Маркетинг

Magners им помага на пчелите

03 Aug 2023

Со слушање реклами на стриминг-сервисот „Спотифај“, ирскиот сајдер Magners собира донации за поддршка на пчелите во Велика Британија.

Брендовите стануваат сè посвесни за улогата што биодиверзитетот ја има во нивните синџири на снабдување и за важноста да им ја пренесат таа порака на крајните потрошувачи.

Свесен за нераскинливата врска меѓу пчелите и основниот ресурс на своето производство – јаболката, брендот Magners ја подигнува свеста за потребата да се поддржат пчелните живеалишта во Ирска и Велика Британија преку кампањата Gardens. Best Served With Magners.

Кампањата се реализира со помош на агенцијата за дигитален маркетинг „Гуд-луп“, која е препознатлива по рекламите за брендови, кои истовремено се и донаторски акции, преку уникатниот принцип – „слушај или гледај за да донираш“. Секојпат кога некој ќе ја преслуша новата аудиореклама на Magners на стриминг-платформата „Спотифај“, ќе слушне и порака дека се генерирани средства за добротворната организација „The Bee Friendly Trust“. Организацијата  работи на заштита на живеалиштата на пчелите и другите опрашувачи во Обединетото Кралство.

Кампањата ќе трае до 31 август, а од компанијата очекуваат да соберат околу 22.000 фунти (повеќе од 25.500 евра).

Бројот на пчели низ целиот свет е во сериозен пад поради зголемената употреба на пестициди, интензивното земјоделство и влијанието на климатските промени. Според Меѓународниот сојуз за заштита на природата, дури на 24% од европските видови бумбари им се заканува истребување.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...