Како дипломиран економист, Сашко Блажевски ја започнал својата кариера во FMCG-секторот пред повеќе од 25 години во „Скопски пазар“. Оттаму продолжува како супервизор на продажба во „Нелт СТ“. Од 2009 година ја извршува функцијата директор на продажба и член на Управниот одбор на „Прилепска пиварница“, а од 2021 година повторно е во „Нелт СТ“ на позицијата извршен директор.
Разговараше: Петар Чаушевски, petar@instore.mk
Од 2021 година сте на позицијата извршен директор на „Нелт СТ“. Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте во Вашето досегашно работење?
Екипираноста на менаџерскиот тим, од која произлегоа амбициозни краткорочни и долгорочни планови за нашата компанија, беше појдовната точка по која заедно со вработените работиме на можностите и предизвиците со кои се соочуваме.
Амбициозниот план за пораст и подобрување на квалитетот во операциите за периодот за кој говорам, кој во бројки значи зголемување на бројот на вработени за повеќе од 50 %, односно од 197 на сегашни 302 вработени, бараше адаптација на организациската структура и културата во компанијата, подобрување на процесите за управување со човечки ресурси, како и обезбедување соодветна обука и развој за новите членови на тимот. Дополнителен предизвик за сите нас беа и интеграциите на новите бизниси, на компаниите од групацијата „Фортенова“, со брендовите Jana, Jamnica и Dijamant, дополнето со познатиот Čačanski čips, „Чипс Веј“, кои бараа ефективно спојување на оперативните процеси и стратегии.
Дополнително како надворешни фактори би ги издвоил: значително зголемената инфлација, прикажана преку зголемени цени за потрошувачите и оперативни трошоци за компанијата, што претставуваше значаен финансиски притисок, барајќи од нас ефективно управување со трошоците и адаптација на ценовните стратегии, владините мерки и политики, кои имаа директно или индиректно влијание врз бизнис-амбиентот и потрошувачките навики, бараат континуирано следење, брза адаптација, агилност и голем ресурс на време, демографските промени: миграцијата и стареењето на населението влијаат врз пазарните динамики и побарувачката, барајќи внимателно приспособување на маркетинг-стратегиите и производните портфолија. Овие предизвици се и можности за раст и развој на компанијата, поттикнувајќи размислувања кон иновации, подобрување и одржување на ефикасноста и ефективноста.
Првата половина од 2024 година е зад нас. Какви резултати оствари Вашата компанија во овој период и колку сте задоволни од оствареното?
Остваривме зголемување на приходите од 8 % во споредба со истиот период минатата година. Дел од овој раст се должи на успешната интеграција на новите брендови, а дел на организацискиот пораст, но сепак планот кој го поставивме се покажа доста амбициозен. Мотивирани сме максимално и имаме јасна цел во втората половина од годината преку ефикасното управување на приходот и оперативните трошоци да го оствариме планираното.
Континуираното инвестирање во обука и развој на нашите вработени продолжува да дава позитивни резултати преку зголемено задоволство, мотивираност и ангажираност на вработените, како и намалување на стапката на флуктуација, што го сметаме за инвестиција на подолг рок.
Македонската економија бавно закрепнува од високата инфлација и порастот на цените. Како Вашата компанија ги надминува економските турбуленции?
Преку оптимизација на оперативните процеси, преговори со добавувачи и реорганизација на логистичките мрежи, успеавме да ги намалиме оперативните трошоци. Ова ни овозможи да ги минимизираме ценовните зголемувања кон клиентите и на таков начин да не бидат целосно зголемени цените на производите што ги дистрибуираме.
Со поддршката на вработените, преку обезбедување конкурентни плати и бенефиции, во најголем дел поврзани со зголемување на нивната продуктивност, дополнително влијаеме за надминувањето на високата инфлација и економската нестабилност.
Инвестираме во напредни софтверски решенија за управување со снабдувачкиот синџир, автоматизација на логистичките процеси и следење на стоката во реално време.
Со какви предизвици се соочува дистрибуцијата во Македонија и што недостига за подобрување на условите за работа на компаниите?
Развоен начин на размислување и дејствување: Oва се однесува како на законодавната и извршна власт така и на стопанствениците, сопствениците, менаџерските тимови и вработените. Потребно е далеку повисоко ниво на свесност за потребата од константна промена и унапредување на начинот на функционирање во бизнис-сферата, приспособување, примена на светски трендови во операциите без одложувања, работа на change management на лидерите и нивните тимови, за што искажуваме искрена отвореност за наша соработка и размена на практики. Ова е широка тема за дискусија, доволно голема за организација на самит. Развој на човечки ресурси: Обезбедување обуки и програми за развој на квалификувана работна сила во областите на дистрибуција, логистика, канали на снабдување, како и во малопродажбата. Инвестирање во инфраструктура: Подобрување на патната и транспортната инфраструктура, развој на модерни логистички центри и складишта. Стабилна и предвидлива регулатива: Поедноставување на регулативите и административните процедури, како и обезбедување стабилна и предвидлива правна рамка за бизнисите. Технолошка модернизација: Поттикнување инвестиции во напредни технолошки решенија и автоматизација за зголемување на ефикасноста и конкурентноста. Поддршка за иновации и одржливост: Стимулирање на иновации и примена на одржливи практики во дистрибутивните процеси. Со свесност и примена на мерки како овие, условите за работа на дистрибутивните компании и трговијата во Македонија ќе се подобри, што ќе овозможи зголемена ефикасност, одржлив раст и конкурентност во однос на земјите во регионот.
Трендовите во логистиката и дистрибуцијата се менуваат многу брзо. Како „Нелт СТ“ ги следи овие промени и што од најновите трендови применувате во работењето на компанијата?
Инвестираме во напредни софтверски решенија за управување со снабдувачкиот синџир, автоматизација на логистичките процеси и следење на стоката во реално време. Овие технологии ни овозможуваат подобра видливост, ефикасност и брзина во работењето. Применуваме напредни аналитички алатки за анализа на податоци од нашите операции кои ни овозможуваат да донесуваме информирани одлуки, да ги оптимизираме маршрутите за посети, нарачки и испорака, како и да ја предвидуваме побарувачката.
Интегрираме омниканални стратегии за да обезбедиме беспрекорно искуство за клиентите преку различни канали на продажба и дистрибуција, каде што користиме технологии за следење и анализирање на повратните информации од клиентите, со цел раст и развој на категориите.
Инвестираме во роботи и автоматизирани системи во финансиски операции, складирање и управување со резервите, планирање нарачки и мерење на ангажираниот капитал на компанијата.
Вашата компанија дистрибуира широк асортиман на производи. Дали планирате проширување на портфолиото на производи?
Тоа е дел од нашата стратегија, ние сме дистрибутерска компанија, а вистинското портфолио е предуслов за наш континуиран раст и развој.
Што ја издвојува „Нелт СТ“ од другите дистрибутивни компании во Македонија?
Колку и да звучи нескромно, сакам да подвлечам дека НЕЛТ е една од ретките компании во Македонија која е инкубатор на квалитетен кадар, преку континуирано вложување (на сите позиции во компанијата) во личен и професионален развој на своите вработени. Речиси и да не постои релевантна дистрибутерска компанија која не добила додадена вредност од некој „нелтовец“, за што сме особено горди.
Какви иницијативи презема „Нелт СТ“ во делот на општествената одговорност и одржливо работење?
Еден од нашите поголеми проекти како група е веќе потпишаниот повеќегодишен договор за стратешко партнерство со УНИЦЕФ, преку кој се покриваат повеќе пазари на кои работиме, Србија, БиХ, Македонија и Африка. Ќе дозволите повеќе за ова да кажам во следна пригода бидејќи официјалното претставување на проектот во нашата држава ќе биде во септември.
Компаниите се соочуваат со недостиг на работна сила. Како „Нелт СТ“ се справува со овој проблем и што треба да се направи за да се надмине ваквата состојба?
Како компанија континуирано инвестираме во вработените, создаваме посакувана средина и култура која поттикнува и мотивира. Голем простор за надминување постои во промени на законската регулатива, како на пример, вклучување на тинејџерите во работниот процес пред наполнети 18 години, потоа вклучување на пензионерите кои имаат остварено старосни пензии или пензии преку бенефициран стаж, сериозни државни привилегии за дефицитарните и стручни кадри кои се со забрзан тренд на напуштање на нашата држава, поттикнување и стимулирање на дуалното образование итн. Моментумот во државата, како никогаш досега, е да бара начин и да поттикнува намалување на државната администрација за премин кон реалниот сектор, со што сите граѓани би добиле двоен и долгорочен бенефит, а за тоа сме и одговорни, за сегашните и идни генерации.
Какви се плановите за понатамошен развој и раст на „Нелт СТ“ и што може да очекуваме во следниот период од Вашата компанија?
Клучните столбови за наш стратешки раст и развој се: забрзана дигитализација на процесите во сите сектори во компанијата, развој на сопствените брендови, развој на фармацевтскиот сегмент, нови аквизиции, влегување на нови пазари, капитални вложувања во инфраструктура со модерни, технолошки и енергетски решенија.
„Нелт“ е дистрибутивно, логистичка и производствена компанија која носи и живее промени, вложува во квалитетен развој на своите вработени, сериозно инвестира во светски трендови на дигитализација и автоматизација и има операции на 11 пазари на Балканот и Супсахарска Африка. Секогаш сме отворени за безрезервно споделување искуства со сите соработници, пренесување и добивање нови знаења, со цел да бидеме далеку поконкурентни и да бидеме во тек со промените.
Фото: InStore
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.