Весна Вучуревиќ, претседател на групацијата „Универекспорт"
Довербата на потрошувачот – највреден имот
Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs
Поводи и причини за разговор со Весна Вучуревиќ, претседател на групацијата „Универекспорт", има многу. Како еден од „најсвежите" ја искористивме неодамна почнатата изградба на дистрибутивниот центар, кој се наоѓа на излезот од Нови Сад. Компанијата во овој проект вложи речиси 16 милиони евра, а дистрибутивниот центар ќе се простира на површина од 30.000 квадратни метри. Најголем дел од него ќе биде наменет за дистрибуција и за складирање, а снабдувањето е наменето за целата продажна мрежа на компанијата. По 26 години работење на пазарот во Србија, Вучуревиќ истакнува дека единствениот вистински пат е тој што оди напред. Со луѓето што можат да остваруваат, тргнавме одлучно и силно и ете нè сега овде, каде слободно и гордо се навраќаме на пречките што ги надминавме и на успесите што ги создадовме, нагласи таа во разговорот за магазинот InStore.
„Универекспорт" почна со работа во 1990 година, како мала семејна компанија со четири вработени, со основна дејност – трговија. Како би ја опишале компанијата во текот на 26-годишното работење?
Иако компанијата има години колку што има еден возрасен човек, темелите над кои таа порасна и се разви останаа непроменети и денес. Почнавме како семејна фирма со само четири вработени, но и денес работиме според принципот на семејните вредности, само што семејството се зголеми за неколку стотини пати. Нашите вработени секогаш биле, и ќе останат, најважниот интелектуален капитал. Со текот на годините се менувавме, напредувавме и растевме заедно со компанијата, чија приказна, некогаш и сега, звучи одлично: семејна фирма, домашен трговски синџир што во големата и силна, повеќедецениска пазарна трка се разви во најголемиот домашен малопродажен синџир.
Кој момент од работењето може да го наведете како пресврт во развојот на компанијата?
Непроценливо е искуството кога сте во можност, како што бев јас, да бидете дел од компанијата од првиот ден, од основањето. Но, од друга страна, кога ќе останете сами во големиот казан на можностите, изборите и одговорностите, со изненадното заминување од животната сцена на родителите, кои беа и учители и визионери, ниедни плеќи не се доволно силни самостојно да го издржат тој товар. Поради тоа, 2006 е годината на пресврт, не само во професионална, туку и во лична смисла, кога еден дел од мене неповратно си замина. Разбирајќи дека единствениот пат е тој што води напред, со луѓето што можат да го остварат тоа, тргнавме одлучно и силно и ете нѐ сега овде, каде може слободно и гордо да се навратиме на пречките што ги надминавме и на успесите што ги создадовме.
Каква е вашата позиција во моментов, со оглед на тоа дека сте еден од малубројните домашни синџири?
Денес сме најголемиот домашен малопродажен синџир на пазарот во Србија, кој опстојува сите овие години, наспроти многубројните предизвци и општата ситуација што нè опкружува. Храбро и со успех се пробивме на домашниот пазар и дојдовме до потрошувачите во сите општини во Војводина. Што би посакале повеќе од тоа да сте во можност, со домашните производи кои заземаат 80 отсто од асортиманот, да ги израдувате потрошувачите, не само во големите градови туку и во малите места? Од првиот ден од работењето, на прво место ни е сигурноста на тоа што потрошувачот го купува.
Дали тоа што сте домашен синџир е предност или мана и во што се огледува тоа?
Наклонети сме кон тоа да ги комплицираме своите предности, да ги замрсиме и во нив да влееме страв, а, всушност, сето тоа е многу едноставно – го препознавате тоа што е и пред потрошувачите и пред конкурентите излегувате со најдоброто од вас. Движечката сила која еднаш ќе помести нешто од место, има можност да го преврти целиот свет.
Кои се вашите најверни потрошувачи?
Времињата се менуваат и комуникацијата со потрошувачите денес и пред неколку години не е иста, а да не зборуваме за пред неколку децении.
Тајната состојка на успехот на компанијата се гледа во постојаното настојување да препознаете што секој поединечен потрошувач го тера да влезе низ вратата на вашата продавница.
|
Од друга страна, водејќи ја компанијата, вие треба да ги препознаете луѓето што ја разбираат вашата визија, тие пак, потрошувачите на кои им се важни личните потреби, а потрошувачите мора да ја разберат намерата на компанијата. Во тој круг е тајната на успехот и фактот што особено го истакнуваме: „Универекспорт" има најголем број традиционално лојални потрошувачи, особено во Нови Сад од каде потекнуваме.
Дали денешниот потрошувач може да го оцените како лојален? Наведете три главни карактеристики на денешниот потрошувач.
Сите купувачи не тежнеат кон истото – тоа е првата лекција што треба да ја научите кога влегувате во кој било бизнис, а ваше е да ги вклопите нивните различни желби. Денес, ги имаме тие што точно знаат што значи нивното време и како сакаат со него да управуваат; потоа тие кои точно знаат колку можат да платат и за што; и генерацијата на иднината која сака иновативност, денес и утре. Дали ги препознавте? Дали комуницирате со нив? Како? Тоа се следните чекори кон лојалните потрошувачи.
Во 2013 година почна да работи интернет-сервисот за нарачување и за достава на стока, под името eLakolije. Како е прифатен, кој асортиман е во понуда, колкав е процентот на вкупната стока продадена преку овој сервис? Дали сте задоволни од резултатите или очекувавте повеќе?
Интернет-сервисот на „Универекспорт" за достава и за нарачување на стока, со симболично има eLakolije, од многу добра идеја, прерасна во уште подобар бизнис-модел. Четири години по ред се забележува тренд на пораст на овој интернет-проект, што и понатаму зборува во прилог на тезата колку е важно да се искористат големите можности на интернет-трговијата. Процентот на учество на интернет-продажбата во вкупната продажба е на ниво на еден квалитетен продажен објект, но тоа што е исклучително важно кај овој канал, е бројот на потрошувачи кој бележи постојан пораст, што не е случај во традиционалното купување. Просторот за иновации и мерливоста на вложувањата го прават интернет-просторот примамлив за сите нас што сме подготвени за предизвици и одиме во чекор со нив.
Органски произведената храна отсекогаш е важен дел од вашиот концепт, но неодамна почнавте со посебна програма PriroDa. Која е главната причина за ваквото определување?
Денес, кога одите да пазарите, размислувате што купувате, од што е направено тоа и колку е природно. Така е во секој дом и тоа е прашање на кое луѓето сѐ повеќе ќе бараат одговор. Со години за нашето семејство имавме своја нива, а пред пет години направивме е голема нива од 50 хектари, со органски засади, на органско земјиште, за нашето големо семејство – потрошувачите. Секако, сакавме да имаме и поширока понуда, па од познатиот синџир на органски продавници во Италија, „НатураСи", го зедовме најдоброто и така создадовме „продавница во продавница". Ја нарековма PriroDa сакајќи од природата да го земеме најдоброто и истото да ѝ го вратиме назад. Со консумирањето здрава и еколошки исправна храна и со користењето биокозметички производи, влијаеме на зачувување на средината во која живееме, а тоа влијание е немерливо по здравјето. Основата на пристапот е тоа што ќе му го посакате на семејството, да им го посакате и на своите потрошувачи.
Почнавте да го освојувате пазарот во Војводина, а потоа тргнавте кон југ. Каква е покриеноста денес, колку малопродажни објекти имате и кој дел од Србија најдобро ве прифати? Која е главната причина за тоа?
Во моментов имаме 131 малопродажен објект на групацијата „Универекспорт" – неверојатен податок дури и за тој што присуствувал на отворањето на речиси секој објект. Речиси да не постои општина во Војводина во која нема продавница „Универекспорт". Отворивме објекти во големи места, таму каде што има, но и таму каде што нема конкуренција, дури и таму каде никој не се осудил досега да отвори. Таа храброст е наградена и повторно би почнале така од почеток, бидејќи предизвиците нѐ придвижуваат, а потрошувачите го препознаваат тоа. Патот по познати патеки по некое време станува неинтересен, а секое скршнување во „непозната улица" носи однапред незамисливи задоволства.
Почнавте голема инвестиција во изградба на дистрибутивен центар. Кога е планирано отворањето?
Камен-темелникот на новиот, поголем и современ дистрибутивен центар е поставен на 12 август. Заедно со претставниците од градот, колегите и со деловните партнери стоевме на прагот на новиот успех и беше одлично да се биде дел од тоа. Трендовите и современите текови се важни во сите сегменти на работењето, поради што почнавме изградба на најмодерниот дистрибутивен центар, кој ќе може да обезбеди решенија за сите деловни предизвици што се пред нас. Вкупната инвестиција е речиси 16 милиони евра, а завршувањето на првата фаза е планирано за мај наредната година.
Што зацртавте како главна цел годинава, а што во наредните 25 години?
Годините што доаѓаат носат со себе возбудување пред непознатото, но со семејството што ми е потпора и поддршка во секоја смисла и со луѓето што го прават „Универекспорт" тоа што е, сигурна сум, ќе донесе, спомени вредни за памет