме доволно искусни за да го задржиме своето здравје и да се справиме со стресот во тој корпорациски бунар без дно? Дали досега изградивме емоционален прекинувач кој мудро може секогаш да го примениме за да се заштитиме од опасниот стрес? Едноставно, замислете дека го имате в рака тој прекинувач и мора да се обидете секогаш да го држите на нула. Погледнете околу себе – за колку од луѓето што моментално се ваши колеги може да кажете дека би дошле на вашето последно испраќање од овој свет? Колку од нив заслужуваат да го уништите сопственото здравје и да кратите драгоцено време од животот?

Размислете... Резултатите може уште малку да ги подобриме годинава, но затоа пак следната година ќе растуриме... и приватно и професионално. А колку пати во последните години, пред крајот на годината, си даваме себеси слични ветувања и колку од нив навистина доследно сме ги примениле? Почнете да се менувате и повеќе да работите на себе. Филозофирам? Да, и? Ќе почнете сега? Ќе излезете од зоната на комфорот и ќе го (ре)организирате животот најдобро што можете? Како?

Уште едно прашање до вас – колку часа спиете? Седум-осум е доволно? Да. Но, големиот американски автор Наполеон Хил (1883 – 1970) и нашиот современик Робин Шарма – двајца писатели што топло ги препорачувам, анализирајќи ги особините на најбогатите луѓе на светот, дошле до интересен заклучок: најважната заедничка особина за сите е што се будат рано наутро.

Една од последните книги на Робин Шарма го носи насловот „Клубот 5 наутро“ (The 5AM Club). Будни во 5 часот наутро? Како? Па така што порано ќе одиме на спиење... Ако сме заспале во 22 часот, до 5 часот имаме веќе сон од седум часа или до 6 – цели осум часа спиење. Првиот час по станувањето се буди целото тело, а со (малку) физичка активност и повеќе интелектуално будење... Да не ви раскажувам понатаму... Ви ги препорачувам овие двајца автори. Дали откако ќе ги прочитате овие редови ќе ги побарате нивните книги? Можеби и ќе ги најдете, но кога ќе ги прочитате?

Почнете да се насочувате кон вистинските и проверени рецепти за успех. Неколку од нив (еден мал дел) напишав во овие неколку редови и лично ги искусив. Верувајте дека се ефикасни – од донесување вистински одлуки до работа на себе... И што сега?!

Останете со здравје!

Срдечно ваш,

Емир

Емир Ганибеговиќ по професија е дипломиран економист кој професионалната кариера ја гради во секторите за продажба на корпоративни брендови како Kraft, Varta, Jacobs и General Electric. Низ кариерата бил и на функцијата национален продажен менаџер за Boss, Max Factor и Gucci, како и за компаниите „Проктер & Гембл“ и „Марс“ (за регионот на БиХ, Македонија и Албанија). Од 2017 година во сопствената фирма „Про конс“ активно се занимава со консалтинг за продажба и успешен пласман на стоки и услуги на FMCG-пазарот. Живее и работи во Сараево.

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...