Регионално

Р. Мандиќ, „Ананас“ : Многу брзо ќе се појавиме и на пазарот во Македонија

05 мај 2021

Компанијата „Делта холдинг“ подготвува регионална онлајн-платформа под називот „Ананас“. Платформата, која ќе стартува ова лето, уште отсега ја нарекуваат „српскиот Амазон“. InStore ексклузивно открива детали за „Ананас“ преку разговорот со неговиот извршен директор Рајко Мандиќ.

Разговараше: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Неодамна најавивте дека „Делта“ покренува регионална платформа за е-трговија. Како течат подготовките и кога планирате да ја лансирате „Ананас“?

Подготовките ги почнавме пред околу една година. Во развојот се вклучени консултанти од „Бостон консалтинг груп“, потоа искусни менаџери од големи светски онлајн-трговци, како што е поранешниот директор за логистика во „Меркадо либре“, најголемата онлајн-продавница во Јужна Америка. Платформата ја развива компанијата ХТЕЦ. Целта на овие активности е на купувачите на „Ананас“ да им понудиме искуство какво што нудат најголемите светски онлајн-продавници. Планот е „Ананас“ да почне да работи веќе од ова лето.

По што оваа платформа ќе биде слична, а по што ќе разликува од „Амазон“, на пример? Кои производи ќе ги нуди и кој ќе биде принципот на нарачка-плаќање-испорака?

Корисниците ќе можат на платформата „Ананас“ да најдат сè што им е потребно – од електроника, преку гардероба и обувки, па сè до алат и мали домашни апарати. Во понудата ќе бидат исклучиво нови производи, а продавачи се фирми, производители и трговци, за разлика од некои онлајн-платформи каде што производи нудат самите граѓани. Корисниците ќе имаат можност да нарачаат производи директно од центарот „Ананас“и на тој начин ќе обезбедиме светски стандард при доставата. Уверени сме дека оваа комбинација на доверлив продавач, квалитетни производи и најквалитетната испорака што ќе ја обезбеди „Ананас“ ќе даде удобно, брзо и доверливо онлајн-купување, какво на српскиот пазар уште не заживеало.

Како ќе ја „решите“ доставата?

Една од иновациите што „Ананас“ ги воведува на српскиот пазар е целосен сервис за продавачите. За тие што ќе се одлучат да го користат овој сервис, ние ќе ги преземеме складирањето, пакувањето и доставата до крајниот купувач. Продавачите сами ќе одбираат колкав дел од асортиманот сакаат да чуваат во нашиот магацин. Нашиот комерцијален тим ќе им помогне да направат најдобар избор. Оваа програма ќе овозможи на купувачите во одредени градови да им понудиме достава следниот ден од моментот на нарачка, но и да имаме контрола над целиот процес на достава. Тоа за корисниците ќе значи подобрено искуство, за продавачите ќе значи зголемен број на продажби, а за нас можност да привлечеме уште повеќе продавачи и да понудиме уште поширок асортиман на производи на платформата, што овозможува натамошен пораст, поголема ефикасност и пониски трошоци. Очекуваме овој виртуелен круг експоненцијално да расте. Покрај тоа, сакаме со помош на разни технологии да ја зголемиме контролата над вкупното логистичко искуство. Имаме во план и други новини околу испораката на производите, но за деталите уште не можеме да зборуваме. Тоа што можеме да го кажеме е дека внимателно размислуваме за тоа како да направиме најдобра комбинација на елементите брзина, флексибилност, удобност и цена, што на корисниците ќе им гарантира врвно искуство.

Каков е планот, која земја од поранешна ЈУ прва ќе има пристап до „Ананас“?

„Ананас“ прво ќе биде достапен за корисниците во Србија. Потоа многу брзо ќе се појавиме и на пазарите во БиХ, Црна Гора и Македонија. За крај ќе ги оставиме пазарите во Хрватска и во Словенија.

Конкуренцијата во е-трговијата е голема, особено се зголеми во пандемијата. Влегувате со сериозна инвестиција, но дали тоа е доволно да ги победите конкурентите? Како ќе се борите против нив?

Адутите на „Ананас“ ќе бидат брза и прецизна достава, развиена корисничка поддршка, квалитет и голем избор на производи, и секако вкупното корисничко искуство, на ниво на водечките светски трговци. Ја почитуваме конкуренцијата, но истовремено сме сигурни дека квалитетот што го подготвуваме ќе ни обезбеди место на пазарот. Големата инвестиција во комбинација со знаење, искуство, енергија и врвни партнери ни дава сериозна причина да веруваме дека брзо ќе се наметнеме како апсолутен лидер во овој сегмент.

Кој е потенцијалот за пораст на онлајн-трговијата на Балканот? Кои пазари ги сметате за најсериозни?

Потенцијалот за пораст на онлајн-трговијата на Балканот е огромен, а пандемијата дополнително го забрза порастот во индустријата, ставајќи го на прв план фактот дека тоа веќе не е иднина, туку е сегашност. Што се однесува до ширењето, во фокус ни се земјите од поранешна Југославија и Албанија, која како пазар многу се разликува од споменатите држави. За овој регион е специфично и дека и натаму постои одредена доза скептицизам и недоверба во онлајн-купувањето и плаќањето со картички. Но, тоа се менува и бројките полека одат во корист на онлајн-трговијата. Земјите од поранешна Југославија уште не се во чекор со земјите од Западна Европа или САД, но токму во тоа гледаме голема можност и простор за нас.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...