За кратко време очекувајте нè и онлајн, открива Душан Марковиќ, корпоративен маркетинг-директор на „Гемак“ – Скопје во разговорот за InStore. Според него, „кругот не е тркалезен“ и сега е вистинскиот момент за висока општествена колективна свест и емпатија – не само индивидуална, туку и корпорациска.
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Наврши еден месец од кога се затворени рестораните, кафе-баровите и другите угостителски објекти на територијата низ цела Македонија. Како тоа се одрази врз вашата работа, што значи тоа за вас како компанија и за вашите вработени?
Тоа што е специфично за нас, како групација „Гемак“, е што како посебни правни субјекти сме присутни во различни индустрии и најпогодени сме во делот на туризмот и угостителството во кои оперира „Паркленд хоспиталити груп“. Секако, ништо подобра не е ни ситуацијата, ниту пак може да се игнорира, неработењето на главниот продажен канал на „Гемак“ во хорека-сегментот. Сепак, ако ги погледнеме двете компании во кои вкупно работат повеќе од 300 колеги, а повеќе од половината моментално се дома без некаков реален професионален ангажман, јасно е дека овие месеци во кои ги почитуваме неопходните мерки и препораки од Владата за доброто на сите, ќе бидат тешки за нашата групација од секој аспект, не само финансиски. Нашите вработени се нашиот највреден капитал и нивната безбедност, заштита и благосостојба ни се на прво место. Уверени сме дека сите заедно ќе ја пребродиме оваа криза и ќе станеме уште посилни и подобри. Истиот однос го негуваме и со нашите соработници и партнери. Цврсто веруваме дека оваа ситуација што нè погоди сите, може да се надмине само со големо чувство за емпатија кон секого од нас.
За разлика од хорека-секторот, продажбата на алкохолни пијалаци во маркетите се зголемува. Колку, според вашите пресметки, се зголеми консумацијата во вонредни домашни услови во текот на изминатиот месец?
Како и сите ние, така и консументите на алкохолни пијалаци се адаптираа на новонастаната ситуација и ги променија навиките на уживање во своите омилени пијалаци дома. Тоа, секако, придонесува за зголемена побарувачка на пијалаци што се купуваат во маркетите и продавниците, а забележителен пораст се забележува и во сè поприсутните онлајн-маркети и продавници што вршат достава на овој тип производи до дома. Дополнително, морам да истакнам дека и кај консументите во домашни услови се појавува еден интересен феномен, а тоа е интерес за експериментирање со нови алкохолни пијалаци, особено би рекол со поскапите, правење различни коктели и миксери, заинтересираност за невообичаени коктел-рецепти, кои иако претходно во светски рамки беа редовна слика, сега, во оваа ситуација се појавија и кај нас.
Како ја организиравте работата и како го поминавте првиот викенд во целосен полициски час во земјава и што очекувате од следниот, велигденскиот, кој ќе трае 85 часа?
Новата ситуација во која се наоѓаме сите, од нас како компанија бараше брза трансфорамција и адаптација за да можеме оптимално да ги насочиме ресурсите во продажните канали што функционираат, пред сè, големите синџири маркети, малопродажбата и специјализираните продавници, но и онлајн-продавнците. Фокусот на нашите продажни и маркетинг-активности сега е целосно насочен кон овие сегменти на работење, така што ги презедовме сите чекори за дел од нашите производи да се најдат на полиците со акциски цени, кои сметаме дека ќе бидат добредојдени во оваа тешка економска ситуација. Доставата на одредени производи од странство е отежната, дури на некои и стопирана, но сепак имаме доволно залиха за ниеден од производите во нашето портфолио да не недостига во моментов. Дополнително, покрај целата неопходна реорганизација на дистрибуцијата во овие канали на продажба, за да се одвива нормално во дадените услови, го прифативме и предизвикот да отвориме нов канал на продажба, па за кратко време очекувајте нè и онлајн.
Што сакате да истакнете или апелирате?
Како никогаш досега, потребна е висока општествена колективна свест и емпатија – не само индивидуална, туку и корпорациска. Економската ситуација налага голема битка за сите компании, не може некои од нив многу да добијат во дадената ситуација, а многу други да изгубат. Зарем постојат такви, кои во оваа ситуација би се гордееле доколку профитираат? Мислам дека во оваа ситуација, економските субјекти што не се погодени треба да се надминат себеси за доброто на сите и да им помогнат на другите, затоа што „кругот не е тркалезен“ (Пред дождот).
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.