Регионално

Украински„Силпо“- еден од најпосебните трговци во светот

14 Jun 2023

Главна вредност на „Силпо“ се луѓето. Внимателни, грижливи, упорни. Тие прават извонредна атмосфера која нашите гости ја ценат. Благодарение на нашите вработени, „Силпо“ е место во кое сакате да се вратите. Се грижиме за благосостојбата на нашите вработени, имаме пријатни услови и инклузивност

Приреди: Јелена Лазариќ, jelena@b2bmedia.org

Катерина Охуријаиева, директорка на маркетинг во „Силпо“ – Украина, е стручњак за маркетинг во малопродажба и во својата кариера беше директорка на маркетинг во неколку украински трговски синџири. Последните четири години е на таа функција во „Силпо“, кој е меѓу најпосебните трговци во светот.

Компанијата е позната по висококвалитетни производи и конкурентни цени, како и по потенцирањето на услугата и задоволството на купувачите. Особено се истакнува иновативниот дизајн на продавниците, при што секоја има своја тема, на која потоа ѝ е наменет целиот дизајн внатре. Така, можете да купувате во продавница во стилот на јапонска градина или, пак, во друга дизајнирана за гејмери, а постои дури и една посветена на Никола Тесла.

Катерина беше една од говорничките на маркетинг-самитот што се одржа на 27 април во Загреб, во организација на InStore – Хрватска.

Можете ли да нѐ запознаете со основните информации за вашите продавници. Кога ја отворивте првата, како изгледаше тоа?

„Силпо“ е еден од најголемите синџири на супермаркети во Украина. Првиот „Силпо“ беше отворен во Киев, во 1998 година. Денеска 303 продавници работат за нашите гости. „Силпо“ нуди производи од сопствен увоз од повеќе од 80 земји од светот, како и производи од украинските земјоделци и од сопствена трговска марка. Имаме свои марки, како што се Premium и Povna Chasha, како и сопствено производство, како Kraftyar и слатките Own Confectionery. Кај нас големо внимание се посветува на искуството на гостите, па секоја продавница е уредена во индивидуален дизајн. Сега синџирот има околу 100 тематски супермаркети и 4 „Ле Силпо“ маркети за деликатеси, секој со свој концепт. Имаме околу 30.000 вработени. Луѓето се главната вредност на „Силпо“. Внимателни, грижливи, упорни. Тие прават извонредна атмосфера која нашите гости ја ценат. Благодарение на нашите вработени, „Силпо“ е место во кое сакате да се вратите. Се грижиме за благосостојбата на нашите вработени, имаме пријатни услови и инклузивност.

„Форбс“ – Украина ве прогласи за најдобар работодавец во малопродажбата. Како го постигнавте тоа?

Секоја година сме вклучени во разни оценувања за најдобри работодавци во земјата и го заземаме првото место меѓу трговците. Меѓу главните предности на компанијата се квалитетите како што се социјален пакет, информациска отвореност, можност за развој, лојалност и работни услови.

Која е приказната за создавањето продавници со различни теми? Од каде потекна таа идеја?

„Силпо“ отпочеток е емотивен бренд кој обрнува големо внимание на атмосферата во продавниците. Првиот проект во таа насока е од 2001, кога на предната страна на продавницата во Киев се појави „главато“ сирење (сирење со глава). Во 2014 се појавија првите супермаркети со индивидуален дизајн, како што се сликите на Ван Гог, продавниците во американски стил од 150-тите години, продавница на Малиот Принц и други. За 9 години, во нашата мрежа се појавија 100 такви продавници. Затоа „Силпо“ веќе шеста година по ред е на листата со најиновативни дизајни во европските супермаркети. А туристичките водичи ги вклучуваат нашите супермаркети како занимливост во маршрутите при разгледување на градот.

Во компанијата имаме оддел за дизајн на ентериерите, а понекогаш вклучуваме и надворешни дизајнери.

Кој ви е конкуренција?

Тешко е да се каже. „Силпо“ нуди единствено искуство на купување во комбинација со необичен дизајн и ексклузивен асортиман – егзотично овошје и зеленчук, риба, алкохол од сопствен увоз од 80 земји во светот, слатки за вегани, суперхрана во одделот за здрава храна... Нудиме и брза достава на храна и други стоки (до 23 минути) и достава закажана за одредено време. Затоа е тешко да се именува трговец кој има сличен модел, не само во Украина, туку и во светот. Ние не дејствуваме само во малопродажбата, туку и во сегментот на доживувањата на гостите.

Туристичките водичи ги вклучуваат нашите супермаркети како занимливост во маршрутите при разгледување на градот.

Колку војната влијаеше врз вашето работење, но и на навиките кај потрошувачите?

По првичниот шок, „Силпо“ направи феноменална работа за нацијата да биде сита. Во првите три месеци од инвазијата беше тешко, Русија окупира делови од неколку региони во Украина. Прометот е помал за околу 20 отсто во согласност со раселувањето на населението и привремени губења на територии. 80 отсто од продавниците на „Силпо“ продолжија да работат. Во првите денови на војната живеевме од ден за ден, не знаејќи дали ќе го дочекаме следниот. Но сега ги совладуваме моменталните предизвици и гледаме напред. Сега се отворени 303 продавници (пред војната имавме повеќе од 330). Соочени со снемување струја, ги опремивме продавниците со агрегати за да можеме да работиме. Што се однесува до потрошувачката, мнозинството производи што беа популарни пред кулминацијата на војната и сега се актуелни: јајца, банани, пилешко филе, минерална и слатка вода, леб и пекарски производи. Извесни промени во потрошувачките навики имаше само во првите месеци на војната.

Планирате ли да се проширите надвор од границите на Украина?

Во последните месеци „Силпо“ почна да го истражува полскиот пазар со нашите претходни долгорочни увозни партнерства со полски производители на храна. Пред руската инвазија ги проучувавме најдобрите практики во малопродажбата на мешовита стока во САД, Кина, Шпанија, Франција и други земји од ЕУ. Тоа продолжуваме да го правиме во Полска. Многу Украинци најдоа засолниште во земји во ЕУ – а значителен број од нив се во Полска – и кога ќе се вратат, нивните очекувања од трговијата со мешана стока би можеле да се променат.

Кои вредности ги ширите преку вашето работење?

„Силпо“ се води од сопствени вредности во управување со работењето – едноставни се, разбирливи и интегрирани во сите процеси. На пример: • Гостопримство – компанијата никогаш не користи збор „клиент“, туку само „гостин“. Колегите и новите вработени се поддржани и добредојдени. • Грижа за вработените – компанијата ја цени рамнотежата меѓу работното и слободното време на секој вработен и ја поддржува желбата за самоусовршување. • Соработка – вработените се поддржуваат меѓу себе, се грижат и си помагаат. • Способност за забава – нашите вработени уживаат во својата работа и не се плашат да бидат малку „откачени“. • Експерименти – да оживеат и најхрабрите идеи. • Животна средина – нашите вработени рециклираат отпад и штедат ресурси.  

Колку ви помогна дизајнот да го зголемите прометот?

Некои од продавниците што на почеток беа без какви било уникатни украси се реновирани и дизајнирани. Во некои случаи, продажбата по дизајнот е зголемена за 50 или за 80 отсто. Но, дизајнот не може да функционира сам. Тој само ја нагласува содржината, а најголемите напори се вложени за асортиманот и неговата презентација да бидат одлични.

Што ќе ни кажете за сопствените увозни понуди на „Силпо“?

Проектот „Сопствен увоз“ трае веќе 17 години, така што имаме голема база на контакти во светот. Тоа многу ни помогна на почетокот на војната, кога производите беа потребни „овде и сега“. Во моментов во проектот се вклучени 89 земји. Имаме силен тим на стручни раководители за увоз. Ако зборуваме за алатките за ширење контакти, вреди да се истакнат меѓународните изложби, кои активно ги продолживме од втората половина на 2022. Побарувачката за одредени производи се промени, па беше потребно да се прошират хоризонтите. 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...