Локално

Анатол Кутревски: Силата на брендот е клучна за успехот на компанијата

27 Dec 2023

Земјоделскиот комбинат Белград – ПКБ со своите производи (млеко, брашно, шеќер) во Македонија е присутен од 1972 година. Од 1980 до 1983 година фирмата во Македонија се реструктурира, во неа влегуваат нови луѓе, меѓу кои и Слободан Кутревски, кој доаѓа на позицијата помошник-директор. Во 1986 година тој станува генерален директор, а во 1994 година компанијата станува 100% приватна компанија. „Пекабеско“ незапирливо инвестира како во производството така и во дистрибуцијата на познати брендови. Втората генерација го продолжува успешниот бизнис, овозможувајќи ѝ на компанијата зацврстување и напредок на работењето. За работењето на „Пекабеско“, како и за идните планови, разговаравме со Анатол Кутревски, кој во 2008 година стана втор извршен директор на компанијата. Кутревски има завршено бизнис-администрација на Американскиот колеџ во Солун, додека МБА има добиено на универзитетот Охајо во САД во 2005 година. Од дополнително образование има учествувано во Келог-школа за менаџмент на универзитетот „Нортвестерн“ во 2018 година, организирана од Мајк Зафировски преку организацијата „Македонија 2025“.

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Кои се клучните аспекти од работењето кои, според Вас, придонеле компанијата да опстои толку години на пазарот?

„Пекабеско“ постои долги години на македонскиот пазар, уште од претходниот систем во поранешна Југославија. Тоа придонело со посветена работа во рамките на компанијата и во односите со купувачите да се развие домаќински однос кој мислам дека е клучен за развојот и успешното работење.

Со колкав производствен капацитет располагате и од колку производи се состои вашето портфолио? Колкав дел од производството е наменет за извоз и на кои сè пазари?

„Пекабеско“ располага со капацитет од десет илјади тони готов производ. Нашето портфолио на производи под брендот се дели на трајни, полутрајни и конзервирани производи. Минатата година 52% од продажбата беа остварени на домашниот пазар, а 48% на странските пазари.

Предизвик кој е со подолготраен карактер во нашата земја е недостигот на работна сила. Очекувањата се дека ова ситуација и во иднина ќе се влошува и тоа негативно ќе влијае врз општиот развој на државата. Затоа сите заедно треба да преземеме нешто.

Покрај производството, силен сегмент на „Пекабеско“ е и дистрибуцијата. Колку луѓе се вработени во секој дел посебно? Каде гледате можност за понатамошен пораст и напредок во производството или дистрибуцијата?

Во делот на дистрибуција и логистика во рамките на нашата компанија работат 175 вработени. Ние напоредно посветуваме внимание на развојот на сите сегменти во работењето, иако морам да напоменам дека најголемиот дел од инвестициите во изминатиов период беа насочени кон развој на производството. Ние некако ги гледаме овие два дела поврзано и сметаме дека и двата се меѓусебно зависни и успехот на едниот сегмент зависи од другиот. Оттука и од двата дела зависи успехот на нашата компанија севкупно.

Како воспоставувате и одржувате соработка со трговските синџири? Според Вас, кои се клучните компоненти за успешна соработка со нив?

 Компанијата, како што кажав, долго време постои на пазарот и со текот на годините преку коректен и партнерски однос развила добри односи со купувачите. Секако, ова е бизнис и обврска на секоја компанија за да опстане на пазарот е да понуди конкурентен производ или услуга која крајните купувачи ќе бидат подготвени да ја купат. Па, така и трговските синџири би имале интерес да ги продаваат нашите производи.

Очекувањата се дека во следниот период цените нема повеќе да растат доколку на глобално ниво не се случи некоја дисторзија на пазарите што би влијаело на нивно повторно покачување.

Колку е тешко да се задржи силата на брендот во време кога има конкуренција меѓу брендовите, но и кога се зголемува силата на приватната трговска марка? Соработувате ли со трговците во поглед на производството на приватни трговски марки?

Ние сметаме дека силата на брендот е клучна за успехот на која било компанија без разлика дали се работи за приватна трговска марка или не. Производот мора да биде конкурентен со добар квалитет и конкурентна цена за да може да има успех на пазарот.

Често сте присутни на саемите, последно се претставивте на саемот „Ануга“. Колку овие саеми помагаат за проширување на работењето во странство? Може ли да издвоите некоја успешна соработка?

Ние извезуваме на пазарите од поранешна Југославија и имаме амбиција да излеземе од рамките на нашиот регион. Поради тоа, решивме првпат годинава да учествуваме на најголемиот саем за храна во светот „Ануга“ и очекуваме во следниот период да имаме позитивни резултати од нашето учество. Понатаму, сметаме дека саемските манифестации се добра основа за пронаоѓање нови партнери и за отворање нови пазари.

Како би ја опишале денешната состојба на месната индустрија во Македонија? Како институциите можат да му помогнат на реалниот сектор?

Состојбата во месната индустрија во Македонија е сива и, за жал, не оди во добра насока. Се соочуваме со пад на производството во изминативе две години и пад на бројот на вработени. Имаме долгогодишно барање како индустрија до државата да се укинат царинските давачки за увоз на свинско месо кое го користиме како суровина, но за жал досега тоа не е решено.

Предизвик за производството е набавката на квалитетни суровини. Како вие го имате решено овој проблем?

Ние сме мала држава со мало производство на суровини и репроматеријали. Најголемиот дел од суровините и репроматеријалите доаѓаат од увоз поради тоа што не се произведуваат во нашата држава.

Се соочуваме со пад на производството во изминативе две години и пад на бројот на вработени. Имаме долгогодишно барање како индустрија да се укинат царинските давачки за увоз на свинско месо, но за жал досега тоа не е решено.

 

Дали на македонскиот пазар сè уште е најбитна ниската цена на производот за крајните потрошувачи? Според Вас, како ќе се развиваат цените на готовите производи, но и на суровините наредната година?

Во изминативе години забележуваме миграција на потрошувачката од поевтините кон производите во повисока ценовна категорија. Сметаме дека тоа, пред сè, се должи на зголемување на платите кое го имаме во изминативе неколку години во Македонија. Очекувањата се дека во следниот период цените нема повеќе да растат доколку на глобално ниво не се случи некоја дисторзија на пазарите што би влијаело на повторно покачување на цените на суровините и енергијата.

Во кој сегмент од менаџирањето на компанијата имате најмногу предизвици?

Во изминативе години имавме предизвици - најпрво пандемијата, а потоа инфлацијата, но тие беа од времен карактер. Предизвик кој е со подолготраен карактер во нашата земја е недостигот на работна сила и тука сметам дека и компаниите и институциите треба да применат поинаков пристап за да се почне со решавање на овој проблем. Очекувањата се дека ситуацијата со недостигот на работна сила во иднина ќе се влошува и тоа негативно ќе влијае врз општиот развој на државата и затоа сите заедно треба да преземеме нешто.

Производот мора да биде конкурентен со добар квалитет и конкурентна цена за да може да има успех на пазарот.

Како во „Пекабеско“ се грижите за вработените? Како мислите да го решите проблемот со недостигот на работна сила?

Се трудиме во рамките на нашите можности да понудиме добри услови за работа на вработените, пред сѐ, да ги приспособиме платите согласно условите на пазарот на труд. Сепак, сметам дека главниот проблем е физички недостиг на кадар што не може да се реши само со едноставно подигнување на платите, туку и ние како работодавци и институциите треба да размислуваме за увоз на работна сила за да може да ги одржиме работните процеси на посакуваното ниво.

Какви резултати очекувате годинава? Кои се вашите планови/цели за наредната година, може ли да очекуваме нов производ, бренд или инвестиција?

Годинава очекуваме солидни резултати и покрај сите предизвици. Постојано работиме на развој на нови производи и на модернизирање на производството, па така ќе имаме новитети во овој сегмент следната година.

 

 

 

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...