Генералниот директор на „Раденска" нагласи дека компанијата има намера долгорочно да вложува во пазарот на безалкохолни пијалаци, со фокус на локално препознатливите брендови. Најголемо позитивно влијание на добрите деловни резултати на групацијата „Кофола" во 2015 година имаa аквизицијата со словенечката „Раденска" и дистрибуцијата на брендовите на „Раух" на чешкиот и на словачкиот пазар.
Кога се роди идејата во групацијата „Кофола" за преземање на „Раденска"?
Нашиот советник му ја претстави таа можност на сопственикот пролетта 2013 година. Наскоро, со уште двајца соработници, станав одговорен за тој проект. Во врска со преземањето, имавме неколку интерни расправи – дали Јадранскиот Регион е соодветен за достигнувањето на нашите цели, за тоа како би сакале да продолжи развојот и сл. Тогаш, сè уште немавме прецизно изградени стратегии за настап на пазарите од овој регион. Проектот претставуваше шанса – допатувавме овде, го анализиравме пазарот и заклучивме дека постои голем потенцијал. Наскоро стапивме во контакт со „Пивоварна Лашко".
Портрет на Мариан Шефчович
Доаѓам од Словачка. Најголемиот дел од мојата кариера е поврзан со „Кофола",
а во компанијата сум од 1999 година. Во тоа време, компанијата сè уште не
беше дел од групацијата „Кофола" – тоа се случи набргу по моето доаѓање.
Претходното искуство ми беше во продажбата. На интервјуто за „Кофола",
ме прими сегашниот директор Јанис Самарас, а договорот го потпишав
токму на мојот роденден!
|
Дали и колку за компанијата е важно промовирањето на брендот Radenska во Чешка и во Словачка или, пак, повеќе ви значи промоцијата на брендовите на „Кофола" на пазарите во Јадранскиот Регион?
Во нашето портфолио немавме минерални води. „Кофола" во Словачка нуди изворска вода, но не и минерална. Најважното е што во „Раденска" препознавме компанија со богато наследство. Можно е производите од „Раденска" да се најдат на пазарите во Чешка и во Словачка, но тоа не е неопходно.
Оперативната добивка на „Кофола" во 2015 година забележа пораст од 33,1 отсто и достигна 21,6 милиони евра. Групацијата има седум производствени погони во Чешка, Полска, Словачка и во Словенија. |
Дали можеме да очекуваме на нашите пазари да се најде пијалакот со вкус на кола – еден од главните брендови на групацијата „Кофола"?
Производите на „Кофола" засега ги продаваме само во Чешка и во Словачка. Станува збор за многу силен бренд, но само на локално ниво. Пијалаците задоволуваат многу специфични вкусови. Засега, немаме план на пазарите од Јадранскиот Регион да го увезуваме тој пијалак, можеби некои други пијалаци од портфолиото на компанијата, но не и безалкохолните. Барем засега. Можеби некогаш...
Зошто ви беше важно „Раденска" да стане дел од конзорциумот на „Кофола"?
На почетокот, во медиумите се пласираа изјави, како: Чешка компанија е заинтересирана за преземање на „Раденска", па затоа сакавме да им се претставиме на луѓето кој стои зад компанијата и каква е нејзината приказна. Групацијата има широка база знаења и големо портфолио производи. Со текот на времето, јавноста и потрошувачите ќе сфатат дека не сме инвестициско друштво, кое извршило некое загрижувачко преземање, туку сме некој што добро ја познава работата, има намера да ја развива компанијата и има долгорочни планови со широка перспектива.
Тоа значи дека сте независни, а групацијата ви гарантира помош ако ви се потребни одредени анализи, идеи и истражувања?
Целата стратегија, вклучувајќи ги и иновациите, се задача на тимот на „Раденска". Секако, конзорциумот мора да ја одобри таа стратегија, но основата на нашата работа е овде.
Групацијата „Кофола" почна да ја проширува мрежата во последните години...
Во последните десет години, „Кофола" доживеа многу промени. Се појавија нови проекти, кои за луѓето во компанијата што сакаа да изградат кариери, беа позитивни. Со нови сили, тие беа мотивирани да бараат нови предизвици во служба на „Кофола", надвор од Чешка и од Словачка. За нас, Словаците, (но, и обратно) работењето на пазарот на Чешка не значеше дека работиме на странски пазар. Сега работите се поинакви, а тука се уште и Полска, Словенија и Хрватска.
Дали е вистина дека само седуммина го знаат рецептот за кола-пијалакот Kofola?
(Смеење). Постојат пет чекори за подготовка. Рецептот, кој е сопственост на „Кофола" е стар и мора да биде заштитен. Интересно е тоа што дури ни генералниот директор Јанис Самарас не го знае рецептот.
Минатата година ви помогна летната горештина. Дали верувате дека и покрај годинешните временски услови, ќе постигнете подобри резултати од лани?
Секогаш. Поставените цели секогаш се за едно ниво повисоко. Во мојата историја во „Кофола", ниту еднаш немав цели што биле пониски од остварените една година претходно. Од друга страна, мора да бидеме подготвени и за справување со ризиците.
Во една од изјавите што ги дадовте од функцијата директор, говоревте за мешањето на културите на „Кофола" и на „Раденска" и афирмација на таа комбинација во регионот. Кога би требало да се случи таа?
Историите на компаниите се многу различни. „Раденска" има речиси 150 години, а „Кофола" е релативно млада компанија, која наполни 25 години. Тоа се многу различни средини. Во „Кофола" работат помлади луѓе, а средината повеќе е насочена кон претприемништво, мотивација итн. Од тој аспект, „Раденска" е потрадиционална.
Настојуваме да ги обединиме добрите страни од двата различни пола и да ги употребиме во насока на развој на компанијата. Со сигурност, ние нема да му дадеме пет книги одеднаш на вработениот, со зборовите: Од утре, па понатаму, мораш да работиш според тие правила! Понекогаш е тешко да се меша традиционалниот пристап со современиот, но веруваме дека во моментов, тоа е вистинскиот начин на работење.
Нашето лого е визуелно привлечно и вклучува емоции, брзо се прифаќа како свое. Се издвојува од другите логоа и ниту еден друг бренд не може да го украде, бидејќи не би било веродостојно.
|
Минатата и една година претходно резултатите на „Кофола" беа извонредни, што не беше случај и со резултатите на претходните сопственици на „Раденска"...
Би кажал дека станува збор за фокусирање. Ја продолжуваме работата со пиварницата, но фокусот претходно не беше само на Radenska, туку на целото портфолио производи – пива, сокови и води. Сега, станавме тесно специјализирани на категоријата води.
Пред две години бевте избран за менаџер на годината. Кој гласаше?
Токму така, но само во Словачка и за наградата беше заслужен целиот тим. Изборот беше во организација на бизнис-списанието „Тренд", кое доделува награди во последните 15 години. Едната половина гласови беа од јавноста, а другата – од експертите. Интересен е фактот што десет години претходно, за менаџер на годината беше избран човекот што денес е претседател на Словачка.
Не сакаме да останеме само на пазарот во Словенија – за нас, пазар од два милиони потрошувачи е премногу мал. Radenska ја сметаме за камен-темелник, кој ќе се гради во целиот регион.
Кои се вашите планови за македонскиот пазар?
На македонскиот пазар имаме дистрибутер, кој работи со мал дел од извозот. Засега, Македонија не ни е во краткорочниот план – немаме доволно капацитети за да бидеме толку широко распространети.
Какви се вашите планови за пазарот во Србија?
Нашиот принцип на работа е сè да правиме постепено. Во Србија сè уште не сме почнале со сериозни разговори, но на тој пазар гледаме огромен потенцијал. На крајот на краиштата, станува збор за најголемата држава во регионот, со најголем број жители.
Брендовите газирани пијалаци Nara и Inka, како и брендот овошни сирупи Voćko, ги презедовте од „Бадел 1862". Кои се вашите понатамошни планови за нивниот пазарен развој?
Сè произведуваме во фабриката на „Раденска". Најголем потенцијал гледаме во категоријата сирупи, во кои „Кофола" и традиционално е многу силна. Тоа е категорија што добро ја познаваме и која можеме понатаму да ја развиваме.
Во БИХ имате нов дистрибутер...
Веруваме дека на овој пазар може добро да работиме со нашите постојни производи, а на почетокот од годината, го променивме дистрибутерот. Тоа е „Орбико" – голема семејна компанија, чија структура е соодветна за нас. Станува збор за долгорочно партнерство, а Бранко Роглиќ, навистина го почитувам. Логично е да ја прошируваме соработката со луѓе со кои добро се разбираме. На крајот на краиштата Radenska има три срца, а не само едно.
За крај, неколку зборови за Косово...
Тешко е да се пробиете и да работите на овој пазар, но и во Косово имаме дистрибутер, со чија помош во последните три години имаме пораст.
|