Кристијан Балески, бренд-менаџер, MAMA’S
Разговараше: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk
Брендот MAMA’S годинава ќе слави 13 години постоење. Роден локално, за овој период порасна глобално толку што денес е присутен во 52 земји во светот. Пет отсто од производството е за домашниот пазар (го има во 80 отсто од сите македонски продажни места), а високи 95 отсто е за извоз. Нашиот соговорник Кристијан Балески има 10 години искуство во развој на брендови, од кои пет години e вклучен во развојот на брендот MAMA'S, првично како кантри-менаџер, а од 2020 година e на позицијата бренд-менаџер. Со него разговаравме за сегашното позиционирање на нивните производи на домашниот и на странските пазари, за идните планови и за развојот на новите продукти во категоријата „суперхрана“.
Прв производ под брендот MAMA’S беше ајварот. Колку производи сега брои портфолиото? Кој од нив е предводник на продажбата?
Пред 13 години брендот MAMA’S ги лансира домашните рецепти на пазарот. Од оваа перспектива би рекле дека тоа е една револуција која направи извонредни промени на пазарот. Претставивме спој на автентични, традиционални домашни македонски рецепти за сите оние што уживаат во здрава, квалитетна храна, создадена од 100 отсто природни состојки.
Ајварот секако е најпознатиот традицио- нален рецепт кој ги допре најдалечните меридијани на Земјината топка, но портфолиото во моментов брои повеќе од 15 различни домашни традиционални рецепти и заедно со новата „суперфуд“ линија имаме 17 продукти во повеќе од 40 различни пакувања, наменети да ги задоволат најпребирливите купувачи низ
целиот свет. Од денешна перспектива најбитно е тоа што ја револуционизиравме категоријата во која долги години не беше претставен нов вид продукт освен индустрискиот ајвар од варена пиперка. Сега, по 13 години напорна работа, можеме да видиме дека во таа категорија доминираат домашните ајвари од печена пиперка.
Колкави се дневните капацитети за преработка на суровините за производите под овој бренд? Станува ли сe потешко да се најдат квалитетни суровини?
Количините што ги преработуваме се големи, односно еднакви за 52 земји на кои ги пласираме производите. MAMA’S е прв бренд кој работи на принцип на договорно производство со производителите на пиперки, односно уште на почетокот на годината склучуваме договори за количини и цена, па така ги добиваме најквалитетните струмички пиперки. Според нашите пресметки, директно или индиректно нашата компанија влијае врз повеќе од 25.000 луѓе во нашата економија. Тоа е една сериозна бројка на поврзани субјекти кои работат со иста цел - квалитет без компромис. Па така, кога сите заедно се грижиме за крајната цел, пречки не постојат.
За нас како компанија, најперспективни пазари се американскиот и европскиот пазар поради отвореноста на купувачите за нови производи и секако поради повисоката куповна моќ за премиум брендови.
Како работите на развој на брендот? Колку инвестирате во визуелно брендирање, промоции, кампањи, посета на саеми...? Колку е потешко (или полесно) да се гради ваков бренд во странство?
MAMA’S е глобален бренд со висококвалитетни, премиум производи, направени само од природни состојки од нашето поднебје кои се подготвуваат по традиционална рецептура, процес кој потрошувачите лесно го препознаваат. Би рекол дека е лесно да се развива бренд кој е конзистентен и висококвалитетен. Во изминатите години напорно работевме за вредносно да ја подигнеме категоријата, ја зголемивме продажбата и го продолживме периодот на консумација од сезонски на продукт кој се консумира во текот на целата година. Покрај промоциите и кампањите во сите земји каде што сме присутни, нашата приказна ја раскажуваме на двата најголеми светски саеми, „Сумер фенси фуд“ во Њујорк, кој се одржува секоја година, и „Ануга“ во Германија, кој се одржува секоја втора година. Оваа година MАМА’С го имаше задоволството и честа да ја освои престижната златна награда „Sofi™ Award“ во категоријата „салса“ и „дип“ за MAMA’S ајвар лут 550 г, која ја доделува „Сециалити фуд асосиејшн“ при „Сумер фенси фоод“.
Имате ли планови за дополнително зголемување на портфолиото?
Нашите технолози вредно работат на развој на нови продукти во уште една нова категорија за нас, секако, и тука ќе бидат запазени основните принципи на нашето работење и автентичноста на нашиот бренд. Повеќе информации ќе споделиме штом ќе завршиме со финалните проби на новите вкусови.
Каква е соработката со домашните синџири маркети? На колку продажни места во државава сте присутни?
Политиката на MAMA’S е дека дистрибутерот треба да работи со речиси сите продажни места, наша цел е да ги позиционираме производите најблиску до секој наш купувач - дали е тоа голем синџир на маркети или мала локална продавничка. Секогаш сме најблиску до нашите потрошувачи, во бројки би рекол некаде во 80 отсто од сите македонски продажни места.
Во колку земји сте присутни, колкав дел од производството е наменет за извоз? Лоциравте ли кои би биле следните пазари за освојување? Во таа насока, Русија повеќе не е меѓу топ-3 пазарите за извоз на македонска храна. Се најде ли алтернатива за овој пазар?
Во моментов производите се продаваат во 52 земји, но тој број секојдневно расте. Ние сме во секојдневна комуникација со потенцијални клиенти од целиот свет со цел проширување и освојување повеќе нови земји. Уште од почетоците сме исклучиво извозно ориентирана компанија, па така околу 5 отсто од производството е за македонскиот пазар, останатите 95 отсто се за извоз. Конкретно во изминатиот период фокусирани сме на развивање на дистрибуцијата во МЕНА-земјите како еден исклучително развоен регион што дополнително привлекува луѓе од целиот свет. За нас како компанија, најперспективни пазари се американскиот и европскиот пазар поради отвореноста на купувачите за нови производи и секако поради повисоката куповна моќ за премиум брендови.
Вашите производи се познати по традиционалниот квалитет кој континуирано го одржувате. Но, што е со иновациите, во кој дел од работењето ги имате воведено и колку тие ви се важни за работењето?
MAMA’S е традиционален, но сепак модерен бренд, достапен во повеќе категории за да ги задоволи вкусовите на луѓето кои водат динамичен живот и имаат префинет вкус кога се работи за храна и хранливи продукти. Во изминатата година работевме на промоција на нашата нова „суперфуд“ линија производи со исклучителна хранлива вредност: ванила крем и какао крем, кремови направени на база на печена тиква со маџун како засладувач, сок од портокал, цимет и ванила. По пет години развој претставивме еден нов иновативен, револуционерен, би рекол и единствен производ кој е без шеќер, без млеко, без палмино масло, едноставно суперхрана за сите луѓе што континуирано го консумираат. Тоа е една од најважните иновации за нас, на која работиме во изминатите години, продукт со огромен потенцијал кој ги задоволува сите трендови во здравата исхрана. Минатиот месец лансиравме нов продукт MAMA’S салса дип во блага и лута варијанта по рецептот на мама Катерина. Употребивме само природни состојки, печена пиперка, домат, босилек и лук, кои му даваат совршен вкус и на најсложените рецепти.
Како се борите со конкуренцијата,кои ви се главните адути?
Главниот адут на MAMA’S е автентичноста, ние единствено го имаме истиот вкус во сите 52 земји каде што сме достапни. Едноставно, иста тегла за секоја земја без фаворизирање на пазари. Тоа го постигнуваме на начин што сите тегли се произведуваат и потоа се етикетираат следствено на нарачките на партнерите, па така сите тегли мора да бидат исти и не се знае која тегла каде ќе заврши низ светот. Дали сте отвориле тегла во Костарика, Канада, Јапонија или Австралија, за вас е исто, го имате истиот вкус и мирис на нашите традиционални домашни рецепти.
Придобивка е и тоа што нашиот производствен погон е опкружен со свежи пиперки, па веднаш по бербата пиперките, модриот патлиџан, сончогледовото масло и морската сол се преработуваат и така добиваме квалитет на највисоко ниво во светски рамки. Исто така, уште еден адут е тоа што континуирано работиме да ги зголемиме перцепцијата и едукацијата на потрошувачите за фактот дека продуктите од пиперка, ајвар, малиџано, тавче-гравче, подварок се дел од нашата национална храна и треба да ги промовираме како такви секаде каде што одиме.
Ние единствено го имаме истиот вкус во сите 52 земји каде што може да најдете MAMA’S тегличка. Едноставно, иста тегла за секоја земја без фаворизирање на пазари.
Поради инфлацијата на светско ниво,потрошувачите го стегаат каишот и за секојдневни стоки, а тука се и зголемените трошоци за производство... како тоа се одрази врз вашето работење?
Во последните неколку години сe поскапи, но продажбата во волумен не опадна бидејќи следевме еден основен принцип, а тоа е да ја зголемиме цената колку што мораме, а тоа никако да не влијае врз
врвниот квалитет на производите. Тој едноставен принцип е препознат од нашите верни потрошувачи и тоа нe диференцира на пазарот.
Што можеме да очекуваме од MAMA’S до крајот на годинава?
Во идниот период посветено ќе работиме на промоција на здравата суперхрана како една прилично нова категорија на македонскиот пазар. Постпандемското живеење наметна позитивни промени во начинот на живот и, пред сe, здрава храна без шеќер, без палмино масло и бездодадени вештачки состојки, едностав- но чиста, природна храна. Продуктите со истакнати функционални придобивки ќе бидат во центарот на вниманието на потрошувачите, кои сe повеќе и поактивно ќе се грижат за сопственото физичко и ментално здравје.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.