Локално

Виктор Петков: Мерките се преагресивни

08 Apr 2020

За тоа што значи новиот полициски час за гевгелискиот производител „Випро“ и како компанијата (ќе) ја организира работата, поразговаравме со генералниот менаџер и сопственик Виктор Петков.

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Од денес почнува порестриктивен полициски час на територијата низ цела Македонија. Ограничувањето на движењето за граѓаните важи од 16 часот до 5 часот во работни денови, како и цел викенд – од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник. Што значи тоа за вас како компанија и за вашите вработени?

Проблематиката е многу стручна за да образложуваме нешто повеќе, но сметаме дека мерките се преагресивни и истото тоа може да се постигне со значително поголем ред и дисциплина, во комбинација со масовно тестирање по определена методологија. Ние, како компанија, релативно лесно ќе се ускладиме согласно предвиденото, бидејќи не сме во сезона кога се остварува 90% од нашето производство, но доколку би биле во сезона, тоа за нас би било катастрофално.

Како ќе ја организирате работата како компанија додека траат новите порестриктивни мерки?

Како што наведов, со оглед на тоа што не сме во сезона, релативно лесно ќе се ускладиме. Ние и самостојно, во согласност со препораките од јавните гласила, во целост секојдневно ги исполнуваме предвидените мерки. Убедени сме дека личната дисциплина е клуч. Рестрикциите помагаат, но според мене, не се клучни. Сепак, клучни се за кревката македонска економија, која со запазување на предвиденото уште повеќе ќе заостане. Македонската економија (особено исклучиво домашната, без странските фирми и ТИРЗ-овите) со години има рамна или опаѓачка крива, така што, ова ќе ја однесе уште повеќе во провалија, од која враќањето назад ќе биде тешко. Ќе ни останат само ТИРЗ-овите, Лон-пласманите и услугите.

Дали вашите производствени капацитети и човечки ресурси ќе одговорат на побарувачката во следните два дена, пред викендот, со оглед на тоа што се случуваат големи гужви во маркетите?

Благодарение на постојните резерви, кои постојано се предимензионираат, сега-засега одговараме на побарувачката. Не очекуваме посебни проблеми во новото производство од аспект на суровини и репроматеријали, но очекуваме од човечки ресурси, во зависност од тоа кои мерки ќе важат во тој момент, кои сега не можеме да ги знаеме.

Што би истакнеле или апелирале?

Сметам дека мерките мора да се донесуваат со апсолутна соработка со граѓаните и да се врши сериозна контрола. Истовремено, мора да бидат сериозно прагматични, во согласност со секојдневните барања и потребите на сите. Со декрети и „диригирана држава“, со занемарување на економските моменти, за жал, сметам дека и економски, но и во сите други сегменти на современиот општествен живот, ќе отидеме уште подолу.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...