Регионално

Горан Ковачевиќ: „Гомекс“ ќе ги задржи својата физиономија и посебност

08 Jun 2022

Горан Ковачевиќ, претседател на Надзорниот одбор на „Гомекс“ 

Логиката на работењето со фондови е на секои 5-7 години да го смените партнерот: да тргнете со помал фонд и потоа, како што се зголемува работата, да соработувате со сè поголеми фондови, додека не постигнете големина да бидете интересни за стратешки партнери или да излезете на берза.

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Ова не е прво интервју што го правевме со Горан Ковачевиќ, но е прво во неговата нова улога. Непосреден повод беше промената во неговите функции и продажбата на мнозинскиот удел во компанијата „Гомекс“, која заедно со сопругата ја основа пред 27 години. Во меѓувреме, компанијата прерасна во модерен трговски синџир, но сега е момент за пресврт во работата од повеќе причини што ги дискутираме во ова интервју.

На српската малопродажна сцена одекна веста дека „Гомекс“ сте го продале на инвестицискиот фонд ЦЕЕЦАТ Капитал. Подоцна слушнавме дека останувате во компанијата, но како малцински сопственик. Што од тоа е вистина?

Досега бев сопственик на 65 отсто од компанијата, а 35 отсто беа во сопственост на фондот СЕАФ од Вашингтон. Со оваа трансакција фондот СЕАФ го продаде својот удел во целост, а јас продадов дополнителни 16,5 отсто, па сега односот на сопственоста е: ЦЕЕЦАТ 51,5 отсто, a јас 48,5 отсто. Без оглед на односот на капиталот, за мене беше важно дека мојот досегашен заменик Бојан Иветиќ сега ќе стане извршен директор, а јас ќе ја преземам должноста претседател на Надзорниот одбор. Преостанатиот менаџмент останува во целина и нивната иднина ќе зависи од извршување на задачите (буџетот) што заеднички ги утврдивме.

ЦЕЕЦАТ ќе ни помогне да доведеме неколку деловни консултанти со искуство, од големи трговски синџири, со цел тоа што веќе го правиме да го правиме уште подобро.

Зошто го продадовте мнозинскиот удел? Дали на некој начин бевте принудени на тоа, се заситивте од работата или причините се од друга природа?

Пред сè, оваа работа е толку интересна што е тешко да се зборува за заситување од неа. Но, логиката на работењето со фондови е на секои 5-7 години да го смените партнерот, односно да тргнете со помал фонд и потоа, како што се зголемува работата, да соработувате со сè поголеми фондови додека не постигнете големина да бидете интересни за стратешки партнери или да излезете на берза. Дополнителна причина беше и моето предвидување дека условите за работење ќе се заоструваат, дека присуството на големи трговски компании ќе биде сè поголемо и дека ќе биде тешко да се издржи во таа конкуренција ако финансиски не се засилиме за да го забрзаме растот. Кога на тоа ќе ја додадеме и непредвидливата украинска криза, мислам дека имав многу разумни причини за овој потег.

Каков деловен аранжман склучивте со Фондот? Какви се нивните обврски, а и Вашите очекувања?

Тука нема некои посебни мудрости, ниту нашето работење ќе се менува на важен начин. Составен дел на купопродажниот договор е и бизнис-план што ги покрива нашите заеднички очекувања во следните пет години. Тој бизнис-план го подготвивме заедно и менаџментот го прифати како реален. ЦЕЕЦАТ ќе ни помогне да доведеме неколку деловни консултанти со искуство, од големи трговски синџири, со цел тоа што веќе го правиме да го правиме уште подобро и според најдобрите европски искуства да ги намалиме трошоците на работењето, да ја зголемиме ефикасноста, а тоа да не биде врз грбот на нашите купувачи или на вработените во „Гомекс“.

Имаше ли уште некои кандидати што ги гледавте како потенцијални косопственици на компанијата?

Да, имаше уште два сериозно заинтересирани субјекти, но ние го избравме релативно најмалиот партнер бидејќи низ разговори со него утврдивме дека ја делиме истата визија и дека во таа соработка „Гомекс“ ќе ги задржи својата физиономија и посебност, на што толку долго работевме. Продажната цена беше уште еден елемент на преговори. За мене, како основач, беше многу важно „Гомекс“ да остане на патот кој јас и моите колеги го трасиравме и притоа да направиме добри услови за работа за вработените. Парите се важни, но и со нив не може сè да се купи.

„Гомекс“ го основавте како семејна компанија во 1995 година. Во што прерасна оваа компанија, во меѓувреме?

Кога сопругата и јас го основавме „Гомекс“, не ни сонувавме дека можеме да оствариме толкав успех. Таа е професор по книжевност, а јас правник. Никогаш не ни помислуваме да отвориме трговска компанија, а потоа војната сè сврти наопаку. Маката е навистина најголема мотивација.

Денес „Гомекс“ е модерна трговска компанија со 212 малопродажни објекти и четири дистрибутивни центри. Со сопствена дистрибуција покриваме околу 75 отсто од нашите потреби. Особено сум горд на нашиот разладен дистрибутивен центар од каде што снабдуваме цел систем свежо спакувано месо со најдобар квалитет.

Како ја оценувате сегашната состојба на малопродажниот пазар во Србија и пошироко? Кои се главните карактеристики на домашната трговска цена и во колкава мера таа се разликува од развиените светски пазари?

Главната разлика меѓу нашиот и западниот пазар е во сè уште значителното присуство на т.н. традиционална трговија, односно самостојни трговци и мали синџири. Тоа е поврзано и со нашиот менталитет, а познато е дека помалите формати уште се омилени во јужните делови на Европа. Има и некој светски тренд на враќање на помалите формати, пред сè, заради заштеда на време. „Локалното“ се враќа во игра, и со паметен пристап и ангажирање локални снабдувачи, тоа може да биде добар рецепт за успех.

Горд сум што околу 82 отсто од прометот ги остваруваме со употреба на нашата картичка за лојалност, што е импозантна бројка за секој што се занимава со оваа работа.

Растот на цените е нешто што се случува во цел свет. Што можат да очекуваат домашните купувачи кога станува збор за зголемување на цените?

Повисоки цени секако ќе има поради растот на импутите. Цената на енергијата, транспортот, амбалажата итн. е пресметана во цената на секој производ и едноставно ќе се пренесе на крајната цена што ја гледаме во продавница. Во земјоделството, поскапувањето на вештачкото ѓубриво е енормно и тоа мора да се почувствува на трпезата. Прашање е само колку долго ќе траат овие трендови. Јас сум умерен оптимист. Србија, барем во прехраната, има стабилно производство и не би смеело да дојде до некои енормни нарушувања. 

Кога ќе се осврнете на претходните 27 години што ги посветивте на развој на „Гомекс“, на што лично сте најгорд, а кои деловни одлуки би ги промениле?

Горд сум што „Гомекс“ стана препознатлив и стабилен трговски бренд, со значителни потенцијали да стане лидер во форматот „мали продавници“. Сето тоа го направија луѓето од Зрењанин, од кои повеќето го стекнаа своето познавање на трговијата токму во „Гомекс“. Сега тие се способни да работат во која било трговска компанија, но нивната лојалност и натаму е на високо ниво. Горд сум што околу 82 отсто од прометот ги остваруваме со употреба на нашата картичка за лојалност, што е импозантна бројка за секој што се занимава со оваа работа, но е и знак дека сме нашле некоја „тајна врска“ со купувачите.

Сугурен сум дека сум/сме правеле и многу грешки, но по сè, кога ќе ги собереме доброто и лошото, ништо важно не би менувал. Ќе речам: „Како се надевавме, добро се омаживме“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...