За 29 години „Нелт“ прерасна во голема интернационална компанија со речиси милијарда евра приходи и со операции во 11 земји.
Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs
Основен двигател на нашиот соговорник, и на приватен и на деловен план, е семејството. Мојата сопруга и ќерките секогаш ми даваат целосна поддршка во сè што правам, дури и кога морав неделно да патувам на релација Белград – Цуг во период од две години, кога работев во кабинетот на извршниот директор во компанијата „Кока кола“. Тие ми даваат енергија и смисла на сè што правам, ни вели Дарко Лукиќ, извршен потпретседател на „Нелт група“, во почетокот на разговорот.
Кариерата ја почнал во „Проктер&Гембл“, каде што поминал 12 години на разни позиции во финансии, во три земји – Бугарија, Романија и Швајцарија. Освен Балканот, ги покривал и европските пазари, како и пазарите на Африка, Блискиот Исток и Индија. Делумно живеел во Белград, а делумно бил во „Кока кола“, на позицијата менаџер за комерцијална извонредност за Србија и Црна Гора. Потоа поминал две години како шеф на кабинетот на извршниот директор во Швајцарија, а минатата година ја презеде функцијата извршен потпретседател на „Нелт група“.
Ова лето пилотираме нов напреден алгоритам кој дополнително ги оптимизира нашите продажни и доставни маршрути.
Како дојде до тоа, по работата во големи меѓународни компании кои главно се занимаваат со производство, да продолжите во компанија од секторот дистрибуција и логистика?
Јас тука гледам многу повеќе сличности отколку разлики. За минатите 29 години, „Нелт“ прерасна во голема интернационална компанија со речиси милијарда евра приходи и со операции во 11 земји. Покрај логистика и дистрибуција, една од нашите стратешки цели е развој на нашите брендови, каде што во „Неопланта“ и „Бејби фуд фактори“ имаме две водечки компании во своите индустрии.
Исто така, „Нелт“ е една од ретките дистрибутивни компании во регионот и пошироко што може да даде целосни услуги. Тоа подразбира 360⁰ поддршка и градење на брендот, почнувајќи од анализа на пазарот и потрошувачите, преку развој и имплементација на маркетинг-стратегија, до квалитетна логистика и дистрибуција. Големите меѓународни компании го гледаат „Нелт“ не само како квалитетен дистрибутивен и логистички партнер, туку и како фирма која ги разви 360⁰ бренд-менаџмент способностите и вештините.
Во која мера кризата ги одреди Вашите први неколку месеци во компанијата?
Двете години што беа најзначајни за мојот професионален развој и учење беа 2008 (година на глобалната финансиска криза) и 2020 (пандемијата на ковид-19). Секоја криза и секој предизвик се голема шанса за учење. Во таа смисла, и покрај тоа што 2020 беше голем предизвик за бизнисот, беше и идеален момент да работам на себе и да научам нови работи, во две различни компании и две различни индустрии. Исто така, пандемијата го забрза темпото на работење и на носење одлуки. Тоа ми даде шанса побрзо да ги запознам бизнисот и луѓето во „Нелт“, и значително ми помогна во интеграцијата на новата позиција.
Во компанијата сте веќе седум месеци. Какви Ви се впечатоците, генерално, досега и кои Ви беа најголеми предизвици?
Од самиот почеток на кариерата ги познавам „Нелт“ и луѓето што изградија една од најголемите и најдобри фирми во Југоисточна Европа. И пред доаѓањето сфатив дека вредноста, визијата и амбицијата на „Нелт“ одговараат на мојот профил. Впечатоците се позитивни и во согласност со моите очекувања. Тоа што исто така ме радува е што „Нелт“, со оглед на ширината на активностите и исклучителноста во своето работење, нуди доста простор за професионален раст и развој, дири и за оние со богато професионално искуство.
Функцијата извршен потпретседател на „Нелт“ беше воведена со Вашето доаѓање. Што сакаше компанијата да постигне со тоа?
Позицијата беше воведена за да оствариме побрз и поквалитетен напредок во два важни столба на нашата стратегија и долгорочна одржливост на нашето работење – имплементација на стратешки иницијативи внатре во „Нелт група“ (со фокус на дигитална трансформација) и побрз развој на брендовите.
Цел свет е соочен со многубројни предизвици, па и дистрибутерите мораа брзо да го променат начинот на работење во синџирот на снабдување. Како Вашата компанија се носи со тој предизвик?
На почетокот на пандемијата активиравме опсежен План за деловен континуитет, фокусиран на засилување на синџирот на снабдување. Покрај тоа што успешно продолживме секојдневно да ги снабдуваме деловните објекти на сите пазари на кои работиме, успеавме да договориме и нови стратешки партнерства за дистрибуција на брендовите Kraš и Nestle. Креиравме нова, корпоративна продажна дивизија која ни овозможи да ја направиме најголемата дистрибутивна мрежа на пазарот во Србија. Со оглед на зголемената побарувачка за специфичен вид логистички услуги, инвестиравме повеќе од милион евра во проширување на капацитетот на нашиот интермодален логистички терминал во Добановце.
Е-трговијата и омни-каналите и пред пандемијата растеа двојно повеќе од традиционалните продавници. Гледајќи од перспектива на логистичките процеси, што сè придонесе овој раст на е-трговијата?
Забрзаниот раст на е-трговијата беше неминовен да се случи, кој е релативно неразвиен кога е во прашање онлајн-купувањето. Тој раст доведе до зголемена побарувачка за логистички услуги и уште еднаш покажа дека клуч на успехот во е-трговијата е отпорен, агилен и ефикасен синџир на снабдување кој може да ги испорача бараните производи навреме, на задоволство на купувачот и со конкурентни трошоци.
Давањето квалитетна услуга во овој сегмент бара комбинација на адекватна инфраструктура и напредна аналитика. Имам впечаток дека на нашиот пазар уште немаме играчи кои се подготвени да го дадат и едното и другото. Ние во „Нелт“ ја разгледуваме атрактивноста на овој сегмент на работењето и сигурен сум, доколку и натаму ги развиваме овој вид услуги, дека ќе дадеме одговор за дефинираните барања. Би додал дека растот на е-трговијата е присутен и во Б2Б-сегментот, и дека тука беше уште поголем чекорот напред во текот на пандемијата. Тоа на купувачите им даде дополнителна флексибилност и погодност во работата со „Нелт“ и го продолжи редовното снабдување дури и кога епидемиолошката ситуација ги спречуваше нашите продавачи лично да ги посетат.
Инвестиравме повеќе од милион евра во проширување на капацитетот на нашиот интермодален логистички терминал во Добановце.
„Нелт“ отсекогаш беше пионер кога станува збор за воведувањето најнови технологии во работењето. На што работите сега и какви се плановите на ова поле?
Со оглед на огромната количина податоци што ги имаме, низ 55.000 места за испорака и со повеќе од 300 бренда чии производи ги дистрибуираме, развојот на напредната аналитика е еден од нашите приоритети. Ова лето пилотираме нов напреден алгоритам кој дополнително ги оптимизира нашите продажни и доставни маршрути, со цел уште повеќе да ги унапредиме нашите услуги.
Паралелно, во завршна фаза сме да оствариме долгорочно партнерство со конзорциум од реномирани светски компании во технологијата и напредната аналитика, за да креираме заокружена платформа за менаџмент, известување и напредна аналитика на податоци. Ова, со унапредената верзија на нашата Нелт маркет Б2Б и СФА-апликации, ќе креира дигитален екосистем во нашите операции и ќе ја засили размената на податоци, планирање и партнерство со нашите принципали, купувачи, клиенти и добавувачи.
Какви се плановите за развој на брендовите на „Нелт“?
Брендовите на „Нелт“, како извор на забрзан раст и одржливост на нашето работење, се важен столб на нашата развојна стратегија. Во „Неопланта“ и „Бејби фуд фактори“ (со брендот Nutrino) имаме брендови кои се лидери во своите категории. Тоа, од една страна, е доказ за силата на нашата дистрибуција, но и знак дека сме на добар пат во градење на вештините за бренд-менаџмент кои се потребни за овој важен сегмент од нашето работење. И покрај нивната лидерска позиција, „Неопланта“ и „Бејби фуд фактори“ имаат доста простор за раст на домашниот пазар. Потрошувачите го препознаваат квалитетот на нашите производи и позитивно реагираат на нивното маркетиншко позиционирање. Сега сме присутни на 13 пазари и имаме амбициозни планови за натамошен раст на нови странски пазари. Добар пример за овој начин на размислување е аквизиција на брендот Bebi Premium од „Атлантик група“, кој веќе е присутен на пазарите во Русија, Украина и во Централна Азија. Што се однесува на натамошни аквизиции, активно го следиме пазарот и ги набљудуваме брендовите за кои, со помош на силната дистрибуција на „Нелт“ и на нашите вештини за бренд-менаџмент, можеме да оствариме забрзан раст и дополнителна вредност за вработените, купувачите, потрошувачите, како и долгорочна перспектива на „Нелт“.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.