Со Наталија Пекиќ поразговаравме за состојбата во која се наоѓаат семејните компании под ударот на вирусот корона, како тие се справуваат со ситуацијата и дали може сите нешто да научиме од нивниот отпор во кризен период.
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Семејните бизниси се на удар на глобалната криза со пандемијата од Ковид-19. Како ќе опстојат тие во овие тешки услови?
На удар од пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 е цалата глобална економија, а не само семејните компании. Ова е криза со досега невидени размери, која ќе резултира со силно ослабнување на сите деловни активности.
Кои, според вас, се краткорочните, а кои се долгорочните ризици на кои се изложени семејните компании?
Опкружувањето во кое моментално функционирам е прилично хаотично и гледано од аспект на бизнисот, не е ни малку оптимистично. Во Хрватска 98% од деловните субјекти се мали и средни претприемачи, кои вработуваат околу 70% од работната сила. Тука се и семејните компании. Според упатствата на Кризниот штаб и на Владата, поради стравот од ширење на епидемијата и можностите на капацитетите на здравствениот систем, сите сме затворени и не работиме. Со оглед на тоа што претприемачот по вокација нешто мора да работи и да дејствува, добро е што на национална основа релативно брзо се поврзавме и ги прифативме барањата на Владата, кои би требало да ни го олеснат овој период и да ни овозможат брзо закрепнување. Моментално на платформа сме организирани 90.000 претприемачи и бараме мораториум на сите обврски кон државата и кон институциите (даноци, аконтации, придонеси, фискални и парафискални давачки, кредити, лизинзи и сл.), односно отпис на сите обврски во период кога пруходот ни е 0 (нула). Имено, според истражувањето спроведено деновиве меѓу претприемничката популација, финансиските резерви се извонредно скромни. Во поголемиот дел од случаите, работиме и заработуваме од месец за месец за да имаме за плати, трошоци и за сите обврски. Токму тоа и го покажа истражувањето – можеме да издржиме максимум 30 дена.
Во услови кога е речиси невозможно да се оддели семејството од бизнисот во семејните компании, како бизнисот може да се справи со ситуацијава?
Доколку го почитуваме карактеристичното однесување на семејните компании, за жал, ова е моментот кога се активира „фондот за црни времиња“. Проблемот со ликвидноста (и краткорочно, и долгорочно) и целосното нарушување на малото и средното претприемништво, во овој случај ја надминуваат нашата сопствена способност да се спасиме. Интервенција од државата, која впрочем од нас и живее, сега е неопходна и круцијална.
Кои се вашите главни совети кон нив, како може тие да се борат и да победат во битката со таа невидлива конкуренција наречена Ковид-19?
Тоа што го забележав во изминатиот месец во Хрватска, е силната експанзија на сите облици на интернет-работење. Онлајн-продажба, лајв-советување од сите облици, учење на далечина во образовниот систем, спортски тренинзи онлајн, е-книжарници, засилена работа на службите за достава... апсолутно сите што на кој било начин можат да ја организираат работата од дома. Искуствата поврзани со претходната економска криза укажуваат на тоа дека семејните компании, како и повеќето мали и средни претпријатија, ги засилуваат маркетиншките активности, интервенциите во технолошките иновации и сегментацијата на пазарот, а со тоа ги подобруваат и своите перформанси. Пазарите се затворени, па семејните земјоделски фирми се организираат и вршат достава на овошје, зеленчук, месо, јајца, цвеќиња, садници и сл. Рестораните и паварниците се затворени, но прават достава. Обувки, облека, козметички производи – сето тоа се продава онлајн. За жал, голем број услужни дејности не се во можност да функционираат на овој начин. Во Хрватска, конкретно, најголем проблем е туризмот, гранка што ни е извонредно важна – таа е најпогодена со пандемијата. Однесувањето на популацијата е детерминирано од стравот и е насочено на задоволување на примарните потреби, што е апсолутно разбирливо. Станува збор за маратон, а не за трка на 100 метри.
Како што претходно имате кажано, во услови на стабилно економско опкружување, семејните фирми не заработуваат колку што тие што не се во семејна сопственост. Но, при економска криза, тие можат да отскокнат. Дали останувате на истото мислење?
Отпорноста на компаниите генерално, е во нивната способност да ја прифатат специфичната ситуација и да преземат силни и поинакви акции кога се соочуваат со неочекувани ситуации што имаат потенцијал да го загрозат долгорочниот опстанок (Lengnik-Hall&Beck, 2009). Најчесто истакнуваме три особини. Првата е способноста за соочување со реалноста. Овие компании се прагматични, па дури и оптимистични сè додека нивниот оптимизам не го надмине чувството за реалност. Второ, способни се за пронаоѓање смисла и значење. Тие наоѓаат смисла и значење и во лоши и кризни времиња. Семејните компании имаат изградено механизми што им овозможуваат функционалност и поголема ефикасност во споредба со несемејните компании во кризен период. Еден од тие механизми е да се сфати кризата како можност за реорганизација. Третата особина е способноста за поттикнување на генијалноста. Во модерна смисла на зборот, станува збор за спој на инвентивноста и способноста за импровизација како решение на проблемите, без да се користат соодветни алатки и материјали, како и во ситуацијата во која сега сите се наоѓаме.
Внатрешните карактеристики на семејното претпријатие содржински се речиси идентични со описот за отпорност на компаниите. Врз основа на тоа се претпоставува дека семејната компанија ќе пружа повеќе отпор во кризен период, во споредба со другите организациски форми. Цврсто верувам дека ќе бидеме сведоци на тоа, кога сите повторно ќе почнеме да работиме.
Што очекувате, кога сè ќе може да се врати во нормала?
Кога? Искрено кажано – не знам, тоа ги преминува рамките на мојата експертиза. Но, тоа што го знам, е дека досега познатата „нормала“ повеќе нема да постои. Ова е своевидно ресетирање на секој сегмент од општеството и од постоењето... Се надевам дека во поставувањето на новите цели, вистинските вредности ќе ги поставиме повисоко од материјалните. Неодамна совладавме една криза, верувам дека сите сме малку уморни, но кога зборуваме за семејните компании, таа испреплетеност меѓу семејството и бизнисот, е истовремено е и извор на сила, мотивација и поттик на понатаму. Тоа не е избор – едноставно, мораме понатаму.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.