На крајниот северен дел на Општина Гевгелија, лежи рамничарското село Давидово, на надморска височина од 95 метри. Во тоа село е сместен погонот на фирмата „Принцип комерц", која се занимава со преработка на зеленчук и овошје. Иако нејзиниот заштитен знак е маслинката, „Принцип комерц" има уште две производствени програми – туршија и слатко.
Од убавиот топол југ
Скопјанецот Петар Ристовски, по татко од гевгелиско Давидово и по мајка од Стојаково, кој е сопственик на фирмата, со носталгија се сеќава на златните времиња во трговијата: Почетоците од осамостојувањето беа златното време во земјава. И сега, како и тогаш, немаме проблем за продажба на производите, но во тоа време немаше проблем со наплатата.
Но, да почнеме од почеток, а почетокот е во 1992 година, кога Петар се враќа од отслужувањето на воениот рок во ЈНА, кој го поминал во Хрватска за време на војната. На негови 20 години првото работно место му било на Кванташки пазар во Скопје, каде што една година работел за татко си и за негов другар. Во 1994 година ја отворил фирмата „Принцип комерц", првично за откуп од земјава и продажба на домашниот пазар, а две години подоцна почнува со увоз на маслинки директно од Грција. Многу важна година во развојот на „Принцип комерц" е 2004, од кога датира првото пакување на маслинки во пластични канчиња, а од 2007 година почнавме и со пастеризација на производите. До 2010 година маслинката ни беше основна дејност, кога почнавме со производство на слатко и мармалад, како и со производство на туршија и печурки, Петар накратко ни ја прераскажува хронологијата и додаде: И така, од една војна (во Хрватска) преминав во друга – трговската, војна со производи, конкуренција, секојдневни потреби – фалат возила, машини, погони, простори, средства...
За разлика од рефусот, помалите пакувања
маслинки им беа интересни на трговците,
а ние први ги извадивме на македонскиот пазар.
Немаше никаква фира во
споредба со рефусот.
Првото пакување на маслинки се појавило во семејната куќа на сретсело во Давидово, на просторот што бил самопослуга во тоа време. Во 2006 година тој простор е дограден со производствена хала, по што следувала уште една доградба во 2009 година.
Третата, и засега последна доградба, која почнала во 2011 година, е завршена во 2016 година. Се проширувавме како што бараа работата и побарувачката. Целиот производствен погон е на една парцела и моментално располагаме со покриен простор од околу 1.600 квадратни метри, вели Петар.
Од фирма со еден вработен во 1994 година, денес „Принцип комерц" брои вкупно 36 вработени. Од 2000 година и сопругата Анита е во фирмата, која е задолжена за продажбата и дистрибуцијата во земјата, додека работата во погонот и продажбата во странство ги менаџирам јас, објаснува Петар, а на нашето прашање дали поради природата на работата имаат потреба и од сезонски работници, тој со насмевка ни одговори: Нашите сезонски работници веќе се на редовен платен список на фирмата.
Освен за вработените, Петар е познат како голем добротвор и за жителите на Давидово. Тој секогаш е расположен да одвои средства за подрачното училиште во селото, но и за различни инфраструктурни планови: Толку колку што можам да издвојам средства, секогаш покривам. Годинава за сурва, дониравме за изградба на бина во центарот на селото. Секогаш сум расположен за инфраструктурни проекти и ќе донирам и во иднина. Нормално, не само за Давидово, туку секаде каде што е потребно. Мислам дека така и треба да функционираме.
Од Princ Oliva до Princ Tatli
Во портфолиото на „Принцип комерц" има два бренда на маслинки – Princ Oliva, кој постои од 2007 година, и помладиот Olivia, од 2014 година. И самиот не знам до колку видови маслинки стигнавме денес, на шега вели Петар. Имаме од најситни до најкрупни – црни, блонд, каламата, зелени, зелени со пиперка, зелени со бадем... Освен маслинките, портфолиото на „Принцип комерц" го сочинуваат и корнишоните Princ Piclo, фефероните Princ Pepperoni, печурките Princ Fungi, карфиол, цвекло, лист од зелка, екстра девственото маслиново масло Oliva, слаткото Princ Tatli (вишна, малина, капина, боровнка, јагода, шумска јагода, дива смоква, зрела смоква, дуња) и мармаладите (шумски плодови, шумска јагода, јагода, малина, капина), кои фирмата ги произведува како приватни трговски марки за странски компании. Фаворитот на „Принцип комерц" и по 24 години сè уште е маслинката.
Но, имаме уште четири ударни што ја следат – печурките, фефероните, корнишоните и маслиновото масло, истакнува Петар.
„Принцип комерц" е присутен во малопродажбата низ земјава уште од првото пакување маслинки. Петар ни ја откри тајната зошто не биле потребни долгите договори и преговори со трговците: За разлика од рефусот, помалите пакувања маслинки им беа интересни на трговците, а ние први ги извадивме на македонскиот пазар. Немаше никаква фира во споредба со рефусот.
Убаво спакуваниот производ, интересен и практичен, веднаш беше прифатен, а освен тоа, инсистирав производите да бидат во проѕирна амбалажа за содржината да биде видлива за купувачите. Денес, производите на „Принцип комерц" ги има на полиците на поголемите маркети низ целата земја, а фирмата располага и со сопствена дистрибуција.
За состојбата со конкуренцијата, нашиот соговорник истакнува: Имаме квалитет – тоа е нашата конкурентска предност. Може да бидеме и малку поскапи затоа што посветуваме многу внимание на квалитетот на производот – добри суровини, да ги спремиме најдобро, производот да изгледа убаво и добро да биде позициониран. Главна причина за нелојалната конкуренција што постои денес е кризната состојба не само во земјава туку и на Балканот. Секој гледа како побрзо суровината да ја претвори во пари.
Според Петар, квалитетниот производ, спакуван во квалитетно пакување со добар дизајн, е одраз на нивото на работењето и води кон успех. За тоа сведочи и наградата за најдобар дизајн, која слаткото од диви смокви во срцевидна тегличка ја освои на „Регпак 2016" во Загреб. Петар ни откри дека веќе се готови и дизајните за амбалажите во форма на срце и за слатката од малини и од капини, само е прашање на време кога ќе се појават на пазарот...
Годинава, официјално ќе почнеме со производство
на ајвар и ако ги гледаме досегашните резултати,
верувам дека добро ќе котираме.
За идните планови
Брендовите на „Принцип комерц" се присутни во соседните земји – Косово, Србија, Црна Гора и во БИХ, а фирмата произведува и приватни трговски марки за компании во Австрија, Швајцарија и во САД. Имаме нарачка за слатко од грозје без семка за една мисија на Обединетите нации. Нашата понуда беше прифатена без никаков проблем, што за нас е голем успех, открива Петар.
Како мост до нови извозни пазари, како што ни кажа Петар, во еден дел е претставувањето на интернационалните саеми, но повеќе тежи препораката од соработниците, кои веќе се пробиени на тие пазари.
„Принцип комерц" секоја година воведува по нешто ново за извоз, како на пример, маслинки полнети со корнишони или со феферони. Тие вкусови сè уште не се прифатени кај нас, малку сме поконзервативни во делот на новитетите. Потребни ни се време и добра презентација. Засега на нив повеќе се гледа како на луксуз, вели Петар и додава дека сепак гледа голем потенцијал во младата популација, која ги следи новите европски трендови.
Следниот голем чекор во сезоната 2018/2019 година е производството на ајвар. Официјално ќе почнеме со производство на ајвар и ако ги гледаме досегашните резултати, верувам дека добро ќе котираме, открива Петар и додава дека технолошки се подготвени за новиот производ. Секоја иновација или идеја за нов производ ја реализираме за помалку од една година. Прво ги земаме предвид сите критични точки, што е и нормално, и доаѓаме до финалниот производ. Тимот ни е одличен, а само со добар тим може да се оди напред и да се следи успехот, истакнува тој.
Непоправливиот оптимист верува дека турбуленциите околу политиките во Македонија ќе се смират и ќе се тргне напред: Верувам дека ќе дојдат убави времиња во земјава, а надежта последна умира.