Минатата година најголемиот трговски синџир во Босна и Херцеговина успешно го одржа своето работење и беше поддршка на комплетниот FMCG-синџир. Интензивно ја живееше својата визија, само приспособена на времето во кое се најде. Во март 2020 година ја спроведоа одлуката за зголемување плати, со фокус на вработените во малопродажба и производство. Наспроти кризата и пандемијата, отворија пет нови продавници, од кои посебно се истакнува „Бинго сити центар“ во Сараево, во чии рамки е и нивната најголема и најмодерна продавница. За работењето и за успесите во време на пандемија разговараме со Един Ибрахимовиќ, извршен директор за бизнис-операции во „Бинго“.
Разговараше: Едина Мизиќ, edina.mizic@instore.ba
Вонредните околности што нè затекнаа во март лани побараа посебна организација во работењето. На кој начин успеавте да се приспособите на ситуацијата?
Почетокот на пандемијата донесе нешто со што дотогаш не сме се сретнале, како во деловното опкружување така и во животот. Од оваа перспектива, со сигурност можам да кажам дека за организацијата во работата на почетокот на пандемијата уште долго ќе се зборува и пишува, па верувам дека идните генерации во рамките на студиите на економските факултети ќе ги изучуваат моделите на работење што ги воведовме од март 2020 година.
Особено сме горди што во март 2020 година ја имплементиравме одлуката за зголемување на платите, во просек по 22 отсто, на ниво на цела компанија, со фокус на вработените во малопродажбата и производството.
Сведочевме на момент во кој трговијата стана многу повеќе од индустрија. До израз дојде нашата одговорност да обезбедиме доволно количества артикли и континуитет во снабдувањето во нашите продавници за секој купувач, и на тој начин да им овозможиме чувство на сигурност. Истовремено, силен фокус ставивме на заштитата на здравјето на нашите вработени и купувачи преку спроведување на епидемиолошките мерки. Успеваме да бидеме брзи и добро координирани поради посветеноста на сите наши вработени и низ врвна соработка со сите наши партнери и доставувачи. Сведочевме на голема солидарност во сите сегменти и уште еднаш покажавме дека заедно можеме да ги надминеме сите предизвици. Во тоа особено ни помогнаа домашните производители, со кои со заеднички напори обезбедивме континуитет во синџирот на снабдување.
Каква беше Вашата визија, што сакавте да постигнете со компанијата минатата година? Што Ви беа плановите, а со што се занимавате во реалноста на секојдневната работа?
Би рекол дека во минатата година интензивно ја живеевме нашата визија, само приспособена на времето во кое се најдовме. Во нашиот фокус, повеќе од кога било, се луѓето и горди сме што во март 2020 година ја имплементиравме одлуката за зголемување на платите, во просек за 22 отсто, на ниво на цела компанија, со фокус на вработените во малопродажбата и производството.
Ширењето на малопродажната мрежа, подигнувањето на нивото на услугата и на амбиентот во нашите продавници, задоволни вработени, потрошувачи и партнери, развој на производствените капацитети во групацијата и поддршката на домашното производство беа и останаа наш фокус. Во согласност со тие постулати работевме минатата година. Покрај кризата и пандемијата, отворивме пет нови продавници, од кои посебно би го истакнал отворањето на „Бинго сити центар“ во Сараево, во кој се наоѓа нашата најголема и најмодерна продавница.
Исто така, во тоа време им дадовме поддршка на сите наши доставувачи, со обезбедување дополнителна ликвидност која им беше нужна за набавка на потребната стока, и на тој начин им го олеснивме товарот од задолжувања кај банките и осигуривме континуитет во снабдувањето.
Во моментов имаме 218 малопродажни објекти и 65 ресторани во рамките на нашите центри, па само во тие два сектори вработуваме 7.700 луѓе. Заедно со нашите 19 компании, од кои 10 се производствени, имаме вкупно 9.000 вработени.
Фреквенцијата на купување се намали, а потрошувачката кошница се зголеми. Кризата секако придонесе и за повисока ценовна чувствителност.
Задоволни ли сте од резултатите остварени во 2020 година? Од оваа гледна точка, дали имаше нешто што можеше и поинаку да се направи?
Ја одржавме стабилноста на компанијата, бевме тука кога на заедницата ѝ беше најпотребно, успеавме и платите да ги зголемиме. Овие потези ја покажаа силата на нашата компанија и за нас се поважни од сите деловни резултати, со кои, и покрај предизвиците, можеме да бидеме задоволни.
Секако, лесно е да се биде генерал после битка, и лудост е од оваа перспектива да кажеме дека ништо не би менувале. Но, горд сум што успеавме да го направиме најважното, да ги сочуваме работните места и да осигуриме безбедно купување за сите наши купувачи. Овој потег добива на тежина кога ќе ги ставиме работите во контекст на ситуацијата во која бевме, бидејќи во еден момент имавме близу 3.000 вработени кои поради ограничувањата не можеа да работат и да си ги извршуваат задачите.
Кои навики на потрошувачите, развиени во време на кризата, ќе постојат и по неа?
Сигурно дека кризата и пандемијата ги променија потрошувачките навики, на кои се приспособуваме од ден на ден одговарајќи на „новото нормално“. Фреквенцијата на купување се намали, а потрошувачката кошница се зголеми. Кризата секако придонесе и за повисока ценовна чувствителност и зголемен удел на промоциите и акциите во вкупната продажба.
Какви се натамошните планови за развој на малопродажната мрежа?
„Бинго“ ќе продолжи да ја шири малопродажната мрежа низ органски пораст и отворање нови продавници. Во првиот квартал отворивме две нови од помал формат во Мостар и реновиравме три во Сараево.
Кон крајот на септември минатата година беше отворен „Бинго сити центар“ - Сараево, во кој е и најголемиот хипермаркет во БиХ. Поминавте на едно ново ниво на работење. Кажете ни нешто повеќе за тој формат.
На овој проект сме особено горди, со оглед дека тој целосно е изведен во соработка со локални компании, по највисоки светски стандарди, почнувајќи од идејното решение, градбата и задоволството што им го дава на купувачите. Хипермаркетот е единствен во БиХ, и тоа не само од аспект на големина, туку и поради „store in store” концепт на купување. Широкиот асортиман на едно место, во современиот амбиент на хипермаркет, е најдобар пример на нашиот концепт на работење кој штеди време и пари.
На што ќе го фокусирате Вашето работење во иднина?
Низ сè поминавме заедно и ќе растеме заедно, како во сегментот трговија, така и во натамошниот развој на нашите производни компании. Остануваме доследни во давањето поддршка на домашните производители. Во нашиот фокус секогаш ќе биде задоволството на нашите купувачи, вработени и деловни партнери.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.