Регионално

Дејан Јовановиќ: Победнички менталитет, амбиција, дисциплина

24 авг 2022

И веројатно најважното – навика да се пренесе знаењето...

Дејан Јовановиќ, менаџер на продажба во „Нелт СТ“

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Најважна лекција од почетокот на кариерата во „Нелт СТ“ за нашиот соговорник Дејан Јовановиќ била дека личните и професионалните цели може да се остварат со напорна и чесна работа. Затоа што, како што вели, „Нелт“ е компанија што ги вреднува не само продажните резултати, туку дава можност и слобода за развој на ниво на врвен професионалец.

Биографски податоци

Датум и место на раѓање: 30 декември 1979 година, Скопје.

Образование: ДСУ „Арсени Јовков“ (економско), Nelt Sales Academy.

Кариера:

  • Специјалист за продажба во „2BE Mobile“ (од 2007 до 2009 година);
  • Агент за продажба во „Нелт СТ“ (од 2009 до 2011 година);
  • Супервизор на продажба во „Нелт СТ“ (од 2011 до 2013 година);
  • Менаџер за клучни купувачи во „Нелт СТ“ (од 2013 до 2014 година);
  • Менаџер за продажба во „Нелт“ – Мозамбик (од 2014 до 2016 година);
  • Менаџер за продажба и операции во „Нелт“ – Замбија (од 2016 до 2019 година);
  • Менаџер за продажба и операции во „Нелт“ – Мозамбик (од 2019 до 2021 година).

Моментална функција: Менаџер за продажба во „Нелт СТ“ (од јануари 2022 година).

Хоби: Пешачење, играње шах.

Брачна состојба: Оженет, две ќерки (16 и 10 години).

Почеток на здрави основи

Како мал, Дејан кога ќе порасне сакал да стане пилот, сон кој во тоа време го поврзувал со омилениот суперјунак – Супермен. Оттаму некако доаѓаа инспирацијата и желбата, со насмевка раскажува Дејан.

Кога почнал да ја гради својата професионална кариера, тој не можел ни да замисли дека е можно да работи надвор од Македонија, особено поради тоа што компаниите во тоа време биле премногу ориентирани кон локалниот пазар: Во тоа време ни на крај на памет не ми доаѓаше дека Африка може да биде опција!

За отвореното работно место во „Нелт СТ“ дознал преку оглас во локален весник и откако се пријавил на тестирање, поминал сериозен циклус на селекции и интервјуа. Неговата прва позиција во компанијата била агент за продажба во дивизијата Milka за реон Скопје.

Во првите пет години (од 2009 до 2014 година) Дејан брзо напредува во кариерата. На нашето прашање како ги памети тие години и кои се најважните лекции што ги научил уште од почетокот, тој одговори: Тој период за мене беше можеби најважниот во целата моја кариера. Моите надредени ги поставија и ги развија на здрави основи моите вештини и навики уште од почеток, што понатаму ми овозможи да напредувам во кариерата. Најважна лекција во тој период ми беше дека личните и професионалните цели може да се остварат со напорна и чесна работа.

Едно е сигурно – комфорната зона не ве развива и во моментот кога ќе излезете од неа, вашите сетила за преживување ве тераат да размислувате и да бидете во можност да се справите со секаков вид предизвици.

Искуства од најтоплиот континент

Според Дејан, за да го добие новото работно место во Мозамбик, пресудни биле токму првите пет успешни години и препораката од претпоставените. Дополнително, способноста за брза адаптација на различни позиции исто така беше предност во однос на другите што се пријавија за конкурсот во Мозамбик, додава тој.

Кога веќе знаел дека тој ќе работи на позицијата менаџер за продажба во „Нелт“ – Мозамбик, прво што му паднало на памет било дека тоа значи оти ќе мора да патува со авион и да смени 3-4 лета за да стигне до главниот град Мапуто: А до тој момент воопшто немав стапнато во авион!

По двете години поминати во Мозамбик (од 2014 до 2016 година), Дејан продолжува во соседна Замбија како менаџер за продажба и операции, за три години подоцна повторно да се врати во Мозамбик. Заминувањето во Замбија, според мене, е периодот кога најмногу професионално се надградив и за краток период успеавме да ги постигнеме најдобрите резултати. Замбија беше доказ дека тимската работа е клуч за успех во секоја компанија. Враќањето во Мозамбик беше уште еден сериозен тест за упорноста и желбата за успех. „Нелт“ – Мозамбик беше сериозно погоден од негативниот импакт на шверцувана стока од Јужна Африка и буквално во прашање беше доведена егзистенцијата на компанијата под такви услови, накратко ни раскажа Дејан за тој турбулентен период. Сепак, тој истакнува дека со макотрпна работа, поддршка од групацијата „Нелт“ и од принципалите, успеале да ги стабилизираат операциите и да ја повратат профитабилноста на компанијата.

Како навистина тежок момент и голем тест на издржливост при престојот во Африка, тој ја истакнува разделбата од семејството и од пријателите, бидејќи станувало збор за период од 7 години. Сепак, на другата страна се и позитивните искуства: Најдрагоценото искуство што го носам од Африка е тоа што научив многу подобро да ги разбирам различностите што луѓето ги носат во себе. Работата во средина што е микс од многу различни нации и култури дефинитивно е непроценливо богатство... Секако, чувствував носталгија и си поставував многу прашања за тоа дали сум ја донел вистинската одлука. Во тој период на приспособување од 3 до 6 месеци се обидував да најдам причина да се вратам и да кажам дека Африка не е за мене, но секогаш наоѓав сила да се разубедам дека сум ја донел вистинската одлука. Освен семејството, многу ми недостигаше и традиционалната македонска кујна, така што многу често со цариниците во Мозамбик имавме преговори да пренесам понекоја тегла ајвар smiley

Разговорот го продолживме за дистинкциите и сличностите меѓу македонскиот и африканските пазари. Дејан се согласи дека разликите доаѓаат од големината и географијата на земјите. Како пример тој го издвои Мозамбик, чија должина од север кон југ изнесува 2.800 километри, што значи и многу покомплексна продажба и логистика. Сепак, има и сличности, особено во модерните синџири, во кои условите за работа се исти или слични: Дел од нив се на повисоко развојно ниво, од причина што таму се присутни „Волмарт“, „Шопрајт“, „Пик енд пеј“, кои се интернационални малопродажни синџири.

Од јануари годинава Дејан е повторно во Македонија, на позицијата менаџер за продажба и операции, задолжен за сите продажни програми што „Нелт СТ“ ги дистрибуира во земјава.

За професионализмот, за животот и за успехот

Според нашиот соговорник, за една личност успешно да работи на позицијата на која работи тој, потребни се победнички менталитет, амбиција, дисциплина и веројатно најважното – навика да се пренесе знаењето. На тој начин би се генерирале и развивале кадри кои ќе бидат потенцијални идни наследници.

Верувам дека во голема мера ги поседувам тие особини, но, секако, кај секој од нас постои дополнително поле за развој. Доколку нешто би сакал да променам, тоа дефинитивно е комуникацијата и пристапот на работа со новите генерации. Тоа мислам дека ќе биде еден од клучните аспекти за успешно работење – способноста за адаптација и пронаоѓање на вистинскиот модус на работа, каде што се спојуваат искуството и знаењето што ги поседувам со амбицијата и очекувањата за брз развој на новите генерации, вели Дејан.

На колегите на кои би им се укажала можност да работат надвор од родната земја, тој би им препорачал воопшто да не се двоумат бидејќи интернационалното искуство е нешто што ретко се укажува како шанса на нашите простори: Едно е сигурно – комфорната зона не ве развива и во моментот кога ќе излезете од неа, вашите сетила за преживување ве тераат да размислувате и да бидете во можност да се справите со секаков вид предизвици.

Тој признава дека не може да каже дека не носел одлуки што биле грешни или помалку исправни, но, сепак, немало погрешни одлуки со сериозен импакт врз него и неговото опкружување. Неретко добива прашања од пријателите и помладите колеги дали вредело заминувањето во Африка: Мојот одговор е секогаш ист, а тоа е дека уште 100 пати да треба да размислам дали би заминал или не, одговорот повторно ќе биде потврден.

Како најголем успех во кариерата го издвојува периодот од 2019 до 2021 во Мозамбик, кога била донесена заедничка одлука за разделба со еден од поголемите принципали и се размислувало за прекин на операциите. Сепак, во тие критични моменти со упорноста на тимот во Мозамбик успеавме да воспоставиме соработка со „Баерсдорф“ и со „Марс“, како и да добиеме ексклузива за активна дистрибуција на „Нестле“ на целата територија на земјата. Тие потези беа клучни за „Нелт“ – Мозамбик да стане една од најпрофитабилните членки на ниво на цела групација.

За крај, тој вели дека секој успех бара одредено откажување и инвестиција во знаење и учење нови вештини. Но, како што заклучува Дејан, без поддршка од семејството и од пријателите, тешко дека еден човек може да биде успешен.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...