Регионално

Јернеј Мурн: Секогаш напред без сомнеж и страв

06 Apr 2022

Јернеј Мурн, директор за продажба и маркетинг во „Млинотест“, Словенија

Донесов многу погрешни одлуки, но за нив размислувам како за добри лекции за животот. Мора да правите грешки денес за да ги избегнете во иднина.

РазговарашеДанче Драгиноваdanche@instore.mk

Една од клучните одлуки на нашиот соговорник Јернеј Мурн била да излезе од зоната на комфорот, да ја напушти родната Словенија и да замине да работи во странство, во „мистичната“ Македонија. Водејќи се од таа одлука, тој гради една импресивна професионална кариера и повторно се враќа во родното место, вооружен со нови искуства и знаења.

Биографски податоци

Датум и место на раѓање: 30 август 1974 година, Постојна, Словенија.

Образование: МБА (магистер по бизнис-администрација); ИЕДЦ – Висока школа за менаџмент во Блед, дипломиран економист.

Кариера:

  • Директор за продажба и маркетинг во „Млинотест“, Словенија (од 2021 – сега);
  • Директор за меѓународна големопродажба во „Студио Модерна“, Словенија (од 2011 до 2020 година);
  • Генерален менаџер на „Туш“ – Македонија (од 2006 до 2010 година);
  • Продукт-менаџер во „Фруктал“, Словенија (од 2005 до 2006 година);
  • Генерален менаџер на „Фруктал Мак“, Македонија (од 2003 до 2005 година);
  • Менаџер за промоција и продажба во „Фруктал“, Словенија (од 2000 до 2003 година).

Моментална функција: Директор за продажба и маркетинг во „Млинотест“, Словенија.

Хоби: Музика (свири во рок-бенд), фитнес, планинско трчање, планинарење.

Брачна состојба: Оженет (17 години), две деца.

Надвор од комфорната зона

Како мал, Јернеј кога ќе порасне сакал да стане познат спортист: фудбалер, ракометар или кошаркар. Патот го носи во друга насока – неговата почетна позиција кога првпат се вработил е асистент за промоција и продажба во „Фруктал“. На прашањето дали некогаш помислувал дека кариерата ќе го одведе надвор од родната земја, тој одговори: Секогаш имав на ум дека дел од професионалната кариера би сакал да ја развивам во странство.

Во 2003 година го добива првото работно место надвор од Словенија, како генерален менаџер на „Фруктал мак“. Во тоа време компанијата барала некој што ќе биде подготвен да ја напушти удобната работа во „Фруктал“ во малото словенечко гратче Ајдовшчина и да биде спремен да преземе компанија во Македонија: Немаше многу кандидати, особено поради тоа што не беше сосема јасно кои ќе бидат негативните страни, покрај очигледните придобивки (плата и унапредување). Но, веднаш забележав еден вид романтизам во идејата да ја напуштам Словенија и да заминам во Македонија, која во тоа време беше малку мистична за мене...

Кога ја добил оваа работа, Јернеј имал 29 години и првиот ден кога влегол во компанијата, сфатил дека е најмладиот меѓу 110 вработени. Сепак, ниту тогаш не почувствувал никаков сомнеж или страв. Можеби единствената грижа ми беше македонскиот јазик бидејќи сите ми зборуваа на српски. Брзо сфатив дека учењето на локалниот јазик е задолжително. Моите вработени продолжија да зборуваат со мене на српски сè додека не ги викнав и по малку им се заканив (се смее). И, тоа успеа! За два месеца можев на сите состаноци да зборувам на македонски јазик.

Во 2005 година се враќа во Словенија, за една година подоцна повторно да се врати во Македонија. Овој пат во „Туш“... Во земјава останува до 2010/2011 година.

Главната причина за моето враќање назад во Словенија беше раѓањето на ќерката. Со сопругата одлучивме дека ќе ни биде полесно децата да ги одгледуваме дома. Сепак, по една и пол година „бев уловен“ од „Туш“, раскажува Јернеј. Тоа било период кога малопродажната групација силно се развивала и имала големи планови за меѓународна експанзија. Сепак, за да ја прифати оваа работа, вистинскиот предизвик и магнет за него била идејата да води гринфилд-инвестиција: Малопродажен бизнис изграден од нула е навистина нешто големо: барате градежни парцели, разговарате со официјални лица, среќавате стотици луѓе, треба да вработувате за речиси сите позиции... А веднаш потоа почнува вистинскиот малопродажен бизнис. Навистина имам многу убави спомени од тој период во животот.

Јернеј брзо се приспособил на македонскиот начин на живот затоа што, како што вели, многу е лесно да се приспособите на македонската кујна и винo, а луѓето наоколу се екстремно отворени. Би рекол дека ние во Словенија не сме навикнати на тоа… Можеби ми недостигаа повеќе моменти со семејството и со пријателите, вели тој и додава: Најтешко во вашата земја беше да не бидеш Словенец, но од другата страна, ниту Македонец. Со други зборови – нема шанси да направиш пробив ако останеш тврдоглав Словенец, но не треба ниту премногу да потпаднеш под локалното влијание.

Мојот најголем сон во последните години – по 6 години поминати во Македонија и 10 години во „Студио Модерна“, беше да ги вратам сите мои искуства и знаења во мојот роден град.

Иако годините поминати во Македонија се период од пред 12 години, Јернеј добро се сеќава на луѓето што ги сретнал овде. Запознал навистина паметни и способни луѓе, можеби најдобрите во неговата кариера. Сепак, тој признава дека и подоцна запознавал голем број способни професионалци додека работел во „Студио Модерна“, каде што бил задолжен за 21 пазар во Централна и во Источна Европа. Тоа што може да го види од денешна перспектива за македонскиот пазар е дека една од најголемите негови слабости е тоа што е прилично мал.

Назад кон корените

Во моментов Јернеј раководи со одделот за продажба и маркетинг во „Млинотест“ – мелница, пекарница и најголемиот производител на тестенини во регионот. Сепак, најважно од сè за него е тоа што компанијата е во неговата родна Ајдовшчина: Две познати компании, и двете лидери на пазарот, се во мојот роден град. Едната е „Фруктал“, каде што работев во првите 6 години од мојата кариера, а другата е „Млинотест“, каде што сега работам. Мојот најголем сон во последните години – по 6 години поминати во Македонија и 10 години во „Студио Модерна“, беше да ги вратам сите мои искуства и знаења во мојот роден град.

Според него, за една личност успешно да работи на позицијата директор за продажба и маркетинг, таа треба да биде со отворен ум, асертивна и длабоко да го разбира модерниот потрошувач.

Јас сум многу екстровертна личност со добро развиено чувство за моите соговорници, а долгогодишното искуство ме научи како да ја проценам секоја бизнис-ситуација. Посакував да сум уште малку потрпелив, поинтровертен..., вели тој и додава дека мора да нагласи оти одлуката за МБА-студиите што ја донел во 2014 година била една од неговите најдобри одлуки. Ја имав привилегијата да учам со многу слични луѓе (со слично искуство и бекграунд), но од различни култури. Научив многу... а една од најголемите лекции беше никогаш да не престанеш да учиш оти секогаш има попаметни луѓе во светот...

Јернеј е задоволен од неговата досегашна кариера, не жали за ништо, а како најголем успех го смета одржувањето добра рамнотежа меѓу работата и животот. Неговата порака до колегите на кои ќе им се укаже можност да работат надвор од родната земја е воопшто да не се колебаат: Една од моите клучни одлуки беше да излезам од зоната на комфорот и да одам да работам во странство. Целосно верувам во идејата дека треба да го видите светот за да ја разберете вашата околина, родниот град, вашата земја...

Разговорот го завршуваме со темата за погрешните одлуки и грешките. Јернеј вели дека во текот на кариерата кога ќе помислел оти донел погрешна одлука, истовремено и ја предизвикувал донесената одлука со чудниот цитат: Секогаш погрешно, но никогаш со недоумица! Донесов многу погрешни одлуки, но за нив размислувам како за добри лекции за животот. Мора да правите грешки денес за да ги избегнете во иднина, заклучува тој.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...