Регионално

Вања Панајотова: Брендовите мораат да останат автентични и веродостојни

06 May 2020

Во време на криза, социјално дистанцирање и економска несигурност, брендовите мораат уште повеќе да соработуваат со потрошувачите 

Разговараше: Jelena Domović, jelena@b2bmedia.org

Вања Панајотова беше именувана за нова генерална директорка на L’Oréal за Јадранскиот регион во почетокот на март 2020 година. Тогаш дојде на местото на Брижит Стрелер, која презеде нови должности во L’Oréal групацијата по 15 години раководење со овој регион. Панајотова е генерална директорка на компанијата во Романија и нејзините должности се проширија и на пазарите Словенија, Хрватска, БиХ, Бугарија, Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Во Романија дојде во 2017 година како генерална директорка на хрватската компанија „Орбико“. 

Како го организиравте секојдневното работење во време на пандемија со Ковид-19? 

-Оваа ситуација без преседан, влијаеше на сите нас и сите доживуваме неочекувани промени во животот генерално, не само во работата. Ние го ставивме здравјето и сигурноста на нашите вработени на прво место. Строго ги почитуваме упатствата на националните тела за цивилна заштита ширум светот, па презедовме низа дополнителни мерки прилагодени на спецификите на нашите работни места. Нашите вработени работат од дома, личните посети на нашите колеги во болниците престанаа, нашите продавници се затворени. Се грижиме компанијата делумно да функционира користејќи ги дигиталните канали. Сите состаноци се организираат онлајн, а тренинзите се одржуваат во домашни услови. Во моментов воведуваме мерки на солидарност за оние на кои помошта им е најпотребна, како и за нашите добавувачи и деловни соработници кои се најмногу погодени од кризата. 

Колку вирусот го погоди работењето на L’Oreal, но и пазарот? 

Морам да кажам дека пред се, ова е проблем на јавното здравје. Очекуваме привремен ефект врз стопанството, но рано е за конечна проценка, и на локално, и на глобално ниво. Превенцијата во сите географски подрачја и мерките што ги презедоа различни земји во насока на затворање на продавниците и ограничување на бројот на купувачи ќе влијае на употребата на козметички производи, а со тоа и на нашето работење во месеците кои ни претстојат. На глобално ниво, меѓутоа, гледаме охрабрувачки знаци на опоравување на кинеската потрошувачка. Луѓето очекуваат од брендовите да дејствуваат одговорно, да се општествено одговорни кон јавноста и кон вработените. Нашата компанија е силна, нашите деловни и оперативни модели се флексибилни, нашите вредности и етика се отпорни и го имаме еден од најдобрите тимови кои компанијата може да ги посака. Уверена сум дека имаме се што ни е потребно за да се носиме со оваа непредвидлива ситуација. 

Има ли промени во куповните навики на вашите купувачи?

Сигурно дека има промени, а највидливите доаѓаат од фактот дека потрошувачите веќе не одат во трговски центри, сега речиси сите се на интернет. Нивото на онлајн потрошувачка порасна меѓу 50% и 70%  вкупно. Бидејќи карантинот и животот во карантин станува норма на однесување, важно е нашите брендови во останатиот дел од нашата нова реалност да останат со истата автентичност и веродостојност.

Според вас, како брендовите треба да се однесуваат во овој тежок период? 

Во време на криза, социјално дистанцирање и економска несигурност, брендовите мораат уште повеќе да соработуваат со потрошувачите. Солидарност, доверба, транспарентност и емпатија - сега се клучни. L’Oréal работи на спроведување европска програма за солидарност за поддршка на борбата против вирусот и за помош на сите кои се погодени од вирусот. Повеќе од 70% од нашите фабрики во светот помагаат во кризата со производство на средства за дезинфекција. До крај на мај ќе произведеме повеќе од 40 милиони парчиња дезенфициенси и да ги пратиме во повеќе од 30 земји. Ќе донираме 14 милиони производи, што е повеќе од 40% од вкупниот број. Остатокот ќе се продава во малопродажбата по регуларни цени, а финансиските средства остварени од нив ќе се донираат во глобална организација за помош на погоденото население.

Имате ли некој совет што сакате да го споделите со колегите од FMCG секторот? 

Денес сите мораме да се прилагодиме на новите начини на работа, на живот, на новата стварност, а нашите тимови со својата преданост, спремност и иновативно размислување пишуваат ново поглавје во историите на нашите компании. Мојата клучна порака до сите е на се да му се пристапува со доверба и со надеж. Гледам како моите колеги секојдневно покажуваат солидарност, ажурност, прилагодливост и тоа ме исполнува со доверба дека сите заедно ќе поминеме низ овој тежок период и ќе излеземе од него како победници. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...