Приредија: Јелена Домовиќ, jelena@instore.hr и Данче Драгинова, danche@instore.mk
Живееме во време кога пет од деветте најважни трендови на интернет-маркетингот се поврзани со мобилните уреди. Мобилните апликации се сеприсутни, а корисниците се бомбардирани со огромен избор. Истражувањата покажуваат дека дневно се испраќаат околу 41,5 милијарди пораки, што резултираше со популаризирање на неколку апликации за разменување пораки, кои ја презедоа улогата на класичните СМС-пораки.
Меѓу нив, најпопуларни се „Вајбер" и „Ватс ап". Како главна предност и карактеристика на тие апликации, се наведува тоа што тие не го компромитираат корисничкото искуство и не го попречуваат користењето на другите апликации, односно – едноставни се за користење.
Поради развојот на пазарот на апликации за допишување, се појави и силна конкуренција меѓу развивачите на апликации, со фокус на едноставноста и на подоброто корисничко искуство. Како една од најпопуларните одлики на тие апликации е користењето стикери.
Успешноста на стикерите најмногу се гледа во тоа што луѓето ги перципираат и на нив одговараат со емоции – како да се вистински човечки лица и кон нив градат емоционални врски. Користењето на стикерите одговара речиси на сите демографски групи, а со нив може да се заработат и пари.
Coca-Cola празнични стикери „Кока-кола" е првата компанија во Македонија, која во декември 2015 година ги употреби вајбер-стикерите. Од таму велат дека следејќи ги трендовите на користењето на социјалните медиуми во земјава, дошле до интересен податок дека Македонците се меѓу најбројните корисници на „Вајбер", при што апликацијата ја користат не само тинејџерите, туку и повозрасните. Водени од максимата – една слика е како илјада зборови, и имајќи предвид колку и самите често ги користиме, дојдовме до идеја да стапиме во контакт со претставници од „Вајбер" и да ја разгледаме можноста први во земјава да лансираме локално релевантни стикери, велат од „Кока-кола" – Македонија. Од компанијата додаваат дека многу бргу по првичниот контакт со „Вајбер", ги потврдиле потребните детали за лансирањето на Coca-Cola празничните стикери:Како најинтересна тема за пошироката целна група ги избравме новогодишните празници и сите топли и убави моменти, што тие ги носат со себе. И верувајте, не погрешивме! Тие станаа неверојатен хит уште во првата недела од лансирањето. |
Свесност за брендот
Стикерите се огромна можност за да се достигне виртуелност и ангажман на купувачот. Според досегашното искуство, квалитетните и забавни стикери, многу бргу стануваат виртуелни и водат до голем број следбеници, со што ја зголемуваат свесноста за брендот или за компанијата.
Корисниците ги користат стикерите за да ги дополнат пораките со посебност, емоции, специфичен тон и со содржина. Тие се можност за лично изразување. Со додавањето стикери од одредени брендови во конверзацијата, корисниците им даваат можност на брендовите да влезат и да станат дел од „разговорот во четири очи", во кој тешко се влегува. Буквално, стикерите стануваат дел од конверзацијата. Во тој контекст се истакнува и главната цел за користење на стикерите за промоција на брендот. Целта не е да се зголеми директната продажба, туку да се зголеми свесноста за брендот, што ќе ги поттикне корисниците да се ангажираат за него.
Стикерите се силен визуелен медиум за промоција на брендот, особено ако се земе предвид дека очите се најважното човечко сетило, со кое примаме 90 отсто од информациите од околината. Токму затоа, психолошката заднина е важен елемент за квалитетна промотивна стратегија, а успешноста се гледа во тоа дали корисниците ги перципираат и одговараат на нив со соодветни емоции.
Стикери на Nescafé 3in1 Frappe Соработката на „Нестле Адриатик" со „Вајбер", почнала како продолжение на добрите резултати од 2015 година во Србија: Како иноватор во регионот, почнавме да користиме и други канали за комуникација што се интересни за целната публика. Индивидуализацијата и директната комуникација, сè повеќе се зајакнуваат, а брендовите, поради блокаторите за реклами, не можат да дојдат до целната публика. Затоа, се приспособуваме кон трендовите и создаваме нови, како што се вајбер-стикерите, кои ја олеснуваат комуникацијата преку дигиталните канали, велат од „Нестле". Од компанијата откриваат дека резултатите од вајбер-кампањата биле одлични – 100.000 корисници го симнале македонскиот стикер-пакет Nescafé 3in1 Frappe. |
Вајбер-стикерите може да се користат во „Public chats" (Јавни разговори), што е бесплатна и атрактивна алатка, преку која брендовите развиваат лојална заедница од посветени пријатели. Тоа е платформа за позиционирање на брендовите на најдобар можен начин, односно за комуникација на нивните главни пораки со корисниците на „Вајбер". „Public chats" не бара време и напор, бидејќи со платформата управуваат администратори, а корисниците се активни преку читање, „лајкување" и споделување на содржината. Оваа алатка им отвора можност на компаниите за пристап до милиони глобални купувачи.
Секоја вајбер-кампања трае три месеци, во текот на кои стикер-пакетот може да се симне. Стикерите може да се разменуваат меѓу корисниците што ги симнале пред истекот на кампањата.
Примери од регионот „Подравка" е еден од првите регионални стратешки партнери на „Вајбер", чија соработка почна уште во ноември 2015 година. „Подравка" прво отвори јавен разговор за својот портал за рецепти Coolinarika.com, а во декември минатата година го лансираше пакетот стикери Free&Follow. За месец и пол од лансирањето, 200.000 корисници го презеле стикер-пакетот, а дури 85 отсто од новите корисници останале да ја следат Coolinarika на „Public chats". Потенцијалот на „Вајбер" како платформа, се покажал како клучен за продолжување на соработката на „Подравка" со „Вајбер", со активација на стикерите Lino, кои досега ги имаат симнато околу 310.000 корисници, кои имаат испратено повеќе од 6 милиони пораки. И „Конзум" од Хрватска го користи „Вајбер" како канал за промоција на локалните и на персонализираните понуди, но годинава, трговецот верува дека вајбер-разговорите ќе поттикнат бројни иновации во дигиталната комуникација. |
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.