Регионално

Ѕеферино Монини: Балканот е област со гастрономска традиција

09 Sep 2020

Еден од најпознатите производители на масла – „Монини“, чии производи се на трпезата на голем број потрошувачи низ целиот свет, годинава слави 100-годишнина од постоењето. Неговата приказна почнува во италијанскиот град Сполето во 1920 година, а најзаслужен за тоа е дедото, со исто име како и нашиот соговорник – Ѕеферино Монини.

Разговараше: Марко Храстар, marko.hrastar@instore.si

Компанијата е со седиште во италијанскиот регион Умбрија, а со производите е присутна на сите континенти. Годишните приходи на „Монини“ изнесуваат 157 милиони евра, а бројот на вработени надминува 100. Слоганот на компанијата гласи: Una spremuta di olive, што би можело да се преведе како: Маслинов сок.

За „Монини“, 2020 е особено важна година, кога компанијата заокружува еден век. Што Вам лично Ви значи тој величествен јубилеј?

Стогодишнината е голем пресврт и сите во фирмава нè прави горди. Таа е можност за поглед во историјата, но истовремено и можност за планирање на блиската иднина со нови амбиции. Тоа е навистина посебна година, која нè инспирира и за издавањето биографија под наслов „Il Secolo Monini. An Italian story of passion and enterprise“ (Еден век Монини. Италијанска приказна за страста и претпријатието), која ја напиша Беба Марсано, новинарка и критичарка на уметноста. Освен тоа, планираме и нова комуникациска кампања со ТВ-огласи.

Компанијата е со седиште во италијанскиот регион Умбрија, а со производите е присутна на сите континенти. Годишните приходи на „Монини“ изнесуваат 157 милиони евра, а бројот на вработени надминува 100.

Да се вратиме на почетокот и да почнеме со ред. Како во 1920 година во Сполето се родила идејата за производство на маслиново масло? Можете ли накратко да нè поведете низ времето на развојот?

Идејата за специјализација во производството на екстра девствено маслиново масло била на мојот дедо Ѕеферино. Во тоа време овој вид масло бил резервиран само за привилегираната елита. Идејата на дедо ми уште од почетокот била маслиновото масло да се продава надвор од нашиот регион и да го претстави на нови одредишта, каде што не е познато и употребувано. Прв стартувал со идејата за пласирање на маслото во 5-литарски лименки. Со текот на времето љубовта и страста за маслото, како и голема решеност, нè доведоа до тоа денес да бидеме еден од најважните фактори во категоријата маслиново масло, со производство од 30 милиони литри годишно.

Тешко можеме да ги избегнеме прашањата за моменталната светска криза. Како „Монини“ се справува со корона-предизвикот и какви превентивни мерки презедовте?

Во тие неколку тешки месеци успеавме да имаме добра побарувачка, постојано произведувавме и се грижевме за купувачите. Регионот Умбрија беше еден од најмалку погодените, но во „Монини“ тие кризни времиња ги сфативме многу сериозно. Приоритет ни е здравјето на вработените и затоа, уште од почетокот на пандемијата основавме групација за соодветен одговор на кризните денови. Целта ни беше постојано да ја следиме состојбата и да ги усвојуваме сите неопходни активности на претпазливост, во согласност со упатствата од здравствените органи.

Ѕеферино Монини: Стогодишнината е голем пресврт, која сите во фирмава нè прави горди. Таа е можност за поглед во историјата, но истовремено и можност за планирање на блиската иднина.

Низа години „Монини“ оди по патот на одговорното работење и беше првата компанија во категоријата што го доби сертификатот EPD (Environmental Product Declarations). Какво е Вашето лично размислување за поимот „одржливост“ и кои се следните цели во тој контекст?

Општествената одговорност, односно одржливоста, според мене е насочување на вниманието кон грижата за квалитетот на производот и неговиот развој, во хармонија со потребите на околината, општеството и на стопанството во целина. Во таа насока ни е и проектот за следните 10 години, кој ќе го претставиме во јавноста во следните неколку месеци.

По 100 години, компанијата сè уште е во рацете на семејството Монини. Колку тоа Ви значи?

Многу ми значи, на тоа гледам со голема гордост. „Монини“ е еден од навистина ретките производители на маслиново масло во Италија, чии сопственици сè уште се членовите на семејството.

Извозот претставува 44% од вкупниот приход од продажба на компанијата. Кои земји/пазари се најважни за „Монини“ и кое е местото на Јадранскиот Регион во тој мозаик? Дали ги забележувате промените на потрошувачките трендови за екстра девственото маслиново масло во Србија? Во Хрватска, на пример, употребата на тоа масло веќе е дел од кулинарската традиција. Што е со Словенија?

Брендот Monini е присутен во повеќе од 60 земји низ целиот свет, а најважните пазари се Швајцарија, Русија и Полска. Во последните неколку години многу засилено се зголемува потрошувачката на производите во Франција, Австрија, Германија, Холандија и во Австралија. Јадранскиот Регион, односно Балканот, за нас има посебно значење. Тука сме присутни повеќе од 20 години и благодарение на долгогодишната соработка со локалните партнери, денес Monini е еден од референтните брендови во регионот. Во Србија со години инвестираме во брендот, но се зголемува и свеста за здравствените придобивки од екстра девственото маслиново масло, кои доведоа до експоненцијално зголемување на потрошувачката. Хрватска е земја што и самата произведува екстра девствено масло. Можноста за тамошните купувачи да го развијат распознавањето на квалитетот, ни помага за пораст на продажбата на хрватскиот пазар. Во Словенија „Монини“ беше еден од првите производители што инвестираше во едукација за екстра девственото масло преку медиумите, но и со дегустации во продавниците. Тие балкански земји, секоја со своите особености, имаат висок степен на традиција и гастрономска култура, а екстра девственото масло ја дополнува таа содржина.

„Монини“ е еден од навистина ретките производители на маслиново масло во Италија, чии сопственици сè уште се членовите на семејството. Ѕеферино Монини секојдневно лично ги проверува суровините и заедно со тим од експерти ги дегустира сите екстра девствени маслинови масла.

Квалитетот на производите за „Монини“ е многу важен. Дали е вистина дека дури и сега, по сите тие години, секојдневно лично ги проверувате суровините?

Да, вистина е. Заедно со тим од експерти лично ги дегустирам сите екстра девствени маслинови масла за да ги избереме најдобрите примероци и на купувачите да им обезбедиме константен квалитет. За да добиеме масло што ја заслужува етикетата Monini, воведовме строги селективни постапки за суровините, што подразбира длабоко познавање и прецизен надзор на целиот процес.

„Франтоио дел Поџиоло“ е вашиот главен производствен погон?

Тоа е мултифункционален центар каде што извршуваме многу важен дел од работењето. Од една страна, во потрага сме по одличен квалитет на екстра девствено маслиново масло, а од друга, сакаме и да го прошируваме знаењето. Нашите маслинови градини се распространети на три рида околу Сполето, на кои одгледуваме 5.500 стари маслинови дрвја и уште 1.500 ново засадени. Сите маслинови градини се распространети на вкупно 25 хектари.

За крај, можете ли да кажете нешто повеќе за Вашиот регион и за поврзаноста на Monini со местото каде што се роди брендот? Забележавме дека компанијата е спонзор на бројни настани во Спелето и во околината...

Постои тесна врска со нашиот крај и таа врска отсекогаш ни била приоритет. Спонзорствата се поврзани со различни активности – од културни, како „Festival dei Due Mondi“ (Фестивал на двата света), до спортски, поддршка на одбојкарскиот тим. Во овие драматични времиња, нашата поврзаност со околината е уште посилна, што се манифестира и преку нашата помош за градската болница. Дониравме уреди и заштитна опрема за лекарите и медицинските сестри, кои беа во првите редови на борбата против пандемијата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...