Регионално

ЕКСКЛУЗИВНО со Брајан Шароф, PLMA: Секој трет продаден производ е приватна трговска марка

18 јун 2019

Најновите истражувања на „Нилсен“ покажуваат дека пазарниот удел на приватните трговски марки е зголемен во 2018 година во 12 од 19 земји, и сега е на околу 30 отсто во 17 земји

Разговараше: Ана Филиповиќ

Асоцијацијата на производители на приватни трговски марки (Тhe Private Label Manufacturers Association - PLMA) е непрофитна организација основана во 1979 година со цел да ги промовира приватните трговски марки. Тоа е единствена организација од таков вид и е претставник на повеќе од 4.400 компании-членки од сите делови на светот. Тие се во распон од мултинационални компании до мали семејни компании. Нивниот асортиман вклучува храна, пијалаци, грицки, здравје и убавина, кујна и домаќинство, производи за лична нега, „направи сам“ производи... Некои од производителите во ова здружение произведуваат само приватни трговски марки. Други се добро познати производители на брендови.

PLMA го организира својот прв саем во САД во 1980 година. Во Европа саемот беше одржан нешто подоцна, поточно во 1986, а во Азија во 1994 година. Денеска Асоцијацијата им дава услуги на членките во повеќе од 70 земји. Освен саемските изложби во Амстердам и во Чикаго, PLMA организира и конференции, едукативни програми, истражувања на пазарот, објавува разни студии и публикации.  

Брајан Шароф е на чело на организацијата од 1981 година. Пред тоа пет години бил на чело на трговска асоцијација во Њујорк.

Приватната трговска марка станува сè поинтересна и поатрактивна за потрошувачите низ светот. Зошто е така?

Главните трговци во Европа и во САД сфатија дека потрошувачите сакаат и бараат иновации, и затоа го шират асортиманот на производи што им се на располагање. Беше јасно дека А-брендовите не се во состојба да овозможат ваков вид иновации и асортиман, додека приватната трговска марка, од друга страна, можеше да ги исполни очекувањата на потрошувачите. Пример се приватните трговски марки за природни и за органски производи, како и тие за здрави артикли.

Според Вашите податоци, колкав беше количинскиот раст на приватните трговски марки минатата година? Во кои земји е најголем, а во кои е најмал тој раст?

Во 15 од 19 земји опфатени со истражувањата на компанијата „Нилсен“ секој трет производ продаден во супермаркетите и во продавниците за храна е производ на приватна трговска марка. Најновите истражувања на „Нилсен“ покажуваат дека нивниот пазарен удел е зголемен во 2018 година во 12 од 19 земји, и дека сега е на околу 30 отсто во 17 земји. Најголем е пазарниот удел во Шпанија, каде што достигна 52 отсто, што значи дека секој втор производ продаден во оваа земја е приватна трговска марка. Кај земјите во Централноисточна Европа има постепен раст во последните 10 години. Трговските марки достигнаа кулминација на најголемиот европски малопродажен пазар – Германија, со удел кој првпат се искачи над 45 отсто. Пазарниот удел порасна на историско ниво во уште шест земји – Холандија, Белгија, Шведска, Норвешка и Турција. [p1] Најголемо е зголемувањето во Турција, со скок од 3 процентни поени, на близу 26 отсто. Во Грција брендовите на трговците сè уште сочинуваат еден од три производи продадени во оваа земја. 

Во скандинавските земји пораст има во Шведска, Норвешка и Финска, со пазарен удел во секоја од земјите над 30 отсто. Толкав беше уделот и во четири земји од Централна и Источна Европа – Полска, Унгарија, Чешка и Словачка.

Пазарниот удел остана над 20 отсто во Италија, веќе шест последователни години, но лани опадна за 1 процент.

Како го објаснувате фактот дека минатата година брендовите на приватните трговски марки растеа повеќе и побрзо од некои водечки национални брендови?

Растот на приватните трговски марки во споредба со националните брендови е поради тоа што трговците воведуваат висококвалитетни производи во рамките на своите линии и што повеќе вложуваат во нивна силна промоција.

Кои се предностите на производите под приватна трговска марка?

За потрошувачите, предност е што имаат избор и можност регуларно да купат квалитетни прехранбени и непрехранбени производи по пониски цени во споредба со производителите-брендови, и без да чекаат промоции. Производите на приватните трговски марки се состојат од исти или дури и подобри состојки од брендовите, и поради тоа што трговецот го става називот или логото на амбалажата, потрошувачот може да биде сигурен дека тој производ ги исполнува стандардите и спецификацијата на трговецот.

Кои се производители на приватни марки?

Производителите можеме да ги сместиме во три главни групи: 1. Големи кои произведуваат и брендови и приватни марки; 2. Мали и средни претпријатија кои се специјализирани за производство на одредени линии и се фокусирани исклучиво на приватни марки; 3.Главни трговци и продавачи на големо кои имаат сопствени фабрики и произведуваат приватни марки за своите продавници.

Улогата на производителите е поблиска соработка со трговците на развој на производи кои потрошувачите сакаат да ги купат. Улогата на трговците е да ги промовираат овие производи и да им го дадат на потрошувачите тоа што го бараат.

Вашата Асоцијација веќе 30 години го организира Саемот за приватни трговски марки? Зошто е важна оваа изложба?

Изложбата е најдобар начин за голем број производители и голем број трговци да се најдат на исто место за да се запознаат со најновите производи и да работат заедно на создавање нови производи. Производителите и трговците имаат потреба да се сретнат лице в лице и да развијат партнерство на долги патеки. Оваа година саемот собра на едно место повеќе од 2.700 излагачи од повеќе од 70 земји. Имаше околу 150.000 посетители од 120 земји, вклучувајќи трговци, продавачи на големо, е-трговци, извозници...

На страницата на PLMA стои дека вие сте единствена организација за единствена индустрија. Што значи тоа?

PLMA е единствена организација поради тоа што е единствена во светот која ги претставува производителите на приватните трговски марки и трговците, и е единствена индустрија во која производителите произведуваат производи за трговците кои потоа им ги продаваат на потрошувачите под свој бренд. 

Кои се глобалните перспективи на оваа индустрија?

Индустријата за приватни трговски марки продолжува да расте затоа што трговците научија како да обезбедат висок квалитет, иновации и асортиман за своите потрошувачи. Глобално гледано, приватните трговски марки ќе се развиваат во Азија, Африка и во Јужна Америка паралелно со развојот на модерната трговија и дистрибуција. Овие две работи се тесно поврзani.

Успехот на овој саем е одраз на потребата производителите и трговците да се сретнат лице в лице, да планираат нови производи и да развиваат партнерства на долги патеки. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...