Регионално

Наим Арифи: Без цел не можете да имате јасна насока

22 Mar 2023

Ако ви се понуди можност да работите за интернационална компанија што нуди добри услови, потрудете се работата да ја извршувате свесно за да покажете дека сте вредни за таа позиција и да ја оправдате довербата.

Наим Арифи, инспектор за квалитет во „Фереро“

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Од септември 2017 година нашиот соговорник Наим Арифи е инспектор за квалитет во кондиторскиот гигант „Фереро“. Контрактор на италијанската интернационална компанија во Македонија е „Мактоис“, фабрика во селото Лешок, која е производител на играчки за „Фереро“. Во фабриката работат повеќе од 150 луѓе.

Биографски податоци

Датум и место на раѓање: 27 декември 1982 година, Тетово.

Образование: Дипломиран инженер по компјутерски науки на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ).

Моментална функција: Инспектор за квалитет во „Фереро“ (од септември 2017 година).  

Кариера:

  • Референт за набавка во „Визоком“ – работа од далечина (од 2017 до 2022 година);
  • Менаџер за финансии и за набавка во базата CFC (Камп Филм Сити) во Косово, „Еколог интернационал“ (од 2015 до 2016 година);
  • Менаџер за услуги во базата CNS (Камп Ново Село) во Косово, „Еколог интернационал“ (2015 година);
  • Менаџер за човечки ресурси и супервизор за финансии и сметководство во базата во Кандахар, „Еколог интернационал“ (од 2013 до 2015 година);
  • Менаџер за QA&QC/HSE во базата во Кандахар, „Еколог интернационал“ (од 2011 до 2013 година);
  • Инженер за системи и ИТ-безбедност во Царинска управа на Република Македонија (од 2008 до 2011 година);
  • ИТ-менаџер во „Вестерн унион“ (од 2005 до 2006 година).

Хоби: Шах и гледање документарни филмови на „Нетфликс“.

Брачна состојба: Неоженет.

Назначен сум од „Фереро“ за надзор на работата и контрола на процесите во фабриката, односно да се грижам дека локалната „Мактоис“ работи според барањата за квалитет на интернационалната компанија. Како инспектор за квалитет, мојата задача е да ѝ понудам поддршка на „Мактоис“ во фазата на развој на производот, проверувајќи ги сите аспекти на квалитетот. Во мојот домен спаѓа и одобрување играчки за масовна продукција, консултација, проверка на дневното производство, следење на ISO и другите потребни дневни тестови, помош и поддршка во текот на производството, но истовремено сум одговорен и за целосната инфраструктура. Притоа, особено важно е инфраструктурата на фабриката да биде според барањата на „Фереро“ за да не дојде до крос-контаминација, објаснува Наим. Тој додава и дека учествува во фазата на развој на производите, со проверка на сите аспекти на квалитетот, како и во спроведувањето корпоративни ревизии на различни фабрики низ Источна Европа (Унгарија, Романија, Молдавија, Албанија, Северна Македонија и Бугарија).

Унапредување и напредување

Наим отсекогаш посакувал и сонувал да работи во големи познати компании, но признава дека никогаш не помислил дека ќе работи за компанија од толкав габарит како што е „Фереро“. Тоа е гигант кој е во топ-3 компании во светот по производството на чоколадо, истакнува тој, и се навраќа на почетоците на неговата професионална кариера.

Уште додека бил студент на Факултетот за современи науки и технологии на Универзитетот на Југоисточна Европа, пред да дипломира, ја добил првата сериозна работа како ИТ-менаџер во „Вестерн унион“. За првото работно искуство, тој вели: Како секој студент, и јас мислев дека сум многу добар во мојата професија, но уште од првите денови сфатив дека не сум во право – оти имам многу за учење и секој ден ќе учам нешто ново.

Следува работата во Царинска управа, каде што тригодишниот ангажман на Наим повторно е поврзан со неговата примарна професија – ИТ-секторот. За искуството во оваа институција тој вели дека е едно од најдобрите, што придонело за неговиот професионален развој: Царинската управа е една од најголемите државни институции, со најголема ИТ-мрежа, каде што секој ден беше нова лекција за мене, што ме поттикна да пораснам професионално.

Уште додека бил дел од оваа институција, нашиот соговорник добил понуда да ја промени работната средина и да стане дел од „Еколог“, интернационална компанија со многу различни проекти низ целиот свет: Во тие воени бази, еднo од најдобрите искуства ми беше тоа што научив што значат правилата и како се почитуваат, како да се зачува квалитетот и да се обезбеди сигурна средина за здравјето на работниците.

Мојата задача е да ѝ понудам поддршка на „Мактоис“ во фазата на развој на производот, проверувајќи ги сите аспекти на квалитетот. Воедно, спроведувам и корпоративни ревизии на различни фабрики низ Источна Европа.

Во 2011 година почнува неговиот ангажман во „Еколог“ во базата во Кандахар во Авганистан. Во 2015 година е преместен во Косово, кога компанијата склучува нов договор со КФОР. На почетокот на проектот Наим бил назначен за менаџер за услуги во базата, задолжен за осум различни сервиси. Една од причините поради кои бев определен за оваа позиција е затоа што сум добар во водење проекти во време на мобилизација. Мојата задача беше да го водам проектот уште пред да почне. Откако проектот почна да функционира како што треба, бев преместен во Приштина, како менаџер за финансии и за набавка за сите проекти на „Еколог“ во Косово.

Горд Ferrerian

Од септември 2017 година почнува едно ново, многу важно поглавје во кариерата на Наим – работата во „Фереро“. Истовремено, од 2017 до 2022 година тој е дел и од „Визоком“, американска компанија која обезбедува клучни владини услуги, ИТ-услуги и комуникации, логистика, снабдување и интернет-услуги на Владата на САД. Како референт за набавка, работа што ја работи од далечина, тој е задолжен за владините тендери, односно да ги разгледува барањата и да наоѓа најдобри цени.

Сепак, Наим признава дека понудата за работа во „Фереро“ е една од најдобрите понуди што ги добил во животот, со најдобри услови за работа и најдобар колектив што човек може да замисли. Без многу размислување, веднаш прифатив да бидам дел од одделот за квалитет  на „Фереро“ (FQD – Ferrero Quality Department) на позиција инспектор за квалитет, и тоа за делот на играчките за Kinder Surprise и Kinder Joy, истакнува тој.

Меѓу другите задолженија, Наим учествува во спроведувањето корпоративни ревизии на различни фабрики низ Источна Европа, така што неговата професионална кариера е исполнета со многу патувања. Тој потенцира дека знаењето што се добива со патувањата во други држави и општества, според него, е многу поважно од завршувањето факултет.

За најголем успех во кариерата го смета тоа што е дел од еден интернационален гигант и дека е горд Ferrerian, како што се нарекуваат сите што работат за „Фереро“.

На прашањето кои особини треба да ги поседува една личност за успешно да работи на позицијата на која работи тој, Наим вели дека тоа е чесноста кон работата и кон себе: На тој начин секогаш ќе бидеш ценет, и повторно ја потенцира својата воодушевеност од компанијата за која работи: „Фереро“ е компанија што секогаш ги цени и ги поддржува своите работници. Ќе наведам само еден пример – во текот на ковид-кризата сите вработени добија е-пораки од сопственикот да внимаваат на своето здравје. За оваа компанија најважно е здравјето на вработените и на крајот на годината, кога сите други компании почнаа да го редуцираат бројот на работници, „Фереро“ им додели финансиски бонуси на сите вработени.

За професионализмот, за животот и за успехот

Пред крајот на разговорот, Наим заклучува дека неговите очекувања од работата се целосно исполнети. На колегите на кои би им се укажала можност да работат за интернационална компанија, тој им порачува: Многу е битно да ја сакате работата што ја работите. Ако ви се понуди можност да работите за интернационална компанија што нуди добри услови, потрудете се работата да ја извршувате свесно за да покажете дека сте вредни за таа позиција и да ја оправдате довербата.

Тој признава дека одвреме-навреме си помислува дека во досегашната кариера многу пати донел погрешни одлуки, но, на крајот на краиштата, учењето од грешките нè прави тоа што сме.

За најголем успех во кариерата го смета тоа што е дел од еден интернационален гигант и дека е горд Ferrerian, како што се нарекуваат сите што работат за „Фереро“. Клучот на успехот е во јасната цел, начинот на размислување и развивањето храброст. Без цел не можете да имате јасна насока. Важно е да знаете што сакате и кон што се стремите, заклучува Наим на крајот од разговорот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...