Локално

Глигор Цветанов: Маркетите да им дадат предност на домашните производители

08 Apr 2020

Виничката компанија „Макпрогрес“ има доволно залихи и на суровини и на готови производи. Функционира со оптимален капацитет и не очекува проблеми во претстојниот период, открива извршниот директор Глигор Цветанов во разговор за InStore.

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Од денес почнува порестриктивен полициски час на територијата низ цела Македонија. Ограничувањето на движењето за граѓаните важи од 16 часот до 5 часот во работни денови, како и цел викенд – од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник. Што значи тоа за вас како компанија и за вашите вработени?

Макпрогрес“ како производител од прехранбената индустрија има посебна одговорност да ги задоволи потребите на потрошувачите, а воедно и да ги заштити сите свои вработени. За сите вработени што работат во смени, издадовме дозволи за движење, кои се евидентираат и во полициската станица во Виница. Досега движењето не се злоупотребува и се одвива според планираниот ред.

Како ќе ја организирате работата како компанија додека траат новите порестриктивни мерки?

Работата ја реорганизиравме во смени со помали групи. Работиме отприлика со половични капацитети, бидејќи имаме вработени што се дома, некои користат одмори, а за сите што доаѓаат на работа се преземени сите мерки за заштита на многу високо ниво. Од почетокот на епидемијата досега, нивото на заштита го зголемувавме четири пати.

Дали вашите производствени капацитети и човечки ресурси ќе одговорат на побарувачката во следните два дена, пред викендот, со оглед на тоа што се очекуваат големи гужви во маркетите?

Да, имаме доволно залихи и на суровини и на готови производи. Функционираме со оптимален капацитет и во служба на купувачите и потрошувачите. Не очекуваме да имаме проблеми со некоја поголема недостапност или проблеми со достава.

Што би истакнеле или апелирале?

Би сакал да додадам дека во овие тешки моменти за сите нас, клиентите и потрошувачите можат да сметаат на домашната индустрија, како за достава, така и за вклучување во борбата против вирусот преку донации за здравствениот систем. Ние сме активно вклучени локално и регионално со донации на заштитни маски, ракавици и средства за дезинфекција, а исто така, на државно ниво со уплата на финансиска помош од 500.000 денари на донаторската сметка на Министерството за здравство.

Добро е малопродажните објекти да ѝ дадат поддршка на домашната индустрија. Да им обезбедат повеќе простор и можности на домашните производствени компании да ги пласираат своите производи, барем во периодот на кризава, кога извозните можности во голема мера се ограничени.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...