Регионално

Јован Радосављевиќ: Луѓето се извор на мотивација

27 апр 2022

Јован Радосављевиќ, генерален менаџер на „Кока-Кола ХБЦ“ – Романија

Напредувањето во хиерархијата носи голема моќ, која пак значи и голема одговорност и искушенија што го менуваат човекот.

РазговарашеДанче Драгиноваdanche@instore.mk

Тоа што кариерата ја почнал од најниската позиција, за нашиот соговорник Јован Радосављевиќ е голема предност. Оттука имам развиено добро чувство како функционира фирмата и свесен сум колку за успехот се важни луѓето што се на терен со купувачите, како и дека тие што се на производствените линии се многу поважни од сите нас што сме по канцеларии, вели човекот кој денес е генерален менаџер на „Кока-Кола ХБЦ“ – Романија, а претходно две години беше на челната позиција на „Пивара Скопје“, раскажувајќи ја неговата професионална приказна.

Биографски податоци

Датум и место на раѓање: 20 јануари 1973 година, Белград, Србија.

Образование: Економски факултет на Универзитетот во Белград, насока – Надворешна и внатрешна трговија.

Кариера:

  • „Кока-Кола ХБЦ“ – Србија и Црна Гора (1998 година)
  • Merchandiser (од 1998 до 1999 година);
  • Business Developer (од 2000 до 2001 година);
  • Sales team leader (од 2001 до 2003 година);
  • Horeca Sales Supervisor (од 2003 до 2004 година);
  • Regional Sales Manager (од 2004 до 2006 година);
  • Route To Market Manager (од 2006 до 2007 година);
  • Field Sales Manager (од 2007 до 2009 година);
  • Sales Manager – Србија, Црна Гора, Косово (од 2010 до 2013 година);
  • Commercial Manager, „Кока-Кола ХБЦ“ – Романија (од 2013 до 2016 година);
  • General Manager, „Пивара Скопје“ (од 2016 до 2018 година);
  • General Manager, „Кока-Кола ХБЦ“ – Романија (од 2018 – сега).

Моментална функција: Генерален менаџер на „Кока-Кола ХБЦ“ – Романија.

Хоби: Тенис, кошарка, компјутерски игри.

Брачна состојба: Оженет, три сина (близнаци на 14 години и помладиот на 11 години).

Искачување по хиерархиската скала

До 11 години Јован не размислувал што сака да стане кога ќе порасне. Кога татко му од службен пат му го донел првиот компјутер, познатиот ZX Spectrum, од тој момент кај него се појавила желбата да стане програмер и да работи со компјутери: Веднаш почнав да програмирам во BASIC, дури бев и на натпревар по програмирање. Затоа се запишав и во математичката гимназија „Вељко Влаховиќ“, една од првите школи во поранешна Југославија со насока програмерство.

Гимназијата била премногу интензивна и неговиот ентузијазам за програмирање полека опаѓал. По средното училиште Јован се запишал на Економски факултет. Тоа било во 1991/92 година, време кога почнува распадот на Југославија, период на војни, санкции, хиперинфлација... Како што раскажува, изгледите за вработување не биле извесни, така што го одолжувал завршувањето на факултетот, со оглед на тоа што во студирањето наоѓал некаква смисла на животот. Економската теорија му се допаднала и почнал да размислува за академска кариера.

Еден ден, еден куќен пријател ми кажа за огласот на „Кока-Кола ХБЦ“ и предложи да се пријавам. Огласот беше за позицијата мерчендајзер – не ни знаев што е тоа, но описот беше интересен: посета на продавници, активација и поставување рекламен материјал, службен автомобил... Оваа можност звучеше премногу добро. Се пријавив, отидов на интервју и многу бргу добив потврден одговор со повик да се јавам на работа за две недели. Наскоро дознав дека „рекламниот материјал“ од огласот, всушност, се големи метални полици што треба да се состават во продавницата, а активацијата – изнесување гајби со Coca-Cola од магацинот до продавницата, со насмевка раскажува Јован. Тој додава дека мерчендајзингот е многу динамична и физички напорна работа, во која сепак уживал бидејќи секојдневно посетувал 20-25 продавници и зборувал со вработените. За една година, колку што бил на таа позиција, многу научил: Така почна мојата кариера во „Кока-Кола ХБЦ“ и од денешна перспектива, најважното искуство и бизнис-школа што воопшто можев да ги добијам.

Во првиот дел од кариерата резултатите имаат важна улога, но со секоја повисока позиција, многу поголема тежина добиваат лидерските вештини и развојот на луѓето, соработката со другите служби и воопшто, изградбата на односите во компанијата и со клучните купувачи.

Според Јован, кога кариерата почнува од најниската можна позиција, многу е тешко да се замислите себеси на повеќе од 2-3 хиерархиски нивоа нагоре: Да бидам искрен, секое унапредување го дочекував неподготвен и на некој начин изненаден од успехот. До 2010 година ги поминал речиси сите позиции во комерцијалниот сектор и тогаш станува директор за продажба за Србија, одговорноста му била проширена и за Црна Гора, а од 2012 година е задолжен и за Косово. Во тој период беше проценето дека имам потенцијал за генерален директор, а за да станам тоа, беше неопходно да имам и интернационално искуство. Тоа беше првиот момент кога станав свесен дека ќе мора да ја напуштам Србија ако сакам да напредувам во кариерата. Во 2013 година го добив повикот да станам комерцијален директор во Романија. Се консултирав со семејството, т.е. со главниот „stakeholder“ – сопругата и одлучивме да се преселиме во Букурешт, се сеќава тој.

Во првиот дел од кариерата, според Јован, резултатите имаат важна улога, но со секоја повисока позиција, многу поголема тежина добиваат лидерските вештини и развојот на луѓето, соработката со другите служби и воопшто изградбата на односите во компанијата и со клучните купувачи. Во практична смисла, можете да ги наддавате плановите за продажба колку што сакате, но ако луѓето од вашиот тим не се мотивирани, ако не се развиваат и не напредуваат, тоа е крај на напредокот. Со текот на годините, како што се зголемуваше бројот на луѓе за кои бев одговорен, тоа беше одличен извор на мотивација за мене да учам и да се усовршувам. Со тоа ги развивав и, како што ги нарекуваме со деловен жаргон – „people development“ и „soft skills“.

Еднаш „Пиварец“, засекогаш „Пиварец“!

Кога Јован ја добил понудата за работа на позицијата генерален менаџер во „Пивара Скопје“, бил искрено воодушевен затоа што пиварницата има извонредна репутација во „Кока-Кола ХБЦ“ и се смета за најдобрата школа што може да се добие на почетокот на кариерата како генерален директор.

Пиварницата е заеднички потфат меѓу „Хајнекен“ и „Кока-Кола ХБЦ“ и имате единствена можност истовремено да работите за две големи интернационални компании – да го научите пивскиот бизнис и да станете дел од компанија со 100-годишна традиција на македонскиот пазар. Дополнителен ентузијазам претставува и фактот што претходникот на позицијата генерален менаџер беше мојот долгогодишен колега и пријател Александар Ружевиќ, од кого слушнав многу убави работи за „Пивара“, уште пред да ја добијам понудата, вели Јован.

Двете години поминати во Македонија и во „Пивара Скопје“ за него се едно од најдрагоцените искуства во животот – и деловно и приватно. Деловно и што се однесува до мојот професионален развој – тоа беа искуства што ги надминаа сите очекувања, а уште поважен беше приватниот аспект. Бројот на прекрасни луѓе што ги запознав, од кои многумина ми останаа пријатели, фактот што многу подобро ја запознав културата на земјата и сфатив дека таа е центарот на Балканот и на многу вредности, кои нас, луѓето од овие простори нè прават специфични. Нешто што засекогаш ќе го памети и ќе му недостига е гостопримливоста, срдечноста на луѓето и начинот на кој тие уживаат во животот и покрај секојдневните проблеми. Освен тоа, тој додава дека искуството во „Пивара Скопје“ е мешавина од деловното и приватното: По некое време станувате дел од големото семејство. Мора да кажам дека е вистина тоа што искусните колеги ми го зборуваа – Еднаш „Пиварец“, засекогаш „Пиварец“!

Најголемиот предизвик, но и најголемото задоволство, ми беше унапредувањето на атмосферата на работа и воспоставувањето нова култура, во која хиерархијата не е толку важна.

На прашањето кој бил најголемиот предизвик за него во работата во Македонија, Јован одговори дека како и во животот, така и во работата секоја недела е исполнета со мали подеми и падови, кои претставуваат драгоцено искуство. Најголемиот предизвик, но и најголемото задоволство ми беше унапредувањето на атмосферата на работа и воспоставувањето нова култура, во која хиерархијата не е толку важна. Кога луѓето се мотивирани да испробуваат нови работи и нови идеи, без страв од грешки, преку учење од грешките. Кога се промовираат луѓето што се дел од таа нова култура. Истовремено, продолжување на сето тоа што „Пивара“ ја прави тоа што е и почит кон традицијата што ја има, истакнува тој. Додава дека сретнал и запознал голем број талентирани луѓе, не само во пиварницата, туку и во другите компании, за кои е сигурен дека имаат голем потенцијал. Сето тоа ме води до најтешкиот момент, а тоа беше разделбата со „Пивара“ и заминувањето од Скопје. Моите колеги сигурно добро се сеќаваат колку тешко ми падна заминувањето и единствената позитивна работа во тој момент беше што одам во Романија, земјата за која исто така ме поврзуваа убави сеќавања...

Долго по заминувањето од Македонија чувствувал носталгија и се трудел почесто да доаѓа во Скопје и да ги види пријателите и колегите. За жал, целата ситуација со пандемијата во последните две години го спречила да доаѓа колку што сака. Се надевам дека наскоро, по повод 100-годишнината на „Пивара Скопје“, пак ќе дојдам во едно од моите омилени места, бидејќи тоа ќе биде добар изговор да останам цела недела и да се видам со повеќе луѓе, истакнува тој.

Јован додава дека Романија е прекрасна земја и Букурешт е голем град, но признава дека и понатаму често размислува за малите работи и местата на кои уживал во Македонија – викенд во Охрид, прошетка покрај Вардар, ручек во „Воденица“, почеток на вечерта во „Кино Карпош“, кога Пеце Суперхикс пушта музика на радио, репертоарот на Крле од „Деј офф“, микс од мајсториите на диџеј Гоце САФ, пиво во „Маракана“ додека настапуваат „Рингтонс“, опусот на музичкото знаење на диџеј Вера Јанковиќ...

За професионализмот, за животот и за успехот

Работните задолженија во моментов, на функцијата генерален менаџер на „Кока-Кола ХБЦ“ во Романија, според Јован, се речиси исти. Единствената разлика е што Романија е земја со 20 милиони жители и со тоа е многу поголем пазар и поголема операција, три фабрики и повеќе од 1.500 вработени. Тој открива дека поради големината и важноста, во „Кока-Кола ХБЦ“ – Романија се тестираат голем број иновации на производи, категории и начини на водење бизнис, што за него е исклучително динамично и интересно. На листата со приоритети е дигитализацијата на деловниот процес, така што во последната година работиме на проекти за анализа на големи бази податоци, при што со помош на машинско учење можеме да ги предвидиме движењата на пазарот и потребите на купувачите побрзо од претходно.

Според него, не постои прецизна формула за успех, иако за најголем успех во сопствената кариера го смета бројот на пријатели што ги стекнал во текот на сите овие години.

Со текот на годините, како што се зголемуваше бројот на луѓе за кои бев одговорен, тоа беше одличен извор на мотивација за мене да учам и да се усовршувам.

Напредувањето во хиерархијата носи голема моќ, која пак значи и голема одговорност и искушенија што го менуваат човекот. Се трудам да не се сфаќам себеси премногу сериозно и не дозволувам позицијата да влијае врз системот на вредности што го имам. Во текот на кариерата сигурно направив многу грешки, но секогаш и нешто учев. Кога правев грешки, веројатно во тие моменти би направил сè за да ги поправам, но по некое време човек сфаќа дека токму тие грешки се поврзани со понатамошниот успех, вели Јован, нагласувајќи дека од денешна перспектива, не би променил ниту една донесена одлука.

Сепак, признава дека од оваа перспектива, единствено помалку би се нервирал за пропустите и би имал помалку непроспиени ноќи за генерално гледано, ситници. Тој ни раскажа една анегдота поврзана со неговото прво појавување пред македонската јавност: Кога ја имав првата прес-конференција како директор на „Пивара Скопје“, кога видов еден куп новинари и камери, по три реченици заборавив што сакам да кажам и морав да претурам по џебови за да го најдам ливчето што ми беше потсетник. Мислам дека цела недела потоа не можев да се соземам од непријатноста (се смее). Сега, по десетина конференции и интервјуа, сфаќам колку тој стрес бил непотребен, а искуството драгоцено.

По повеќе од 22 години работа во „Кока-Кола ХБЦ“, Јован вели дека сите негови очекувања од кариерата одамна се надминати. Работејќи во три земји, запознав различни култури, кои ги сметам за непроценливи, како за мене така и за моето семејство, заклучува тој.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...