Instory

BeHealthy: Сериозно добар производ за Европа

24 Feb 2020

Стравот од неуспех за некого е кочница да донесе одлука и да преземе акција. Преземањето акции носи ризик бидејќи не постои начин однапред да знаете дали акцијата ќе води кон успех или кон неуспех. Трагајќи по нови и иновативни брендови на македонскиот пазар, наидовме на BeHealthy, производ на семејството Јаневски, за кое не важи погоре кажаното, туку токму спротивното.

Стравот од неуспех создава толку добар производ, прочитавме на веб-страница на BeHealthy, што за нас беше поттик да поразговараме со менаџерот Дамјан Јаневски, кој речиси донкихотовски решил да зачекори во една нова, иновативна област за нашиот пазар и да ги произведува мобилните оброци BeHealthy.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Тајната е во рачното производство

Дамјан има 22 години и е трета година на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Како што тој ни раскажа, приказната за BeHealthy почнува во домашната кујна на петчленото семејство Јаневски. Согледувајќи ја секојдневната реалност исполнета со болестите на модерното живеење, кај семејството се јавила потребата од поголема грижа за себе. Загриженоста била иницијатор за радикална промена, најпрвин на сопствените прехранбени навики, а подоцна и мотив за создавање мобилна храна без вештачки додатоци, која истовремено е лесно достапна за консумација во брзото урбано секојдневие.

BeHealthy како бренд е дел од фирмата „Винг“, но е регистриран посебно во 2015 година. Во овој сегмент навлеговме, пред сè, поради потребата за чиста храна, без адитиви. Тоа што го имавме како понуда во средното училиште најчесто беа печива, од кои подоцна ми беше тешко. Сакав нешто што ќе ми даде енергија, па со сестра ми, која е една година помлада од мене, почнавме дома да си правиме здрав оброк и да го носиме на училиште, раскажува Дамјан.

Родителите на нашиот соговорник се долгогодишни фитнес-инструктори и нутриционисти. Дамјан постојано од нив црпел идеи и добивал совети за начинот на исхрана и генерално за начинот на живот. Понатаму, заедно со родителите дојдовме до идеја да ги пренесеме сопствените навики во исхраната и на другите луѓе, односно тоа што го правиме дома да го преточиме во производ. Се согласивме сите и почнавме да навлегуваме во работата.

Почнуваат да експериментираат со идеи во погонот во скопската населба Аеродром, на булевар Јане Сандански. Се обидувале да спојат состојки со различни вкусови и ги испитувале вредностите што ги имаат тие продукти, додека да добијат нешто што истовремено е и вкусно, и здраво.

Немаме индустриски машини за да произведеме производ. Речиси сите придружни машини се направени по наше барање, за производот да остане рачно изработен.

Протеинските барови BeHealthy генерално се произведуваат во овој погон, а во завршна фаза е и објектот во Пинтија, кој ќе биде наменет за производство за извоз. Преговорите за извоз се во тек и семејството Јаневски има позитивни очекувања.

Кај нас потрошувачите сè уште не го знаат овој производ, сè уште прашуваат што е. Мора да им објаснуваме дека ова е храна без адитиви, без глутен, без житарки. Освен тоа, производот е составен од свежи состојки, во идеален сооднос, истакнува Дамјан, накратко објаснувајќи го процесот на производство: Секоја состојка мора да помине низ влагометар, да се пастеризира на специјална температура за да се задржат витамините и минералите, да отстои во посебни комори, да се состави производот, па пак да отстои во посебни комори, па дури потоа да се пакува. Целиот процес трае околу 40 часа и уште го усовршуваме.

Според Дамјан, процесот до финалниот производ иако е тежок, особено затоа што е рачен, сепак за семејството тоа не претставува проблем, бидејќи работат со љубов. Тајната на BeHealthy е токму во рачното производство. Немаме индустриски машини за да произведеме производ. Речиси сите придружни машини се направени по наше барање, за производот да остане рачно изработен. Ако е машински создаден, производот нема да има ниту ваква текстура, ниту ваков вкус. Толку добро се испраксиравме, што можеме да произведеме и до 1.000 парчиња дневно. Не да произведеме, туку да ги направиме.

Суровините што се користат за BeHealthy најчесто се увезени или од македонски производители. Сепак, Дамјан вели дека се соочуваат со проблем во однос на понудата на константен квалитет на суровините.

Мобилен оброк по нарачка

Основното портфолио на BeHealthy се состои од седум вида барови, односно мобилни оброци. Првиот е со путер од кикиритки и протеин, а последниот е со путер од индиски орев. Другите се со путер од бадем, мед и протеин; путер од кикиритки, банана и парчиња чоколадо; путер од сончоглед и цимет; веганскиот со спирулина и енергетски со урми, кикиритки, бадеми.

Поради специфичноста на производите, баровите се селективно понудени на пазарот. Ги има во маркетите dm, во сите поголеми фитнес-центри, во специјализирани продавници за здрава храна како „Био космос“ и „Маркт“, како и во приватните училишта „Нова“. Притоа, дистрибуцијата е сопствена поради потребата од редовна контрола на производот, кој е со пократок рок.

Јаневски се во преговори и со дел од големите трговци во земјава, но реално се соочуваат со предизвикот како да биде класифицирана оваа нова категорија производи, која генерално треба да биде сместестена во фрижидер. Во тоа се состои и главната борба за пробив на BeHealthy, затоа што не станува збор за чоколадо, снек-производ или за житарки, туку за комплетен оброк.

Со веб-апликацијата сме прва фирма во Европа за креирање на личен протеин-бар (оброк) без адитиви и вештачки додатоци.

Доаѓаме и до е-продавницата на BeHealthy, која е иновација на македонскиот пазар. Од идејата на Дамјан, поминале три години на интензивна подготовка пред веб-апликацијата да биде активирана. Преку неа потрошувачите можат самите да креираат бар, односно да изберат состојки што ги сакаат во својот мобилен оброк, а производот ќе им биде доставен на домашна адреса. Во европски рамки постојат три или четири фирми што се занимаваат со производство на оваа категорија мобилни оброци. Можеби има 10-ина фирми во светски рамки. А, со апликацијата, сме прва фирма во Европа за креирање на личен протеин-бар (оброк) без адитиви и вештачки додатоци. Преку апликацијата ние всушност на потрошувачот му велиме: Повели, одбери си состојки, имаш декларација да знаеш што јадеш, а ние тоа ќе ти го испорачаме како оброк, истакнува тој.

На прашањето дали воопшто гледаат конкуренција на BeHealthy на македонскиот пазар, Дамјан одговори дека со оглед на тоа што нема друг ваков производ, не постои кокретна конкуренција: Можеби имаме конкуренција во однос на пакувањето и намената како снек-производ, но немаме конкуренција во однос на содржината и на биолошката вредност. Овој сегмент го поставивме први и ќе го одржуваме.

Дизајнот на пакувањето на BeHealthy, но и на е-продавницата, е идеја на Јаневски, без да биде ангажирана друга фирма или агенција. Сепак, Дамјан признава дека идејата не би се остварила без помош од пријателите, кои помогнале во реализацијата.

Јаневски практикуваат тип на маркетинг, што не е многу својствен за македонски услови – Многу добар успех имаме во непосредната комуникација, преку презентациите што ги правиме во одредени компании. На тој начин не само што го презентираме производот, туку ги пренесуваме и знаењата од областа на нутриционизмот и едуцираме, а освен тоа, консументите може и да го вкусат оброкот.

Понатамошните маркетиншки планови вклучуваат и ангажирање на бренд-амбасадори од различни професионални области – бодибилдинг, пилатес, естрадна уметност... Засега, од фејсбук-објавата познато ни е и името само на шампионот во бодибилдинг Васко Мамучевски, а со другите бренд-амбасадори уште траат преговорите и тие ќе ни бидат откриени наскоро.

Семејството Јаневски се убедени дека BeHealthy е сериозно добар производ за Европа и веруваат дека мобилните оброци побрзо ќе бидат прифатени на странските пазари.

На крајот од разговорот, Дамјан ни откри дека годинава портфолиото на BeHealthy ќе се збогати со уште два нови производа: Првиот се повеќе видови путери од 100% природни состојки, кои ќе ги пуштиме во продажба во март. Втората линија ќе биде изненадување – нешто невидено тука и многу интересно. Сè уште ја чуваме во тајност.

За во иднина, Дамјан истакнува дека нема да излезат од концептот за производи без адитиви. Специјализирани се за чиста храна и ќе продолжат во тој правец. И за тука, и за странските пазари. Без никакви компромиси.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...