Во југоисточниот дел на Европа, на ридестиот Балкан се наоѓа Македонија, винската земја во која сонцето вечно сјае... Благодарение на сјајното сонце, македонските вина кријат вековна традиција и се одликуваат со голема префинетост. Како земја на виното, Македонија има богата винска историја – истовремено и многу стара и многу млада. Можно ли е воопшто да се раскаже приказната за македонските вина? Тоа е приказна со безброј ликови, искуства, вкусови и тајни на рецептите што со векови се пренесуваат од генерација на генерација.
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Во потрага по делче од приказната за македонските вина, стигнавме до семејството Стевковски во скопската населба Ѓорче Петров, кое веќе неколку години управува со винарницата „Кувин“. Произведуваме ограничени количества врвно природно вино, создадено рачно и на традиционален начин. Сами ја создадовме и ја негувавме префинетоста на семејното вино, вели енологот Ивица Стевковски, сопственик на винарницата, кој по професија е дипломиран менаџер по агробизнис и поседува две вински титули – вински советник и вински витез.
Семејството Стевковски поседува сопствено лозје од 0,6 декари, кое е засадено со сортата вранец. Лозјата лежат на надморска височина од 350 метри во регионот наречен Кучковски атар.
(Пред)историја од половина век
Семејството Стевковски одлучило да влезе во светот на винарството во 2010 година, иако и претходно се занимавало со одгледување винова лоза. Винарницата „Кувин“ има своја (пред)историја што трае речиси половина век. Ивица го носи „винскиот“ ген уште од дедо му, па преку татко му...
Виновата лоза во нашето семејство првпат е засадена во далечната 1964 година од мојот дедо. Неговата љубов кон лозјето продолжил да ја негува и мојот татко, кој честопати го цитираше старогрчкиот поет Хомер: Виното може да им го помати умот на умните, мудрецот да го стори весел, а сериозниот – насмеан. Како дете, воопшто не ја разбирав неговата мисла, но како што растев и созревав, истата мисла ме поттикна на размислување да го претворам плодот од виновата лоза во божествен пијалак, раскажува Ивица.
Тој се нашол на крстосница: дали да продолжи по патот на неговите предци, односно да одгледува и да продава грозје, или да направи нов голем чекор – да отвори семејна винарница и професионално да произведува вино. Во тој период поддршката од најблиските била пресудна. Во 2010 година Стевковски одлучиле да ја отворат малата винарница „Кувин“ и за да им останат верни на традицијата и на историското наследство на регионот, винарската визба го добила името по скопското село Кучково. „Кувин“ е кованица од Кучково и вино.
Следното вино од „Кувин“ ќе биде ново пенливо вино од сортата темјаника.
Вино од сопственото лозје
Винарницата „Кувин“ е лоцирана во населбата Ѓорче Петров, на улицата Македонска преродба, бр. 70. Вкупната површина е 200 квадратни метри, од кои 75 квадрати се простор за ферментација, 75 се користат како простор за одлежување на вината и 10 квадратни метри се за барик-одлежување на виното. Дополнително, има и просторија за дегустација на 12 квадратни метри, а 28 квадрати се магацински простор.
Семејството Стевковски поседува сопствено лозје од 0,6 декари, кое е засадено со сортата вранец. Лозјата лежат на надморска височина од 350 метри во селото Кучково во регионот наречен Кучковски атар, односно на ридестиот дел од локалитетот Велеполе (микролокалитет Ломче). Освен нашето сопствено лозје, со кооперант-партнер обработуваме и три хектари во виничкото виногорје на надморска височина од 600 метри. Лозовиот насад е релативно млад, шестгодишен, и е во добра состојба. Дава одличен род, а е засаден со сортите совињон бланк, каберне совињон и со мерло, вели Ивица.
Винарницата располага со капацитет од 20.000 литри, додека производството варира и се движи од 10.000 до 12.000 литри годишно. Во производството се вклучени сите членови од семејството, без надворешни вработени.
Портфолиото на винарницата „Кувин“ се состои од белите вина Sparkling wine, Мугра Sauvignon Blanc, Cuvee White, Златник Chardonnay и Луна Temjanika, како и од црвените Endless Story Merlot, Merlot Barrique, Cabernet Sauvignon, Cabernet Sauvignon Barique, Македонски јунак Vranec, Vranec Barrque и Vranec Barrique Milo. Последно вино во низата е пенливото. „Кувин“ го произведува и Македонска убавина Rose Stanusina, розе вино од старата автохтона сорта грозје станушина, која не вирее никаде на друго место на светот освен во Македонија. Ивица открива дека следното вино од „Кувин“ ќе биде ново пенливо вино од сортата темјаника.
Го прашавме едно неблагодарно прашање: кое вино лично нему му е омилено. Секое вино си има посебна убавина, сите ми се фаворити, одговори тој.
Вината на „Кувин“ може да се најдат само во рамките на винарницата. Дистрибуцијата е сопствена и ја вршат членовите на семејството, со тоа што вината ги доставуваат до вратата на консументите. Ивица е сосема задоволен од овој начин на функционирање и истакнува дека немаат во план да ја прошират дистрибуцијата во други продавници и трговски синџири. Сепак, тој открива дека размислуваат и за извоз.
Префинетост во ограничени количества
Ивица е посветен винар и не престанува да се бори со сите предизвици со кои може да се соочи еден млад винар. Еден од предизвиците е и конкуренцијата, за која тој признава дека е голема. Конкуренцијата е голема, но ние се бориме. Произведуваме ограничени количества врвно природно вино, создадено рачно и на традиционален начин. Сами ја создадовме и ја негувавме префинетоста на семејното вино, истакнува тој и додава дека токму во тоа и се состои конкурентската предност на „Кувин“.
Пресврт во досегашното работење на „Кувин“ е воведувањето на винската едукација, која станала одлика на винарницата.
Според Ивица, префинетоста на семејните вина не се должи само на квалитетот на грозјето и начинот на создавање. За препознатливоста, во голема мера придонесува и нивниот изглед (дизајн, лого, амбалажа), за кој е заслужно професионално студио за дизајн. Од маркетинг-активностите, „Кувин“ најчесто ги користи социјалните мрежи („Фејсбук“, „Инстаграм“) за промоција на вината. Освен тоа, од големо значење за Стевковски е и претставувањето на вински настани и салони, на кои „Кувин“ досега редовно учествува како изложувач. Еден од последните настани на кој учествуваше винарницата е „Светскиот ден на вранецот“, кој се одржа на 5 октомври во Скопје, во организација на здружението „Вина од Македонија“ во соработка со производителите на оваа сорта од Македонија и од регионот. Претставувањето на винските настани е позитивна работа и предност, каде што може да се сретнат нови клиенти. Досега сме биле изложувачи на голем број настани, вели тој.
На крајот од разговорот Ивица нагласи дека како пресврт во досегашното работење на „Кувин“ би го нагласил воведувањето на винската едукација, која станала одлика на винарницата. И, секако, верува дека приказната за „Кувин“ ќе ја продолжат наследничките, двете ќерки, кои и сега се вклучени во работата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.