Продажба

Емир Ганибеговиќ: Зошто веќе немаме сила за работа и за надеж?

06 Jul 2023

Дали сте успешни во работата што ја работите? Да? Или можеби не? Не мора многу да чекате за одговорот. Тоа го знаат сите од вашата околина – колегите, надредените и најблиските. Време е да се разбудите и да го земете кормилото во свои раце...

Автор: Емир Ганибеговиќ, emirgany@gmail.com

Драги мои,

Кога искрено сте прашале некого: Што мислиш, дали добро ја извршувам мојата работа? Кога сте го поканиле вашиот претпоставен на кафе за да разговарате за себе и за својот резултат во работата? Сепак, тоа е негова/нејзина работа, па ако не ве повика насамо да разговарате за вашите деловни резултати, тогаш сè е во ред. Но, дали е токму така?

Да се обидеме нашите активности (приватни и професионални) да ги поврземе со едноставен животен концепт, кој сигурно ќе ни помогне. Бесплатен е, а толку малку внимание му посветуваме! Разбирливо е дека во нашето опкружување имаме сè помалку време да размислуваме за себе, а токму во тоа е силата на богатите и на успешните. Тоа се вика ентузијазам.

Зборот „ентузијазам“ потекнува од два грчки збора што значат „сила однатре“. Како да ја разбудиме таа сила и да поттикнеме позитивна акција, која со добрата и позитивна внатрешна енергија ќе предизвика огромна успешна лавина што сите ќе ја забележат? Од друга страна, секојдневното опкружување вложува труд да ни зададе сè потешки околности со кои се бориме... Одговорот е едноставен: работата на себе мора да станува сè посилна и посилна! Изгасете го телевизорот, престанете да ги следите тешките и тажни вести (тие, за жал, секако ќе стигнат до вас) и посветете се на себе. На тој начин најдобро ќе им помогнете и на најблиските. Немате време? Имате – само не го распоредувате квалитетно.

Најпрвин, мора да го сакате тоа што го работите! Ако продажбата е вашиот избор, тогаш (о)станете најдобри во тоа. Мора да застанете пред огледало и да си го објасните себеси тоа за што сте создадени. Сигурно имате некои од позитивните професионални знаења, за кои сте свесни дека се добри за вас и за работната средина. Кога тоа ќе го дефинирате, пуштете ја локомотивата во погон. Но, внимавајте! Старата добра парна локомотива не можела да се помести ни милиметар сè додека водата во неа не достигне 100°C. Дури ни водата што речиси дошла до степен на вриење, достигнала неколку степени помалку – не успеала да ја покрене тешката локомотива.

Во работата што ја работиме и (се надевам) дека ја сакаме, мора да „зовриеме“! Доколку не ја сакате работата, зошто воопшто продолжувате да ја работите? Ако сакате успех – мора да „зовриете“ или ќе ве снема. Ако влегувате во некој предизвик (пак ќе кажам, приватен или професионален) со голема сигурност во успехот, енергично, проактивно и ентузијастички – вашите надредени ќе имаат поголема доверба во вас и со текот на времето сигурно ќе добиете унапредување.

Замислете еднадодруга две мали продавници со стоки за широка потрошувачка. Во едната имате производи само на „повелете“, т.е. влегувате, купувате и излегувате – сопственикот не го ни забележувате. Во втората сите ве дочекуваат со насмевка, позитивна енергија, ентузијазам, ве прашуваат како сте, се трудат да го набават тоа што еднаш сте го побарале, а го немале... Со текот на времето од двете продавници со ист асортиман ќе опстане само една – добро знаеме која.

Во светот секогаш постои простор за ентузијазам. Тоа ја зголемува нашата сила што води до максимум. Ентузијазмот е од голема помош и за добивање работа. Толку е заразен, што дури и пред да сфатиме се проширува. Доколку со срце сте во работата, вашата енергија ќе предизвика клиентот да заборави дека сакате нешто да му продадете.

Не заборавајте: психолошки (нај)важната работа за добрите навики е да не дозволите да го забават вашето темпо. Не дозволувам да ме „убијат“ различни весници, ТВ-канали, дебати, политички ситуации, избори... Нема да ми ги скршите желбата и енергијата да се занимавам со работата што ја сакам, да бидам најдобар во неа, но и активно да се вклучам во проблемите од приватниот живот, кои исто така бараат максимален ангажман. Тоа е рецептот на богатите и на успешните!

Честопати се случува работата да не ви е возбудлива, ниту интересна. Може да биде здодевна и исцрпувачка. Сепак, пронајдете нешто во неа од што ќе генерирате ентузијазам. Пронајдете начин да го направите тоа побрзо и подобро. Пронајдете конкретни цели што сакате да ги достигнете – не чекајте на надредениот, задајте си ги самите. Немате мотивација? Изморени сте од сè? Верувајте дека многу значи тоа што сте живи и здрави во денешно време, научете да го цените тоа...

Свртете се околу себе и сигурно ќе забележите дека познавате такви личности – има нешто во нивната аура, во нивниот изглед, што им овозможува победа дури и пред да почне битката. Таа аура им пренесува порака на другите дека сигурно успешно ќе ја завршат поставената задача, создава сигурност и (само)доверба, кои се зголемуваат по секоја исполнета задача. Секако, не е лесно да се биде возбуден за сите секојдневни работи што ни се случуваат, но можно е, само ако се потрудиме. Честопати нè фаќа анксиозност, страв и безволност. Замислете само што на тоа би ви кажал еден (глув) Бетовен, кој ги компонирал најубавите светски музички дела, или пак Колумбо, кој успеал да ја убеди кралицата Изабела I да му обезбеди финансиски средства за пат во непознатото... А, браќата Рајт? Сите ги прогласиле за луди гледајќи ги нивните бескрајни обиди да се вивнат в небо... Замислете да подлегнеле на судот на масата, да го изгубеле ентузијазмот и едноставно да се откажеле?!

Неколку рецепти за добар животен микс:

  • Мнозинството едвај чека некој друг да направи нешто погрешно, а „јас лично“ да немам никаква врска со тоа. Уживањето во туѓите порази е нешто што е тешко да се објасни уште од почетокот на човековото суштествување. Сепак, вистинските луѓе што сакаат да бидат успешни секогаш се трудат да го бараат доброто и кај другите – да ги поддржуваат уште повеќе, да ги негуваат и развиваат овие квалитети, а таму каде што им треба помош – да им помогнат! Вистинските луѓе не бараат ситници за да ги критикуваат другите, туку ги бараат нивните позитивни и силни страни.
  • Најдете време и дружете се со луѓето на кои им се восхитувате за нешто. Да вистина е, во денешно време сè потешко и потешко се наоѓаат такви луѓе, но размислете – веројатно имате неколку од нив во близина. Заинтересирајте се за другите и посветете им го вашето време, искрено! За неколку месеци можеби ќе стекнете повеќе добри и искрени пријатели отколку за неколку години, обидувајќи се да ги „заинтересирате другите за вас“.
  • Бидете оптимисти, емпатични и насмевнете се – доста ни е од депресија. Ако денот ви е „нормален“, научете да го цените и уживајте во него – има само еден живот! Подарете им на сите насмевка, но искрена! Па, тоа е бесплатно! Исто така, одвојте време да ги слушате другите – емпатијата, за жал, е толку дефицитарна карактеристика во последно време!
  • Верувајте во себе! Сетете се на Колумбо, браќата Рајт, Бетовен – грандиозни умови кои и покрај притисоците на околината, никогаш не се откажале, биле оригинални и верувале во себе.
  • (О)станете пријатни. Никој не сака намќори, но понекогаш мора да ги трпиме. Дали понекогаш и вие сте намќор? Верувајте дека сте – барем во сопствените домови... Ајде да бидеме пријатни... засекогаш? Тоа можеби ќе ви помогне да се изразите во најдобро светло, да ги покажете на површина вашите квалитети и, секако, да ја зголемите емпатијата.
  • Конечно – стравот од јавно говорење е еден од исконските и најголемите човечки стравови! Немојте да се изненадите ако сте еден од тие луѓе. Низ историјата има примери на многу генерали што победиле во многу тешки битки и воделе илјадници војници до победа, но никогаш не им било дозволено да ѝ се обратат на јавноста. Сепак, тој страв може да се надмине со вежбање – обидете се да го надминете. Зборувајте! Еден од најефикасните начини да бидете забележани е активно да учествувате на состаноците на кои присуствувате, секако ентузијастички... и подготвени.

Сите наведени рецепти можат да помогнат, а со насмевката, пријатноста и оптимизмот, гарантирано ќе ве доведат до успех, без разлика дали се занимавате со продажба или со нешто друго. Еве ви го рецептот, но дали ќе го практикувате и ќе се обидете да го примените во сопствениот живот? Поголемиот дел од вас нема да го применат. Тие нека продолжат да бидат контролирани од „животните непромислени автопилоти“, а вие неколкумина, кои сериозно ќе ги сфатите овие редови, прочитајте ги неколку пати и некаде истакнете ги и залепете ги овие страници... Вие сте причината поради која одвоив време за пишување...

Останете со здравје!

Срдечно ваш,

Емир



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...